По повод самостојната изложба на слики со наслов „Религија, митологија и слободна мисла“ на македонскиот академски сликар Трајче Чатмов, која вечерва се отвора во „Чифте-амам“ (Национална галерија на Македонија)
Рецензија
Трајче Чатмов (Скопје, 1971) е еден од водечките современи македонски сликари. Неговиот ликовен корпус од последниве две-три години (2023–2025) импресионира со: (а) бројноста и квалитетот на насликаните и изложени дела, што покажува дека Чатмов е плоден автор кој се движи по самиот врв на своето творештво; (б) тематското богатство кое се движи во широк распон – од акт и фокус врз одделни предмети, суштества и фрагменти, до актуализација на познати митски слики, како и на значајни епски, историски и библиски приказни; (в) вештината на користење разнообразни вештини, меѓу коишто – акрил на платно, цртежи, акварели и лавиран туш на хартија и бројни комбинирани техники; (г) конечно со својата ликовна поетика која ја избегнува чистата апстракција и се потпира врз начелото на алегоричната визија на светот прикажана речиси без исклучок со помош на експлозивни и страсни ликовни експресии.
Екстензивната нарација и ширењето на смисловниот хоризонт на сликата е голем предизвик за секој вид сликарство. Историски гледано, ликовната естетика го постигнала својот врв и кога била апстрактна и кога била фигуративна. Реализмот, како „стилски правец“, се појавува во одредено време и простор (19 век, Европа), но и се повлекува од историската сцена во одредено време. За разлика од него, фигуративниот експресионизам се провлекува низ повеќе епохи и повеќе простори. Впрочем, фигуративноста во сликарството не може да се подведе под еден единствен естетички именител. Фигуративноста побудува ликовна илузија на митот, на неисцрпниот „свет на песната и на легендата“, како што би рекол Блаже Конески.
Сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет.
Чатмов е чувствителен на митските слики сочувани во колективната меморија, склон кон конфигурација на имагинарното, а во одредени сегменти (на пример во минијатурата) се интимизира со одредени препознатливи форми што ги доловува екстатично. Во јазикот и книжевноста имаме „игри со зборови“, а во сликарството и графиката „игри со форми“, заправо „игри со бои“. Од нив зависи естетскиот ефект.
Ликовниот конфликт на големите платна на Чатмов се води меѓу инстинктивната потреба нешто да се изрази/искаже со сликата (реално или фиктивно, небитно) и рационалната опомена дека тој исказ треба да биде ликовен, повеќе да покажува одошто да кажува, во склад со естетиката на визуелниот јазик и семиозис. Тој конфликт (неминовно) се соочува со варијациите на ликовните симболи и знаци кои, пак, по дефиниција секогаш нешто кажуваат, било преку сугестија, или асоцијација, или реминисценција, или алегорија, зошто да не! Алегоријата е еден од стилските начини сликите на Чатмов да означат и да кажат нешто повеќе, нешто индиректно, нешто шифрирано. Тоа го постигнува не само со помош на фигуративната експресија туку и со изместената и повеќеаголна (мултифокална, неокубистичка) перспектива која му е својствена и треба да биде предмет на посебна анализа.
Во најновото сликарство на Чатмов од 2025 година би можеле да се издвојат два доминантни тематски циклуси: (1) архетипски мотиви и митски слики и (2) старозаветни и новозаветни библиски мотиви. Меѓу нив постои мотивска испреплетеност, па затоа класификацијата е ориентациона. Погледнати како целина, овие два циклуса го сочинуваат ликовниот светоглед на Чатмов, го покажуваат неговиот сензибилитет, неговите пасии и неговите опсесии. Двете тематски предлошки се навидум различни, но суштински се надополнуваат, гранични се по однос на инспиративната матрица (цивилизацискиот и духовниот прототекст). Поради тоа, тие си реплицираат една на друга и се варираат една со друга. Такви се, на пример, сликите „Оплакување на сирената“ (2025), „Борба за светото јагне“ (2025) и „Светиот коњаник“ (2024).
Првиот тематски циклус на архетипски и митски слики се ликовен дијалог со повеќе архетипови (праобрасци): оној на Еросот и Танатосот, на Убавината, на Воинот, на Војната, на Агон-ијата, на Свадбата, на Мајката… Тука спаѓаат платната под наслов: „Гонејќи го Сонцето“ (акрил на платно, 100х40, 2024). „Баханално утро“ (150х80, акрил на платно, 2024), „Самовилска свадба“ (акрил на платно, 70х50, 2024), „Леда и лебедот“ (акрил на платно, 70х50, 2024), „Девојка со цвеќе во косата“ (акрил на платно, 150х100, 2024), „Водарка“ (70х50, 2024), „Будење на флора“ (80х60, 2025), „Доилка – бело платно“ (100х70, 2025), „Стампедо“ (акрил на платно, 150х100, 2024), „Двобој“ (комбинирана техника, 60х50, 2024). Овде спаѓаат и бројни негови цртежи и скици со туш (комбинирани со акварел или не) кои, иако мали по формат, претставуваат импулсивна и импресивна актуализација на архетипски мотиви.
