Фото: „Нова Македонија“

Неколку часа пред прославата на воскресението на Исус Христос, на Неговиот гроб се појавува Благодатниот оган

Слегувањето на Светиот оган (т.е. Светлината на Христовото воскресение) на Сесветиот Христов гроб во Храмот на воскресението во Ерусалим, што се појавува секоја Света сабота – на ден пред Велигден, е единствениот чудесен настан во историјата на човештвото, кој се одржува секоја година, истиот ден, повеќе од еден и пол милениум.
Во книгата на авторот Хараламбос К. Скарлакидис, насловена „Чудото на светлината на Воскресението на гробот на Исус“, има 70 историски објаснувања – теми што, покривајќи период од тринаесет века (4–16 век), ги опишуваат историските извештаи за преславниот настан. Седумдесет автори од 17 земји, претежно од Европа, го опишуваат најголемото чудо на христијанскиот свет: Светиот оган што се појавува секоја Света сабота на гробот на Исус, неколку часа пред прославата на Неговото воскресение.
Појавата на Благодатниот оган во гробот Господов во тој храм е еден од највпечатливите и најпознати мигови од прославата на најголемото чудо во историјата – Воскресението од мртвите на Исус Христос.
Во една од темите, насловена „Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб (вовед)“, се истакнува: „Во овој текст ќе наведеме некаде околу 45 различни сведоштва, претежно непознати досега, кои покриваат период од осум века, односно од 9 до 16 век, земајќи предвид и бројни ракописи кои се чуваат во некои од најголемите светски библиотеки – сè со цел да го потврдиме овој чудесен феномен“.
Во прекрасната колумна на Братството на Бигорската обител, објавена пред една година на веб-страницата на велелепниот Бигорски манастир – создаден пред 1.005 години, помеѓу другото, пишува: „Овој настан се случува секоја година на Велика сабота, во очи на денот кога Христос излегува како победник над смртта, воскреснувајќи од Гробот и донесувајќи спасение на светот. Според својата природа, настанот е дел од специфичното пасхално богослужение во Храмот на воскресението во Ерусалим. За него е пропишан посебен богослужбен ред, во кој учествува најпрво ерусалимскиот патријарх, црковниот клир, а потоа и целиот народ што стои во молитва околу Сесветиот Гроб“.
Во третиот дел (тема) од книгата на Скарлакидис, насловен „Службата на слегувањето и чудото на Благодатниот оган“, се опишани и следниве зборови: „Огнот слегува како молња, може да прими разни облици. Често изгледа како целиот Пресвет Гроб да е обвиткан во пламен, или како од него да извира светлина. Понекогаш се појавуваат огнени топки што излегуваат од Кувуклијата и се движат по просторот.
Околу 25 поклоници што биле присутни на службата во 1996 година сведочеле дека тие огнени топки поминувале буквално веднаш над нивните глави, но не им предизвикале никакви изгореници. Многу од нив инстинктивно се веднеле за да ги избегнат топките. Сепак, некои од присутните ниту забележуваат ниту доживуваат нешто, а и кај оние што го доживеале чудото – има разлики во сведоштвата. Тоа не зависи само од јачината на нивната вера туку е и резултат на дејството на Божјата промисла која секого поодделно го удостојува да доживее нешто различно од другите…“
Во истата колумна на Братството на Бигорската обител се додава: „Постојат бројни историски сведоштва, не само на православните, туку и на инославни, муслимани, странски дипломати, патеписци, историчари и истражувачи – кои биле присутни и го доживеале Божјото чудо. Дополнително, врз Благодатниот оган биле извршувани и научни истражувања кои покажале дека во првите минути и часови тој ги нема истите својства како обичниот пламен и е со пониска температура“.
Во денешно време, службата започнува утрото на Велика сабота, кога се гасат сите кандила во храмот, а Христовиот гроб се запечатува со пчелин восок. Точно напладне во храмот влегува ерусалимскиот патријарх и започнува традиционалната света литија, која трипати го обиколува Светиот гроб.

