Портрет на Јордан Плевнеш во Софија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа литературниот настан „Портрет на Јордан Плевнеш во Софија“, замислен како средба со познатиот македонски писател Јордан Плевнеш. Вечерта започна со воведни обраќања на Александар Морфов, Христо Бојчев, Захари Иванов, а гости од народниот театар „Иван Вазов“ што исто така се обратија беа: Марин Јанев, Ања Пенчева, Василка Бумбарова, додека гости од Сатиричниот театар беа директорот Калин Сарменов, Теодор Елмазов и Јорданка Стефанова. Поздравен говор имаше академик Љубомир Кекеновски, претседател на Научниот совет на „Академиа Балканика Еуропеана“.
Од промоторите и пријателите на Плевнеш, како и од него самиот, посетителите можеа да слушнат за неговите дела и искуства и како тие искуства ги вплетува во литературното творештво. Посетителите исто така слушнаа за неговата поезија, неговите драми и романи, за искуствата од театарските сцени каде што се поставени и играни неговите драмски текстови. Даден беше осврт и на играниот филм „Тајната книга“, но и на многубројните документарни телевизиски филмови и портрети на значајни личности од сферата на културата, уметноста и јавниот живот. Посетителите имаа можност да запознаат еден забележителен автор од балканската и меѓународната книжевна сцена, познат по неговото творештво како македонски романсиер, драматург, поет и дипломат.
– Неговото пишување често ги истражува темите на идентитетот, егзилот и метафизичките комплексности на постоењето, како одраз на културните и историските вкрстувања на Балканот. Најпознатиот роман на Плевнеш, „Осмото светско чудо“, е опишан како филозофско патување низ времето и просторот, спојувајќи елементи на митологијата, историјата и надреализмот. Неговите ликови често живеат во лиминални простори, и географски и духовно, пресликувајќи ги сопствените искуства на Плевнеш како личност вкоренета на едно место, но интелектуално и уметнички номадски.
Гласот на Плевнеш како писател е лирски и интензивен, со поетски стил што ги спојува егзистенцијалните прашања со секојдневниот живот на неговите ликови. Неговиот јазик често е симболичен, слоевит со референци за балканскиот фолклор, античката историја и европските книжевни традиции, кои придонесуваат за богатиот безвременски квалитет на неговите дела – беше кажано на настанот.
Јордан Плевнеш е еден од најзначајните современи македонски драмски автори. Неговите драми се преведени и играни во голем број театри во земјата, регионот и пошироко во Европа и светот. Тој е долгогодишен претседател на ИТФ „Актерот на Европа“, претседател на „Фестивалите на кинематографиите на Југоисточна Европа“ во Париз и Берлин, претседател на интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот, амбасадор на Република Македонија во Франција, Шпанија и во Португалија. Тој e поет, драматург и романсиер. Драмите на Плевнеш се објавувани и изведувани во над триесетина земји во светот. Пишува на македонски и на француски јазик, а преведува од српскохрватски, грчки и од француски јазик. Прва негова публикувана книга е збирката поезија „Теорија на отровот“, објавена во 1980 г., по што следуваат драмите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“, „Подземна република“, „Безбог“, „Среќата е нова идеја во Европа“, „Последниот ден на Мисирков“, „Глобална комедија“ и други. Романот „Осмото светско чудо“ е негов прв роман, објавен 2005 година.