Во вториот круг ликовно се прикажани препознатливи старозаветни и новозаветни библиски мотиви и во него спаѓаат сликите: „Симнување од крстот“ (150х100, 2025), „Прогонот од Еден“ (100х100, 2025), „Надвор од адот“ (акрил на платно, 195 x 285, 2024), „Инферно“ (40х40, 2024), „Жртвено јагне“ (60х40, 2025), „Уништи го Вавилон“ (200х100, 2025), „Мајката божја“ (100х90, 2025), „Богојавление“/„Водици“ (2022), „Исус на трон“ (акрил на платно, 150х100, 2024), „Св. Илија“ (акрил на платно, 100х90, 2025), варијациите на темата „Св. Ѓорѓија“ (150х100, 2024), „Црн Св. Јован“ (акрил на платно, 80-40, 2024), „Второ Исусово чудо“ (акрил на платно, 150х80, 2024).
Ликовниот опус на Чатмов претставува кодирана порака дека архетипот е универзална идејна структура изразена во ликовна форма. Како таква, архетипската слика ги соединува божественото со човечкото, бесконечното со конечното, заумното со умното. Тоа соединување се збиднува на ликовен начин, како ликовна рефлексија на универзалното и експресија на индивидуалното доживување. Ликовните дела на Чатмов на креативен индивидуален начин ги отелотворуваат длабоките колективни страдања низ историјата, било тие да имаат митски, религиски или историски предзнак. Ликовните дела на Чатмов се перформанс на човечката фасцинација пред Чудата од коишто е обележана појавата на човештвото и без коишто животот на единката би бил премногу банален, лишен од екстаза.
Такви се, на пример, сликите „Уништи го Вавилон“ (2025), „Гонејќи го Сонцето“ (2025), „Симнување од крстот“ (2025) или „Гемијата“ (2025). Таквите величествени слики имаат и своја величествена генеза во имагинацијата на авторот, имагинација која е чувствителна пред големите искушенија и гатанки поставени пред човекот. Тоа се т.н. перенијални прашања за животот и смртта, за моќта и немоќта, за љубовта и омразата, за мирот и војната.
Библиската приказна за кулата во Вавилон („Уништи го Вавилон“, 2025) го доловува мигот кога се судираат градителскиот и разорниот порив и го искушуваат не само човечкиот туку и Вишиот ум: слогата, хармонијата е моќна енергија која им дава на луѓето натчовечка моќ, и тоа е причината поради којашто Вишата Сила одлучува да ја урне Кулата, стожерот на единството. Разединетоста и недоразбирањето меѓу луѓето, народите и нивните јазици водат кон недоразбирање, а тоа кон ривалство и конфликт.
Сликата „Гонејќи го Сонцето“ ја доловува противречноста на човечкиот ум да се спротивстави на она без коешто не би имало живот, да ја поткопува природата без којашто ни самиот тој не би постоел. Прогонот на Сонцето е позастрашувачка тема од прогонот од Рајот. Чатмов ја доловува ликовно речиси невино, инсценирајќи го контрастот меѓу полнотијата на сончевата енергија и празнината на човечката ништожност.
Сликата „Симнувањето од крстот“ (2025), пак, иако ја евоцира клучната христијанска приказна на воскреснувањето, всушност е експресија на најинтимните чувства на душевна болка и неутешност во мигот кога и безбожните му се обраќаат на божественото. Таквите слики на Чатмов се драматични на сите рамништа: ликовно, стилско, наративно, емотивно, комуникациско. Сликарството на Чатмов не го остава гледачот рамнодушен. Пред неговите слики нема место за рамнодушност.
Сликата „Гемијата“ (2025) буди двосмислени асоцијации на Ноевата арка и на велешката приказна за гемиџиите и маркантни фрагменти од пејзажот на Велес. Таа е илустрација на творечката и естетска методологија на Чатмов која подразбира комбинирање на митските, христијанските и историските слики со личните флеш спомени од детството и младоста. Слоевитоста на ликовното дело е во корелација со слоевитоста на духот на авторот.
Ликовната естетика на Чатмов е естетика на „нашето време“ кое повеќе поврзува и интегрира, одошто двои и отфрла. Таа естетика, на овие јужноевропски и медитерански простори, би можеле да ја дефинираме во најширока смисла како поствизантиска естетика, како склоп од повеќе стилски пристапи, а не само како пост-пост-модернистичка. Тоа зависи од кој агол ја посматраме.
Ликовниот опус на Чатмов претставува пресек на разни култури и естетики. Уметноста ги вкрстува културно-историските матрици. Таа прави интеркултурна ‘спрега’, да го употребиме зборот што Чатмов го става како наслов на една од неговите најпретставителни слики („Во спрега“, акрил на платно, 100х80, 2024), или зборот „прегратка“, што е наслов на една друга негова слика. Имено, Чатмов и самиот, автопоетички, упатува на односот митологија – религија, на минијатурата „Прегратка“ (2024), со поднаслов „религија и митологија“. Колку се побогати културното наследство и меморија, толку се поголеми изгледите да дојде до нови вкрстувања/спреги и оригинални дела. Сликарството на Трајче Чатмов е добар пример за такво толкување и вреднување.
Ликовниот опус испилен од „четката“ на Трајче Чатмов е толку страстен, возбудлив, повеќеслоен и повеќезначен, фигуративен и магичен во исто време, што остава впечаток дека ја надраснал баналноста на светот. Таквиот опус се надева дека неговите гледачи ќе имаат и волја и предиспозиции да бидат негови толкувачи. Тој не е нешто што се опфаќа со еден поглед еднаш засекогаш. Напротив. Тој вели „врати се, погледни ме повторно, ветувам дека следниот пат ќе се преобразам во твоите очи“.
Иста, а сепак различна од едно до друго гледање, слика. Величина сама по себе.
Катица Ќулавкова