Фото: ЕПА

Светот се простува од поглаварот на Римокатоличката црква

На вториот ден од Велигден, вчера, на 21 април, Ватикан ја објави веста дека на 89-годишна возраст почина поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Кој беше папата Франциск?

Папата Франциск, односно Хорхе Марио Бергољо, бил роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина. Тој бил дете на мигрантско семејство, кое од северна Италија имигрирало во Аргентина.
Пред да стане свештеник, папата Франциск, односно Хорхе Марио Бергољо се школувал за индустриски хемичар. Но интересно е што една случајна средба со непознат свештеник му го сменила животот и го насочила кон духовниот пат. Ракоположен бил во 1969 година. Дотогаш, како што самиот признава во биографијата од 2010 година, излегувал со девојки, танцувал танго, па дури и работел како обезбедување во ноќен клуб.
Прво студирал во Диоцезна семинарија (Seminario diocesno), а потоа му се приклучил на редот на језуитите. Во 1973 година, со само 36 години, станал главен на језуитската заедница во Аргентина – функција што ја извршувал до 1979 година.
Во текот на т.н. Нечиста војна во историјата на Аргентина (1976–1983), период на политички прогон и исчезнувања, тој го обликувал и го рафинирал својот духовен и човечки став. Од конзервативен свештеник се претворил во фигура со длабоко сочувство и силно чувство за социјална правда, но и со големи амбиции за повеќе да придонесе за тие цели.
Во 1998 година бил именуван за надбискуп на Буенос Аирес, а три години подоцна, папата Јован Павле Втори го назначил за кардинал.
Во 2001 година во Синодот на епископите во Рим, Бергољо неочекувано го заменил кардиналот Едвард Еган и како главен известувач добил голема почит. Оттогаш средината во Ватикан започнала да го препознава него како потенцијален папа во иднина.
На конклавата во 2005 година, каде што се избираше наследникот на Јован Павле Втори, се водела трка меѓу Бергољо и Јозеф Рацингер (подоцна папа Бенедикт Шеснаесетти). Наводно, Бергољо добил дури 40 гласа во еден од круговите на гласање.
По оставката на Бенедикт Шеснаесетти во февруари 2013 година – прва таква оставка по повеќе од 600 години – на 13 март, Бергољо бил избран за нов папа и го зел името Франциск, во чест на Св. Франциско Асишки.
„Кога бев избран, мојот пријател, кардиналот Клаудио Хумес, ми прошепна: ‘Не заборавај ги сиромашните’. Тоа ми остана длабоко во срцето и веднаш помислив на Франциско Асишки“.

Франциск стана првиот папа што воопшто го употребил зборот „геј“

Од самиот почеток на својот понтификат, Франциск донесе свежина и скромност. Наместо да живее во раскошните апартмани на Апостолската палата, се пресели во обична соба во домот „Санта Марта“. Наместо традиционалните црвени чевли, избра скромни црни. Се нарекуваше „епископ на Рим“, избегнувајќи величествени титули како „намесник на Христос“.
По изборот, дури се вратил во пансионот каде што престојувал пред конклавата – за лично да си го плати сместувањето.
Папата Франциск беше првиот језуит, првиот папа од Америка, првиот од јужната хемисфера и првиот неевропски папа по повеќе од 1.000 години.
Папата Франциск стана првиот папа што воопшто го употребил зборот „геј“.

Болест и последните денови

Во последните недели, папата Франциск бил хоспитализиран во римската болница „Џемели“, каде што бил примен на 14 февруари поради проблеми со дишењето. Подоцна било објавено дека страдал од сериозна респираторна инфекција и двострана пневмонија, што го отежнувала дишењето.
Неговото водство во Црквата ќе остане запаметено по отвореноста, хуманоста и посветеноста кон скромноста. Неговата способност да инспирира и да поттикнува на промени го доближи до милиони верници – дури и до оние надвор од рамките на Црквата.
Д-р Грегори Рајан од Универзитетот во Дурам го оцени неговото влијание на следниот начин: „Критиките што сега се упатуваат кон папата, често доаѓаат од истите кругови што во минатото бараа безусловна послушност од свештенството. Тоа е парадокс на неговото време – но исто така показател за тоа колку ги раздвижи нештата“.
Со неговата смрт започнува формалниот процес за избор на нов поглавар на Римокатоличката црква. Но ликот на папата Франциск – скромниот човек што некогаш играл танго – ќе остане врежан како еден од најдостапните и најемпатични папи во поновата историја.

