Додека австралискиот класик на Питер Веир добива реставрација во 4K-формат за кино, режисерот и креативниот тим за „Гардијан Австралија“ се присетуваат како овој филм бил направен, какво е неговото историско и културно значење и зошто овој филм и по толку многу време сѐ уште е евергрин

Педесет години од премиерата на „Пикникот на Хенгинг Рок“

Половина век откако ја имаше својата прва премиера, светот не филмот сѐ уште е под импресии од легендарниот „Пикник во Хенгинг Рок“ на австралискиот режисер Питер Веир. Неговиот историски моментум и трајното наследство изгледаат зачудувачки и неверојатно дури и по толку децении.
Оваа крајно мистериозна драма, вредна половина милион долари, во која група ученички и нивната учителка необјасниво исчезнуваат за време на излет во Хенгинг Рок во центарот на Викторија на Денот на вљубените во 1900 година, успеа да остави свој белег меѓу најистакнатите филмски имиња, да се инфилтрира во светот на тинејџерските списанија и да има неверојатно кинематографско влијание. „Пикникот“ исто така е неисцрпна инспирација и за разни модни подвизи низ годините. Брендовите како „Цимерман“ сè уште го претвораат „Пикник“ во храна за пистите во Париз. Софија Копола, пак, го референцираше двапати, прво за рекламата на Марк Џејкобс, а потоа по вторпат во нејзиниот блескав римејк на вестерн-трилерот „Измамените“ од 2017 година.
Додека „Пикникот“ ја одбележува својата 50-годишнина, исполнета со реиздание во 4K, режисерот Веир има неколку теории за тоа зошто овој филм станал таков евергрин.
– Не само што мистеријата во срцето на филмот е нерешена туку интересно е што во овој филм нема порака. Ниту предавање, ниту полемика. Пикникот му припаѓа на гледачот – вели Веир.
Други, пак, сметаат дека успехот на филмот лежи подлабоко во неговото постоење.
– Навистина ги сакам сите филмови на Питер Веир. „Но, „Пикникот“ е веројатно мојот втор најмалку омилен филм. Тоа што успеа да се пласира во пантеонот е за почит кон генијалноста на Питер Веир во правењето филмови, но и мистерија за мене – ,вели Џеки Вивер, која ја играше Мини, симпатичната слугинка во ексклузивното училиште за девојчиња колеџот Еплјард.
Патувањето на овој филм до врвот започна со разговор во почетокот на 1973 година. Детската ТВ-водителка Патриша Ловел, аспиративна продуцентка и некогашна колешка на Веир, го прочитала етеричниот роман на Џоан Линдзи од 1967 година и го препознала неговиот филмски потенцијал. Таа се согласила да му ја даде шансата на 31-годишниот Веир да раководи со целиот проект, што за него било од огромна важност.
Три месеци подоцна, Ловел и Вир беа во Лангварин, педесетина километри јужно од Мелбурн, истражувајќи го и скицирајќи го патот за „Пикникот“ во дневната соба на авторот.
– Главната грижа на Џоан беше крајот. Ако сугерирав дека мораме да најдеме решение за мистеријата за исчезнувањето на девојчињата, учтиво ќе ми беше покажана вратата – .вели Веир.
Тајмингот на Веир и Ловел беше совршен. До 1973 година австралиските филмаџии го прифатија влијанието на европското уметничко кино од 1960-тите, беа ослободени од мрачната историја на нацијата на културна цензура и уживаа, за првпат, во пакет иницијативи финансирани од владата наменети да ја оживеат индустријата на нацијата што изумира. Плодовите на оваа ера, наречена австралиски нов бран, ги вклучуваат „Пеењето на Џими Ковач“, „Њусфронт“, „Мојата брилијантна кариера“ и „Брејкер Морант“.