По литијата, гробот се отпечатува и скевофилаксот (чуварот на светите предмети) го внесува во него згаснатото „неугасливо кандило“, кое ќе биде запалено од Светиот оган. Потоа патријархот ја соблекува својата архијерејска одежда во знак на понизност и страхопочит кон Исус Христос и останува само во бел хитон.
Земајќи четири снопа од по 33 свеќи (бројот на години колку што Христос живеел на земјата), патријархот сам влегува во гробот. Со него влегува и претставник на Ерменците, кој има право да се наоѓа во предворјето, од каде што го надгледува патријархот, кој изговара посебна молитва упатена кон Исус Христос, со која бара од Него да го испрати Благодатниот оган – како дар, за благослов и осветување на народот.
Речиси во истиот момент се појавува Светиот оган и започнува да се распространува во храмот, додека истовремено се пали неугасливото кандило внатре во гробот. Службата завршува со излегувањето на патријархот и предавањето на Огнот на верниците.
Најубавиот аспект на Светиот благодатен оган е начинот на кој токму овој оган, и на ова место ги допира и преобразува срцата на луѓето. Овој оган не е само физичка појава – тој е и своевиден израз на Божјата благодат која навлегува во длабочините на душата. Во моментот кога пламените јазици започнуваат мистично да треперат и да се раздаваат еден на друг, се чувствува радоста од воскресението, се чувствува реалното присуство на Светиот Дух.
На голема радост на нашите православни христијани, Благодатниот оган од 2009 година пристигнува – покрај во други православни помесни цркви и земји – и во Македонија. Многу десетици илјади верници сведочат за неговата благодат и појава. По иницијатива и заложби на свештената Бигорска обител, Благодатниот ерусалимски оган првпат (на Света Пасха – Велигден) беше донесен од Грција во Македонија во 2009 година. Тогаш, Оганот прво беше донесен во древното светилиште – Божјиот храм „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир.
Во гореспоменатата колумна, стои и: „Имено, тој нè потсетува дека нашиот пат кон личното воскресение и спасение не е само пат на вера, туку и пат на светлина и љубов – љубов кон Бога и кон ближните, која што ја осветлува нашата душа и нè води кон вистинскиот блесок на благодатното Божјо присуство меѓу нас и во нас. Светлината што ја земаме како благослов од Благодатниот ерусалимски пламен е потсетник дека сме повикани да бидеме светлина за другите, да носиме утеха и топлина таму каде што има тага и темнина“.
Светиот Оган најверојатно првпат се појавил на 5 април во 33 година од н.е. – точно во времето на воскресението на Богочовекот, од полноќ на Велика сабота, па до неколку часа пред разденување на Воскресна недела. Неугасливото кандило на Светиот гроб за првпат било запалено во 326 година, кога е откриен Христовиот гроб – и оттогаш не згаснало веќе цели 17 века (освен утрото на Велика сабота).


Сличности во одбележувањето на Велигден кај православните и разлики во однос на католичките христијани

