Разбирам и ривалство и борба за титула и револт и алергија (или исип на кожата) кон доскорашната ракометна влада, која е инкорпорирана во клубот од Автокоманда, но мора да имаме мера и граница, особено кон оние што направиле нешто за оваа држава. Па, имал тој некој и лимон-карактер и амбиција да ги контролира работите во стилот на „примерот“ од Умаг
Колумна на Горан Ѓоргоноски во две продолженија (1)
Пасха или Велигден, најголемиот христијански празник, кој означува Христово воскресение. Симбол на верата и, како што самиот збор Пасха или еврејски Pesach, значи „преминување“ од смрт во живот, односно воскресение. За мене лично, некогаш, највеселиот период од годината, именденот на мојот покоен татко Паско, како своевидна свадба, во домашни услови, на која ѝ претходеа едномесечна „вонредна состојба“ на средување на куќата и подготовка на сѐ што треба да излезе на трпезата.
Честит Велигден на сите што го слават, посакувам здравје, љубов и благосостојба!
Во чест на Пасха и именденот на мојот татко, а силно мотивиран од прексиноќешната претстава на нашиот Алкалоид во полуфиналето од Купот на ЕХФ, против силниот Рунар Сандефјорд, предводен од живата легенда на светскиот ракомет Бјарте Мирхол, како противтежа на нашиот Кирил Лазаров, на другата страна, и пласманот на младите ракометари на Пелистер на фајналфор-турнирот во Келн, по долга пауза се „фатив“ за тастатура. (Пре)многу настани, натпревари, ситуации за период од нецел месец откако ја напишав последната колумна „по Романците“, а имам чувство како да поминала цела година.
Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија, од кои првото продолжение оди денеска.
Првата колумна ќе ги опфати „патувањето“ и патешествијата на Алкалоид во домашниот плејоф, како екипа што ги одигра сите (или речиси сите, со исклучок на гостувањето на Пелистер во Охрид) значајни (од аспект на распределба на трофеите) натпревари периодов, а во втората за настапот на „тимот од Автокоманда“ во ракометна Европа, по плус пет од првиот дуел со надеж дека ќе остане „жива“ во Европа и по крајот на април. Исто така, пишувам и за состојбата во македонскиот ракомет и за подвигот на младите битолчани и пласманот во Келн.
Почнува првото продолжение…
Од последното мое јавување со колумна, почна плејофот, со гостување на Алкалоид во „Јане“, но и во Битола и во Охрид, како убава најава за европскиот суперпредизвик против норвешкиот Рунар. Респектабилно густ распоред на квалитетни и важни натпревари дури и за екипа со фудбалски ростер на играчи, во однос на бројноста, особено ако се имаат предвид проблемите со повредите што тимот од Автокоманда ги има(ше) периодов.
А како се справи овој релативно млад состав на играчи со горенаведениот предизвик?
Македонецот мора да ги почитува што направиле нешто за државата
На стартот, во „Јане“ без поддршка од голмани, „испукувајќи“ сѐ што има од својот арсенал, во однос на расположливи зони, Лазаров долго беше во игра, благодарение на двоецот Ѓоргиев-Стојковиќ, но на „нападoт од надвор“, со тешка артилерија, предводена од Борозан и од Хорига, не успеа да одговори адекватно и загуби (пре)убедливо. Во игра беше и поради фактот дека Сињор Милано експериментираше со зоната во која го немаше Аларов, како партнер на Мечка Лазаревски. Кога тие двајца се „споија“, промајата во зоната на „двократниот“ исчезна и сѐ беше полесно или потешко, зависи од која страна на реката Вардар функционираш и твориш.
Нејсе, мојот впечаток е дека Алкалоид играше многу посодржајно во напад, многу повеќе „работеше“ за секој погодок, наспроти индивидуалните решенија на Вардар, игра на суров квалитет, кој го имаат Борозан, Лазаревски, Хорига, Џомба Георгиевски и другите.
За разлика од „Јане“, во „Боро Чурлевски“ беше друга приказна. На самото место уште еднаш се уверив во љубовта на чкембарите кон битолскиот спортски бренд, омразата кон скопјани и „нивната држава“, но искрено (не) ме изненади непочитувањето кон најголемиот спортист што го имала Македонија во последните сто години. Разбирам и ривалство и борба за титула и револт и алергија (или исип на кожата) кон доскорашната ракометна влада, која е инкорпорирана во клубот од Автокоманда, но мора да имаме мера и граница, особено кон оние што направиле нешто за оваа држава. Па, имал тој некој и лимон-карактер и амбиција да ги контролира работите во стилот на „примерот“ од Умаг.