„Пикник во Хенгинг Рок“, снимен за нешто повеќе од еден месец на почетокот на 1975 година, пристигна како јаготка на шлагот на овој бран. Совршена кохезија на вистинските луѓе во вистинската точка во нивните кариери. Во тоа време, тогашниот директор на филмскиот фестивал во Сиднеј, Дејвид Стратон, кој го посети сетот, напиша за „сеприсутното чувство кај сите загрижени дека се создава нешто многу посебно“. Ким Далтон, кој беше втор аудиодескриптор, се сеќава на тоа на сличен начин.
– Јасно е дека имаше резонанца, поезија, наратив што го издигна над вообичаениот игран филм. Мислам дека сите го чувствуваа тоа – вели тој.
Овој филм сè уште фрла толку моќна магија, која се потпира еднакво на неговиот двосмислен крај колку и на неговата раскошна естетика: прозрачни фустани од тантела, круни од летни цвеќиња, прекрасни девојки заробени со ореол на заднинско осветлување во расположенија на веселост и копнеж, како и наклонетоста на уредникот Макс Лемон за уметничко дополнување, го издигнуваат горделивиот дух на филмот.
Онаму каде што австралиските филмови од раните 1970-ти се потпираа на колоритното и комерцијалното, „Пикникот“ беше тотално помрачување полно со неизвесен набој кон уметноста. Визуелните референци што го вклучуваат британскиот фотограф Дејвид Хамилтон компарираат со ренесансното ремек-дело на Ботичели, „Примавера“.
Вивер со задоволство се сеќава на „нежните естетски чувствителности“ на Веир.
– Питер поседува добар интелект. Душа на поет – вели таа.
Појавувајќи се секој ден во сламена шапка и сандали, тој сакал да свири музика во заднината за да создаде атмосфера на снимањето.
– Личноста на Питер беше апсолутно во согласност со расположението на филмот. Имаше нешто етерично во него – вели Далтон.
Ако Веир го смислил етеричното, работата на Расел Бојд била да го долови. Неговата фотографија исфрли ликвиден вкус од австралиската светлина што му го обезбеди светото место на овој филм во аналите на филмовите. Тој ги смени постапките, обви свилени чаршафи во дрворедот и ги сними последните минути на невиност на девојчињата со венчален превез над објективот. Неговата брилијантност експресно избувнува.
Помогнат од Џон Сил, кој подоцна ќе добие „оскар“ за снимањето на „Англискиот пациент“, Бојд направи работата на овој филм да изгледа лесно. На крајот на краиштата, ова не било уреден филмски сет, туку древна вулканска формација. Висечката карпа (Хенгинг Рок) служела како место за церемонија за мажите Вурунџери, Таунгурунг и Дја Дја Вуррунг (три племенски заедници што ја сочинувале федерацијата на кулинската нација) десетици илјади години претходно.
Џудит Дорсман, костимограф на овој филм, се присеќава за „Гардијан Австралија“ за нејзината речиси сизифовска борба да задржи недопрено и автентично сѐ што е снимено и пренесено на филмското платно.
– Сите тие бели ракавици… Имавме шест милиони пара бели ракавици. Сè беше бело. А ти си на карпа. Боже мој – со импресии се присеќава таа.
Питер Вeир се пензионира во 2010 година, откако го сними филмот „Патот за назад“. Тој, освен „Пикникот на Хенгинг Рок“, е познат по филмови што се вкрстуваат во различни жанрови во текот на четириесетгодишното филмско искуство, како што се „Галиполи“ (1981), „Година на опасно живеење“ (1982), „Сведок“ (1985), „Друштво на мртви поети“ (1989), „Бестрашно“ (1993) итн. Има добиено шест номинации за „оскар“. Во 2022 година му беше доделена почесната награда за животно дело од Академијата за неговата кариера. Во 2024 година ја доби почесната награда за животно дело на Венецискиот филмски фестивал („златен лав“).
Неговиот „бисер“ и по педесет години е една од најмоќните изведби на филмското умеење и вечна инспирација за поновата генерација австралиски, но и светски режисери. „Пикникот на Хенгинг Рок“ е без сомнеж еден од најмистериозните филмови на минатиот век.