Многу православни цркви го одбележуваат воскресението со полноќна служба

Велигден, најрадосниот христијански празник, во православните земји сè уште е државен и семеен празник. Овој празник има и многу обичаи и навики што ги практикуваат луѓето што го слават, така што обичаите за Велигден се мошне инспиративна тема од која може многу да се научи за народите низ светот.
Најраспространета е приказната за вапсувањето јајца за Велигден, што е една од главните асоцијации на овој празник. Јајцата во најголемиот број земји се вапсуваат на Велики петок – најтажниот ден за христијаните, бидејќи на тој ден бил распнат Исус Христос на крстот на Голгота. Иако традицијата налага јајцата да се вапсуваат во црвено (бојата на крвта на Исус), сепак овој универзален обичај се применува на различни начини.
Различните обичаи за Велигден зад себе имаат интересни значења, кои обично потекнуваат од уште поинтересни приказни и верувања. Католиците и православните – кои годинава го слават Велигден на ист ден – делат некои обичаи, додека други се целосно различни и варираат од држава до држава.
Додека многу христијански цркви одржуваат служби откако ќе изгрее сонцето на Велигден, многу православни цркви го одбележуваат воскресението со полноќна служба, во текот на која се палат свеќи и се пее „Христос анести“ – што во превод значи „Христос воскресе“.
Во деновите на Светата недела (почнува од понеделник и трае до Велигден, а често и два дена потоа), многу верници се посветуваат на Бога преку присуство на утрински литургии, вечерни богослужби и бденија. Најпрво се исповедаат, а потоа се причестуваат на Велигден, со што се завршува 48-дневниот пост.
Најважните богослужби започнуваат на Велики четврток и траат до вториот ден по Велигден. Најзначајните молитви се во недела, рано наутро, на полноќната и утринската литургија.
Покрај духовната димензија, Велигден е и време за семејни собири, заеднички ручек и, секако, традиционалното кршење на вапсаните јајца – обичај што е особено омилен кај децата.
Православните христијани што го почитуваат велигденскиот пост не консумираат храна како месо, јајца, мрсни сирења, млеко, маргарин и сл. Начинот на постот го одредува духовниот отец за секој верник поединечно.
Во српските православни семејства, традиционалната велигденска трпеза започнува со предјадење од димено месо и сирења, варени јајца и црно вино. Следуваат домашна супа и печено месо – најчесто јагнешко, но и прасечко. На Велики петок се варат и вапсуваат велигденските јајца, при што првото јајце се вапсува црвено – наречено „чувар“, се чува во куќата до следниот Велигден, како заштита од болести и несреќи.
Кршењето јајца е неизбежен обичај во Србија. Почнува по утринската литургија, кога верниците со себе носат вапсано јајце.
Кај грчките православни, гозбите може да започнат веднаш по полноќната служба, или да се одложат за неделната вечера. Оброците најчесто содржат тврдо варени црвени јајца (симбол на Христовата крв), јагнешко на ражен (како симбол на Христос и Пасха), како и цуреки – традиционален сладок леб, сличен на италијанската варијанта, кој обично се служи со црвено јајце.
Во Грција омилен обичај е натпреварувањето чие јајце е најсилно. Според правилото, јајцето мора да се држи со три прста. Победникот го добива скршеното јајце од противникот и има право да го изеде.
Во Русија православните христијани го прекинуваат постот со традиционалната велигденска торта – „кулич“.
Во Црна Гора обичаите се слични на тие во другите православни земји. Гостите што доаѓаат во куќа избираат едно јајце и го носат со себе. Кога одат да честитаат Велигден кај роднина, сосед или пријател, тие даваат едно од своите јајца.
Во Албанија – каде што се празнуваат и муслимански и христијански празници – православниот Велигден се слави низ целата држава.
Кај католиците, пак, по црковната служба, следува потрага по скриени јајца во градините – обичај што посебно ги радува децата. Се сокриваат и чоколадни јајца, кои претставуваат награда за оној што ќе ги пронајде. Овој обичај, познат како „лов на јајца“, е популарен и во Европа и во САД.
Во Франција, по потрагата, следува голем семеен ручек со печено јагнешко, а се празнува и самиот ден на Велигден, кога семејствата обично заминуваат на излет во југозападниот дел на земјата и подготвуваат џиновски омлет.
Во Италија познатата кујна е во центарот на велигденските празнувања. Трпезата се разликува со некои посебни јадења, како традиционалниот колач „колумба“ – во облик на гулабица, што симболизира доаѓање на добри вести. Се јаде и велигденска солена пита – пасквалина, полнета со спанаќ и јајца.

Живко Здравкоски