Фото: „Нова Македонија“

Палењето и уништувањето на трската – сè поопасен тренд со сериозни еколошки импликации

Палењето и уништувањето на трската станува сè поопасен тренд со сериозни еколошки импликации. Трските, од кои еден вид во Охридско-струшкиот Регион е и автохтон, се извонреден филтер за езерото и езерските води, а потоа и природно живеалиште на птици, риби и на други животински видови. Тие сега се под директна закана од негрижата на човекот, а за тој пиромански нагон кај луѓето, со стравотни последици, „Нова Македонија“ секоја година предупредува, алармира и се обидува да мобилизира што поголем број совесни граѓани за спротивставување на оваа деградација на животната средина.
Надлежните органи најавуваат засилена контрола, а јавноста и локалните жители повторно се повикани на одговорност и внимателност при палењето огнови на отворено.

Последни примери на масовно уништување на трската во Охридско-струшкиот Регион

Алармантно се уништува трска во Охридско-струшкиот Регион – едно од најзначајните природни живеалишта за автохтона флора и фауна. Последниот инцидент е регистриран викендов, во месноста Трно во Охрид. Од СВР-Охрид потврдија дека во овој пожар изгореле околу седум хектари трска, но и дека нема повредени лица. Територијалната противпожарна единица од Охрид навремено интервенирала и го локализирала огнот од запалените трски, кој се заканувал да причини уште поголеми штети на имотот на локалното население.
Натаму, речиси во исто време викендов, на регионалниот пат Струга-с. Калишта била запалена трска покрај езерото, што причинило голема девастација на локалниот екосистем.

Што сѐ прави трската?

Површините со долгогодишна трска обезбедуваат храна и засолниште за голем број птици, инсекти и други животни. Некои научни истражувања сугерираат дека „коректното управување со ваквата форма на езерски крајбрежен екосистем, за време од само една-две години, може да го максимизира бројот на птици и безрбетници“.
Површините со трски обезбедуваат екосистемски услуги како што се „секвестрација на хранливи материи, стабилизација на почвата и третман на отпадот“. Во истражувањата за трските се сугерира дека „поради нивната отпорност на влијанијата од климатските промени, површините со трска може да обезбедат корисни екосистемски услуги што треба да се земат предвид во крајбрежните екосистеми, дури и кога се сметаат за инвазивен вид“. П.Р.


Пожарот зафатил огромна површина трска која има непроценливо значење за биодиверзитетот

Во името на Денот на нашата планета

Денот на планетата Земја се одбележува секоја година на 22 април. Денот е потсетник за важноста од зачувувањето на животната средина и природните ресурси за идните генерации. Мисли еко глобално, но дејствувај локално! Годинава овој ден се слави под мотото „Наша моќ, наша планета“.
Нарушувањата на животната средина, деградацијата на земјиштето и губењето на шумите веќе ги загрозуваат системите за храна и животите на милиони луѓе. Но промената е можна, и тоа сега. Денеска потсетуваме на деградацијата на еден растителен вид, чиј потенцијал и капацитет во Македонија ниту оддалеку не се откриени ниту искористени во духот на екологијата и одржливоста на нашата животна околина и наедно на планетата Земја, заради следните генерации…


Некои бенефити што ги нуди трската, а што сѐ уште „чекаат да бидат исползувани“

1. Храна

Младите листови, изданоците (ластари), младите корења, како и семките на трските се јадливи. Младите ластари може да се готват или да се јадат свежи. Младите стебла, „додека се уште зелени и месести, може да се исушат и да се измелат во ситен прав, кој кога ќе се навлажни се пече како бел слез“. Семињата и ризомите „може да се сомелат во брашно или да се направи каша“.
На пример, во Јапонија, младите листови се сушат, се мелат, а потоа се мешаат со брашно од жито за да се направат кнедли. Трските, особено младите изданоци, без проблем можат да бидат храна и за домашните тревопасни животни (крави, коњи, овци и кози).
Некои други употреби на трските вклучуваат изработка на кошници, рогозини, душеци и хартија.

2. Фиторемедијациски третман на водата и биотрансформација

Трската е еден од главните мочуришни растителни видови што се користат за фиторемедијациски третман на водата.
Отпадната вода од тоалетите и од кујните се насочуваат во подземен оддел налик на септичка јама каде што се дозволува цврстиот отпад да се таложи. Водата потоа тече низ изграденото вештачко корито низ трска, каде што бактериското дејство на биоремедијацијата на површината на корените и леглото од лисјата отстранува некои од хранливите материи во биотрансформацијата. Водата потоа е погодна за наводнување, полнење на подземните води или за ослободување во природните водотеци.
Да потсетиме и дека трската одамна многу често се користела за сламени покриви на куќите.