„Новендијале“ – деветдневниот период на жалост

По смртта на папата, започнуваат серија обреди и церемонии што се тесно поврзани со традицијата и правилата на Римокатоличката црква. Имено, одреден кардинал како висок функционер на Ватикан ја потврдува смртта на папата. Ова е важен чекор, бидејќи се објавува официјалната вест за смртта. Папскиот прстен со печат, кој служи за потпишување на официјалните папски документи, се уништува за да се спречи злоупотреба во иднина. Сето она што припаѓа на папата се запечатува и се започнува период на жалост. Деветдневниот период на жалост, познат како Новендијале, има свои корени во Античкиот Рим и се практикува со цел да му се оддаде почит на починатиот папа. Италија често прогласува национална жалост во ова време. Натаму, по потврдата на смртта, телото на папата се изложува за јавноста во базиликата „Свети Петар“. Тогаш започнува ритуалот што трае неколку дена, каде што верниците се собираат за да му оддадат почит. Телото на овој папа ќе биде изложено во обична папска одежда, иако во минатото телата биле балсамирани и изложени на подигната платформа наречена катафалк. Папата Франциск, по своја желба, одлучил неговото тело да биде изложено во едноставен отворен ковчег, без прекумерна помпа. По изложувањето на телото, следува погребот, кој најчесто се одржува на плоштадот „Свети Петар“. Церемонијата ќе ја води деканот на Колеџот на кардинали, кој во моментот на пишување е Џовани Батиста Ре, кардинал од Италија, кој има 91 година. Погребот ќе биде обележан со голема меса во Ватикан, каде што ќе се соберат верници и религиозни лидери од целиот свет.

Последно почивалиште

Според традицијата, папите обично се погребуваат во Пештерите на Ватикан – крипти што се под базиликата „Свети Петар“. Таму се погребани повеќе од 100 папи, вклучително и папата Бенедикт Шеснаесетти, кој му беше претходник на Франциск и кој поднесе оставка во 2013 година.
Меѓутоа папата Франциск ја избрал базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим како свое последно почивалиште. Тоа го прави првиот папа по еден век што нема да биде погребан во Ватикан. Оваа желба на Франциск ја истакнува неговата поедноставена и скромна личност. Тој барал да биде погребан во еден дрвен и цинк-ковчег, а не во три традиционални ковчези од различни материјали. Р.С.


Преоден период по смртта на папата: Sede Vacante

По смртта на папата, започна период наречен Sede Vacante, што значи „празно место“. Во тоа време, целата власт на Римокатоличката црква е пренесена на кардиналите. Во тој период, тие не носат важни одлуки за црквата, како што се нови догми или промени во црковните правила. Кардиналите ги водат сите активности додека не се избере нов папа.

Избор на нов папа

Околу две-три недели по смртта на папата, Колеџот на кардинали се собира во Сикстинската капела за да избере нов папа. Овој процес е познат како конклава, кој е таен изборен процес. На денот на гласањето, кардиналите се затвораат во Сикстинската капела и се заколнуваат на тајност.
Гласањето е тајно и право на глас имаат само кардинали под 80 години. Гласачите го пишуваат името на својот кандидат на лист и го ставаат во чаша поставена на олтарот. Ако ниту еден кандидат не добие двотретинско мнозинство, гласањето продолжува до наредниот круг. За време на конклавата, кардиналите не се во можност да имаат контакт со надворешниот свет, а резултатите се објавуваат преку чадот што излегува од оџакот: црниот чад значи дека нов папа не е избран, а белиот чад сигнализира дека новиот папа е избран.
Откако ќе се постигне потребното мнозинство, новоизбраниот папа се појавува на балконот на базиликата „Свети Петар“, каде што го објавува Хабемус папам (Имаме папа). Потоа, новиот папа го избира своето папско име, кое најчесто е во чест на некој светец или претходник и излегува пред верниците за да го одржи своето прво благословување. Р.С.