Колку чини да се плати, фитиљ да клава голој од наша страна?
Што се однесува до самиот натпревар, во кој уште пред стартот судиите што „свирнаа“ или „не свирнаа“, беа главна тема, во ситуација на „лоши“ одбранбени зони на двете страни, слаби бројки на голманите, техничките грешки беа тие што го носеа Пелистер до сигурна победа. Натпревар на кој Мистер Раул почна „да вади рогови“ и да покажува фалинки, да презентира дилетантизам, во ситуација кога со „рацете во џеб“ и директ од кафеана сакаше да му се спротивстави на Кирил Лазаров. Покрај добрата атмосфера во тимот, која Мистер Раул очигледно знае да ја направи, а која не е неважна, не е на одмет овој Пелистер да почне да игра ракомет надвор од индивидуалниот квалитет на поединци и тактика „ко му иде“. Алкалоид повторно играше подобро на поставен напад, тактички подобро подготвен, одлично користи транзиција и му трча во грб на противникот, но нема(ше) играч како Фитиљ на своја страна, за да може „да прошета“ низ Битола. Убеден сум во тоа.
Прашање за Борзаш, Тајник, Хосни и другите: Колку чини да се плати, Фитиљ да клава голој од наша страна?
П.С. Битолчани се пред промоција во однос на титулата, иако има уште „за орање нивата“. Но, ова што го видовме во Кавадарци, Охрид и дома со Алкалоид треба да го вклучи алармот, пред да биде доцна, во случај на пораз во Автокоманда и победа на лутиот ривал во истата таа сала. Зависноста на тимот во поле од еден играч и незаинтересираноста или, не дај боже, неквалитетот на преостанатите играчи во поле, не е состојба што е посакувана за (нај)големиот ракометен бренд во државата. Толку.
Градот покрај езерото не заслужува ваков однос од играчите
„Билјанини извори“, како следна станица на „децата на Лазаров“, пак, покажа или потврди уште еден факт. Тимска игра на супервисоко ниво, при која „обичен“ (па и со изострен вид) гледач на ракомет многу тешко ќе глорифицира одреден играч, како суперквалитет на тимот од Автокоманда. Се разбира Симба, во отсуство на ракометниот Брус Ли, покажа дека зрее во најдобар организатор во македонскиот ракомет, отфрлајќи ги сите сомнежи околу моменталниот квалитет и споредби со одредени играчи, на негова позиција, кои или играат во неконкурентни екипи или не добиваат минутажа во оние што се борат за титулата. Симба континуирано расте и сѐ подобро слуша и извршува тактички замисли на „шефот“. Подготвен е да носи екипа, и ако е нешто добро во лошата повреда на Марко Митев, тоа е принудната ситуација на Ѓоргиев да носи екипа и созрева во сериозен ракометен репрезентативец.
Што се однесува до самиот натпревар, ми се потврди тезата дека Охрид игра најлош ракомет во државата, од засега непознати причини, со многу странски (не)квалитетни ракометари во тимот. Навистина е неверојатно како тренер како „стариот“, за кого имам супервисоко мислење во однос на струка, ја донесе работата до тоа „екипата да не му гине“, да шетаат по терен и да чекаат да дојде јуни, да соберат арачот и да фатат магла. Немам информација, искрено, но овој тим заслужува минимум -30 отсто од плата. Вакво однесување на странски играчи (па и македонски, да не останеме покуси) може да се толерира само во Македонија, која стана „крава молзница“ за скапи второ и третокласни странски играчи.
Македонскиот ракомет во мат-позиција
Македонскиот ракомет се наоѓа во чудна ситуација. Четири клуба трошат сериозни (за македонски услови) средства на купување играчи, од кои три клуба купуваат едночудо странци, а четвртиот пазари Македонци што играат во преостанатите три клуба. Правилата велат дека максималниот број странски играчи во домашно првенство е осум, а од тоа најголема корист ќе имаат добар дел просечни или млади македонски играчи и суперветерани, кои ќе наплатат солидно, но и ќе бидат статистичка бројка. Тешко дека многумина од нив ќе добијат шанса да играат и напреднат, но ќе бидат и тоа како задоволни со примањата, влегувајќи во комфорна зона, каде што одговорноста е мала, а примањата солидни. Тоа ќе доведе до намален број квалитетни играчи, кои знаат да понесат одговорност, да добијат и загубат натпревар. Позната дијагноза од македонската кошаркарска сцена!
И сѐ додека на некој „добронамерник“ не му текне да ја тргне „високо“ поставената летвичка од осум странци во домашната лига.
Тогаш го обравме бостанот!
(продолжува)
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на
проектот „Ракомет за секое дете“