Рецензија
Иранскиот режисер Мохамед Расулоф носи потресни сведоштва на тоталитарниот режим во Иран вклучувајќи ги теократската моќ и носењето хиџаб. Филмот „Семе на светата смоква“ имаше номинација за „оскар“ за најдобар странски филм како претставник од Германија. Причина за тоа е што е сниман тајно, а режисерот мораше да пребегне од Иран во Германија поради претходните „гревови“ за таму да биде целосно монтиран и завршен.
Добрите познавачи на филмот го паметат името на Расулоф по „Тука нема зло“, кој ја освои „златната мечка“ во Берлин во 2021 година. Станува збор за импресивно филмско остварување, кое освои неколку награди на филмскиот фестивал во Кан. Меѓу најзначајните е специјалната награда од жирито (ФИПРЕСЦИ), номинација за „златен глобус“ за најдобар странски и европски филм.
Иман (Миса Зарех) е државен службеник што сугерира на испреплетеност меѓу државата и религијата. Во почетните кадри на филмот забележав дека во моментите на молитва на Иман околу него преовладува зелената боја, која, насетуваме, ја претставува „светата“ смоква во семејството, поврзувајќи ја и основната боја на муслиманството. Тој станува судија на Револуционерниот суд, кој е на висока позиција во иранската државна бирократија. Неговата работа не е ни одблизу едноставна, туку, напротив, треба да се согласува со одлуките на главниот судија без разлика на тоа дали станува збор за егзекуторски чин или затвор. Живее скромно во новиот стан со сопругата Наиме (Сохела Голестани) и ќерките Сене (Сетаре Малеки) и Разван (Махса Ростами). Со унапредување на таткото, ќерките добиваат секоја посебна соба, а сопругата ја добива толку посакуваната машина за перење. Унапредувањето не е како солидарност за неговата способност, туку затоа што е бестрашен, никому не му е трн во окото и безрезервно му слугува на деспотскиот режим. Иман стоички е убеден дека нема да отстапува од своите поставени максими. Сепак уште од првиот случај понизно ја наведнува главата и неосетно го игнорира семејството, а на сопругата не ѝ одговара на повиците. Таа безрезервно му е верна и ги одобрува сите негови одлуки без оглед на сѐ. Луцидните ќерки веќе имаат изградено свој став на размислување. Сана и Резван се интелигентни девојки што ја согледуваат реалната слика околу светот. Тие се испровоцирани од убиството на 22-годишната Маша Алини, која револуционерно го отфрла хиџабот не сакајќи да падне во челуста на тоталитаризмот, туку сака да дише слободно како секоја нормална девојка. Мајката сфаќа дека нејзините ќерки се против корумпираниот систем и размислуваат со свои глави барајќи ја вистината. Таков пример е во една од најмоќните сцени од филмот каде што доминира талентот на Махсан Ростами во улогата на Разван кога на домашниот ручек храбро му се спротивставува на татко си, со право обвинувајќи го дека системот е гнил како и тој во него. Во меѓувреме државната телевизија ги полни главите на радикалните верници со лажни вести, а Сана и Разван преку своите мобилни телефони и видеа ги гледаат нивните врсници како страдаат од безмилосните пендреци. Пиштолот што го добива од работа Иман е во знак на неговата безбедност, но и за семејството, а вистински хаос настанува кога пиштолот исчезнува од станот.
Сега веќе проработува нервот на стравот со можноста да се најде зад решетки, па затоа одлучува со семејството да замине од Техеран. Се сместуваат во неговиот некогашен дом од детството сосема изолирано, сакајќи да ја врати љубовта спрема семејството со утринскиот појадок. Но, зад неговото лице се крие ѕверска природа, а допрва сопругата дознава со каков човек живеела претходните 20 години. Добро поткован од работната рутина, параноично почнува да ги применува методите спрема ќерките и сопругата снимајќи ги со камера за потврдни искази дека тие не го земале пиштолот со причина само да се спаси. Успева да ги затвори зад металните порти постарата ќерка Ризван и сопругата истоштувајќи ги до глад само со намера да ја признаат вината за украдениот пиштол, но не и храбрата Сане. Луцидната Сане итро ги ослободува Наиме и Ризван, а го затвора Иман. Низ крупните планови до полн израз доаѓаат мимиката и фацијалните експресии од нивните лица на талентираните актерки.
Можеби кога би правеле споредба филмската естетика на хаотичното ослободување во сцената потсетува на култниот филм „Сјаење“ од Кјубрик. Филмот доживува кулминација кога мудрата Сане го вади пиштолот од под пазуви и бега заедно со мајка си и Ризван, но Иман набрзо се ослободува и тргнува со резервниот пиштол сакајќи да се пресмета со нив. „Семе на светата смоква“ е едно од најдобрите филмски остварувања во последните години, кое ќе биде изгравирано со златни букви не само во иранската туку и во светската кинематографија.
Александар Василевски