Судирот во најава при изборот на папа идентичен со судирот на двете тежишни светски идеологии: либерализмот и суверенизмот

Ватикан на избори: Борба меѓу либералите и конзервативците

Во Ватикан веќе се споменуваат имињата на можните кардинали што се сметаат за веројатни кандидати за папството.
Според аналитичарите, изборот за папа ќе биде натпревар меѓу оние што го поддржуваа либералниот пристап на папата Франциск (што даваше поддршка кон хомосексуалците, бегалците итн.) и конзервативците, кои се противеа на неговиот пристап.
Имено, новиот папа го избираат највисоките функционери на Католичката црква, тело наречено – Колеџ на кардинали. Сите тие се од машки пол, назначени директно од папата и обично се ракоположени за епископи. Во моментов, Католичката црква има 252 кардинали, од кои 138 имаат право на глас при изборот на нов папа. Другите се постари од 80 години и затоа не можат да учествуваат во гласањето, но можат да учествуваат во дискусии за тоа кој треба да биде избран.

Најсериозни кандидати за папа

1. Петер Ердо
Меѓу конзервативците се издвојува Петер Ердо, унгарски кардинал и надбискуп на Острогода-Будимпешта. Ердо е главниот кандидат на конзервативното крило на Црквата.
– Луѓето го почитуваат затоа што е силен канонист, тој има одлично познавање на црковното право – вели Едвард Пентин, експерт од Ватикан и автор на книгата „Следниот папа: Главните кардинални кандидати“.
– Многу католици сметаат дека црквата треба да се врати од состојбата на црковното беззаконие што се разви под Франциск. Ердо би бил сигурен избор – додаде Пентин.

2. Луис Антонио Тагле
За либералите во Католичката црква особено се издвојува името на кардиналот Луис Антонио Тагле. Наречен азиски Франциск поради неговиот ведар дух и прогресивни погледи, Тагле доаѓа од Филипините и, доколку биде избран, тој ќе биде првиот азиски папа во историјата.
Тој има дел од понизноста на папата Фрањо. Во семинаријата на Филипините, каде што живеел околу 20 години, неговата соба немала ниту клима ниту телевизор. Дури и кога станал епископ, одбил да користи службено возило и на работа одел со автобус или со џипни, типично филипинско превозно средство.
– Пред пет или шест години тој беше фаворит на папата Франциск да биде негов наследник. Денес тој води важна нова супердикастерија за евангелизација. Тој е мошне силен кандидат. И сè уште е релативно млад – рече Едвард Пентин.
Но неговата младост може да биде пречка. Кардиналите честопати се претпазливи околу изборот на помлад папа, бидејќи неговиот понтификат би можел да трае со децении, намалувајќи ги шансите други да бидат избрани еден ден.

3. Пјетро Паролин
Пјетро Паролин, актуелниот државен секретар на Ватикан, исто така се смета за еден од главните кандидати за нов папа. Неговата репутација порасна особено за време на војната во Украина, кога Ватикан се претстави како посредник што еден ден може да посредува со Москва за прекин на конфликтот.
– Тој е многу способен дипломат – вели Томас Рис, американски католички свештеник и автор на „Внатре во Ватикан“.
Сепак, неговата репутација беше нарушена со скандал со недвижности во кој Ватикан загуби милиони евра поради лошо извршеното купување на поранешниот салон на „Хародс“ во Лондон.
– Прашањето ќе биде дали тој бил неспособен или дали ја делегирал одговорноста на подредените. Во секој случај, нешто тргна наопаку, а тој беше одговорен. Судењето сè уште трае и може да фрли сенка врз неговиот понтификат – изјавил отец Рис.

4. Хозе Толентино Каласа
де Мендонса
Друг кандидат од либералното крило на црквата е кардиналот Хозе Толентино Каласа де Мендонса, кој доаѓа од португалскиот остров Мадеира. Папата Франциск го назначи за раководител на Одделот за култура и образование на Ватикан.

5. Матео Зупи
Кардиналот Матео Зупи, надбискуп од Болоња, е уште еден Италијанец во играта. Важи за прогресивен и близок човек на папата Франциск.

6. Матео Греч
Кардиналот Марио Греч од Малта, генералниот секретар на Бискупскиот синод, се смета за сериозен кандидат за врвот на Католичката црква. Тој е познат како личност блиска до папата Франциск, но со суштински конзервативни ставови, што го прави можен компромисен кандидат.

7. Петер Турксон
Надвор од Европа, едно од имињата што најчесто се споменуваат е кардиналот Петер Турксон од Гана.
Тој беше клучен советник на папата Франциск за теми како што се климатските промени и социјалната правда. Доколку биде избран од неговите колеги кардинали, тој би бил првиот црн африкански папа во историјата. Друг африкански кандидат е кардиналот Роберт Сара од Гвинеја. Тој е познат по критиките за родовата идеологија и осудите на исламскиот радикализам. Р.С.