Фото: ЕПА

СAД, Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Велика Британија формираа неформална Пацифичка група, чија цел е зајакнување на економските и дипломатските врски со островските држави на Тихи Океан. Ова претставува нов фокус на НАТО, но со одредени елементи се идентификуваат суштински отклон и силно тежиште кон неговиот пацифички разгранок. Згора на тоа е ставот на Вашингтон дека Европа повеќе не е безбедносно загрозена, како и дека природата на евроатлантскиот сојуз веќе станува анахрона и не може да одговори на новите глобални предизвици

Вашингтон со нова порака до Брисел: ЕУ да престане да биде американски вазал и да почне сама да се грижи за својата безбедност

И додека по превезот на таинственоста продолжува дипломатска активност меѓу САД и Русија околу ставањето крај на руско-украинскиот конфликт, паралелно се одвива милитаризацијата на Европа тешка над 800 милијарди евра.
Овој процес пред извесно време го најави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, но уште и пред официјално да биде обелоденето дека Европа ќе троши толкави средства на одбраната, Франција и Германија веќе полека ги преструктурираат своите економии во насока на поголемо производство на оружје.
Сето ова е во корелација со она што пред неколку години го најави францускиот претседател Емануел Макрон, дека НАТО е мртво и дека Европа треба да почне со формирањето сопствена европска војска. Отворањето на воените фабрики низ Стариот Континент, враќањето на редовниот воен рок кај дел од земјите членки и забрзаното купување оружје, само потврдуваат дека ЕУ сериозно се подготвува сама да ја обезбеди безбедноста на континентот.
Иако директно не потврдуваат дека НАТО вакво какво што е не е по теркот на САД и претставува огромен трошок за американските даночни обврзници, Американците отворено почнуваат да ѝ порачуваат на Европа да почне сама да се грижи за својата безбедност.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во едно неодамнешно интервју за британската веб-страница „Анхерд“ порача дека и покрај тоа што Европа е американски сојузник, таа треба да почне сама да се грижи за безбедноста.

– Ја сметаме Европа за наш сојузник. Ние едноставно сакаме сојуз во кој Европејците ќе бидат малку понезависни, а тоа ќе се одрази на нашите безбедносни и трговски односи. Не е добро за Европа и не е во интерес на Америка, Европа да биде постојан вазал на САД во однос на безбедноста – истакна Венс во интервјуто.
Познавачите на состојбите и безбедносни експерти во ваквите изјави препознаваат директна американска порака дека е време за трансформација на Алијансата.
– Ова што го говори американскиот потпретседател не е ништо друго туку порака до Европа да се подготви за сопствени безбедносни сили и да не смета повеќе на САД како на „големиот брат“ што ќе набљудува сѐ и ќе ги брани сите. Истовремено, тоа значи дека НАТО нема толку лесно да биде распуштено имајќи предвид дека е единствената институционална врска меѓу двата брега на Атлантикот, но она на што сме сведоци сега, тоа е европско преземање на одговорноста за сопствената безбедност. Ако продолжат недоразбирањата меѓу Трамп и европските челници, не е исклучено американскиот претседател да го повлече поголемиот дел на војници од Европа и НАТО да стане еден вид школка, но тоа не значи дека ќе дојде до негово укинување како меѓународен воен сојуз. Не треба да заборавиме дека пред една година СAД, Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Велика Британија формираа неформална Пацифичка група, чија цел е зајакнување на економските и дипломатските врски со островските држави на Тихи Океан, но зад ова се крие фокусирањето на НАТО или тој негов пацифички разгранок кон овој дел од светот што за Американците сега е приоритет, имајќи предвид дека Кина се обидува да ги зајакне економските и воените врски со островските нации на Тихи Океан, кои сакаат странски инвестиции. За САД војната во Украина е завршена работа, по некои американски сценарија веќе се говори за територијални отстапки кон Русија, која сака траен мир и валоризација на она што го освои на терен, дополнето со отстранување на санкциите и повторно воспоставување на енергетските врски со Европа. На тој начин се затвораат крупните безбедносни прашања на Стариот Континент на подолг рок, а од друга страна САД ќе можат да се фокусираат на Пацификот. Гледано од македонска перспектива, промената на името за влез во НАТО се покажа како чекор во погрешен момент, не се следеа доволно состојбите на меѓународната сцена и се избрза. Ништо немаше да се случи и да останевме надвор овие пет години бидејќи де факто функциониравме како НАТО-членка. Сега Македонија прва од регионот потпиша договор за пристапување кон европските безбедносни сили, со што се потврди дека и без промената на името ќе бевме дел од европскиот безбедносен систем и ако не го сменевме името, веројатно немаше да дојдат и бугарските условувања подоцна – сметаат аналитичарите и добри познавачи на геостратегијата.