Лева и Десна Чешлагија

Некогаш, нe многу одамна, постоеја две соседни царства – Лева Чешлагија и Десна Чешлагија. Сo Левата Чешлагија владееше императорот Амос IV, a со Десната Само VI. Oмилени бои на левочешлагистите беа виолетовата, зашто мириса убаво, и црната, зашто е сериозна, но воопшто не ја сакаа белата, затоа што многу се валка.
Десночешлагистите, пак, ги сакаа розовата, зашто е како балерина, и белата, зашто е најчиста, а сите беа против црната, зашто го растажува времето.
Лесно е да се претпостави дека односите меѓу двете соседни држави беа променливо студени накај мраз студени. Кога тие особено ќе застуделе, дипломатите од Лева Чешлагија задолжително облекувале црни, а оние од Десна бели (топли) костуми.
Понекогаш, што е и нормално за вакви геополитички ситуации, поединци емигрираа од левата кон десната страна и обратно, од десната кон левата, и притоа, сосема доброволно, ги менуваа патецот и бојата на облеката сообразно со новите услови на живеење. На оние, пак, што поради скржавата мајка природа станале ќелави, секогаш им стоеле на услуга перики во разни бои и со разни должини на косата. И со соодветен патец.
Амос IV и СамоVI беа стопроцентно убедени дека се центар на светот, па откаде сега со некои таму вонпартиски слабаци, мативоди, теоретичари, терористи… да водат дијалог? Не доаѓа предвид! Се бара цврста определба – Да! Не! Нерешителните особено им одеа на нерви затоа што немаа никаков ред во облекувањето. Замислете, носеа и бела (млечна, крем, драп) и црна (ѕифт црно, ќумур црно, чад црно, модро црно) облека и најчесто ги комбинираа! А налето, виолетови маици со розови шарки! И тоа со куси панталони!
Приказнава е без вистинско наравоучение, зашто најважниот фактор, гласачкото тело, ја прави, барем досега и на овој простор, неподатлива. Но доволно е добра да се поврзе со една друга варијација од фантазијата на тема: Бувот и Синото.

„Бувот е единствената птица што може да ја види сината боја“, прочитав во една рубрика за бизарности. Како и секоја бизарност од овој тип, и оваа е подложна на проверка, што, според истата рубрика, а со помош на интернет, ја вршат 70 проценти од читателите. Сепак им припаѓам на оние другите 30 проценти што необичните особености на мајката природа ги прифаќаат фантазерски.
На пример: бувот е, како што е општопознато, ноќна птица. Една од ретките што ноќе многу повеќе се служат со очите отколку дење. И како може таму, во шумата, каде што доминираат зелената и кафеавата, и тоа кога е мрак, да види сино? Можеби единствено неколку диви синолички расеани по шумската полјанка, некоја мов што оди кон сина нијанса, сините бопчиња од грмушките и, ако се погоди поголема река, бојата на водата што тече. Ситнеж, ќе речете, но и тоа се веќе извесни предности над другите птици. Без да ја спомнеме најголемата и несомнена привилегија: НЕБОТО! Бувот има можност да го гледа небото од приквечерното синило кон виолетовото при заодот, па кон веќе споменатото модро-сино на полноќ, што далтонистите го нарекуваат црно, а кое е длабоко како ноќен океан.
Притоа, другите птици, за кои сите нешта се црно-бели, веруваат дека за кутриот був нема надеж – тој, едноставно, е фрлен да го преживее својот живот во најмрачниот мрак.