Во рамките на посетата, учениците учеа за процесот на производство на земјоделски производи во Американското земјоделско училиште во Солун, на фарма за одгледување и производство на маслинки и киви. Учениците првпат имаа можност да садат киви и го проследија процесот на калибрирање и пакување. Цели две недели за нив се грижеа професорите Ѓорѓија Гагалески и Игор Галоски

Средношколци од СОУ „Орде Чопела“ престојуваа во Катерини, Грција

Последните две седмици од март, учениците од СОУ „Орде Чопела“-Прилеп, заедно со дел од нивните наставници, ги поминаа во учење и во дружба со врсниците во соседна Грција. Идните агротехничари, техничари за фитомедицина и техничари по ветеринарна медицина посетија училишта, институции и приватни компании во Грција, реализирајќи 60 часа практична настава.

Средба со колегите
од Грција

Нивните професорки Ружица Јагуриноска, Анкица Илиеска, Ангела Жежоска, Елизабета Трајкоска, Каролина Дамјаноска, Наталија Гарбеска и социјалната работничка Ема Николоска, пак, се сретнаа со своите колеги и го реализираа проектот „Работа во сенка“, со кој ги воочија разликите во својата професија како наставници и стручна служба со своите колеги од Грција, како од приватниот така и од државниот сектор. Усвоија нови методи на работа со учениците, следеа активности и решаваа проблеми што произлегуваат од училишни, стручни или лични области на животот. Пронаоѓаа нови начини за пренос на знаење и за ефикасно решавање на секојдневните проблеми и информации, со цел ефикасна, побрза и поефективна работа со учениците.
Во рамките на посетата, учениците учеа за процесот на производство на земјоделски производи во Американското земјоделско училиште во Солун, на фарма за одгледување и производство на маслинки и киви. Учениците првпат имаа можност да садат киви и го проследија процесот на калибрирање и пакување. Цели две недели за нив се грижеа професорите Ѓорѓија Гагалески и Игор Галоски.
Ученикот Стефан Богески од профилот агротехничари, со радост раскажува за својот двонеделен престој во Катерини, Грција.
– Како агротехничар и фармер со над 100 грла крави и голем семеен имот за земјоделско производство, овој проект за мене е нова ширина, која ќе ми отвори нови перспективи за понатамошна кариера во земјоделството. Овој проект ми докажа дека ако вредно се работи и навистина се сака работата, која е и семејна традиција во моето семејство, може и да се напредува во неа – вели Стефан.
Учениците, меѓу другото, посетија и млекарница, каде што се запознаа со процесот на производство на млеко и млечни производи, ја посетија и ветеринарната клиника во Катерини, каде што се запознаа со најчестите причини за болести, практикуваа тријажа и ги препознаваа клиничките знаци на болести кај животните, потоа посетија плантажи за производство на грозје и винарница, каде што учеа за производство и складирање вино, а посетија и локален коњички клуб, каде што се запознаа со расите коњи и начинот на нивното одгледување.
Ученичката Ангела Јованова сега е трета година и ќе биде иден техничар по ветеринарна медицина. Таа е среќна и благодарна што имала можност да учи и да се дружи преку оваа размена.

Збогатување на знаењата

– Почестена сум што бев одбрана за проектот „Еразмус+“ од страна на професорот Игор Галоски. Мислам дека овој проект е одличен начин за ние како ученици да ги збогатиме нашите знаења, да истражиме нови места, да стекнеме многу нови пријатели, но најважно и да се забавуваме. Престојот беше одличен, домаќините беа многу љубезни и фини. Во ветеринарната клиника имавме можност да видиме доста тешки клинички случаи и видовме дека со примена на модерната опрема и апаратура, докторката преку современ пристап полесно ја поставуваше дијагнозата за што побрзо лекување на животното. Исто така имавме можност да посетиме различни места и знаменитости (Солун, Катерини, планината Олимп, манастирите Метеора итн.), запознавајќи ги историјата и културата на истите тие. Многу би сакала повторно да бидам одбрана во иднина за некој сличен ваков проект – ни раскажа Ангела.

– Целта на овие часови реализирани преку практични активности е и воведување претприемачки вештини во земјоделскиот сектор кога преку учење базирано на работа и подобрување на практичните вештини ќе се подобрат и изгледите за нивна успешна идна кариера и ќе се зголемат иницијативата и мотивацијата на учениците за учество во идното образование – ни рече професорката Ружица Јагуриноска, агрономка од СОУ „Орде Чопела“.
Организатор на оваа размена е фондацијата „Агро центар за едукација“ (ФАЦЕ) од Скопје, а како плод на долгогодишната соработка меѓу ФАЦЕ и СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, која трае веќе петнаесетина години, дојде до реализација на овие прекрасни проекти, кои остануваат трајно впишани во меморијата на учениците и професорите.