Преку одличната соработка меѓу библиотеката „Феткин“ и гимназијата „Добри Даскалов“ се испиша една успешна приказна и им се даде поттик на младите луѓе. Гимназијалците создадоа своевидно ремек-дело, кое долго ќе се памети. Покажаа знаење, голем талент во актерството и заедно ја раскажаа својата приказна. Со почит кон литературните дела ја оживеаја историјата и нѐ потсетија дека вечните човекови прашања ги поставуваме низ сите времиња. Прашањето за смислата на животот, љубовта, општеството, целта, моралот, вели професорката Васка Петкова
Гимназијалците од Кавадарци успешно го реализираа литературниот перформанс „Слушни ја мојата приказна“ во просториите на библиотеката „Феткин“
„Брзото време бара брзо учење, брза слава, брз успех… Станавме нечувствителни, станавме празни. Инфлуенсери што сонуваат брзи соништа. Сакаме да летаме ама без крилја. Не сакаме да научиме од тие што твореле пред нас. Како ние да го измисливме светот. Брзината ги убива добрите навики за читање преку кои се градат мудроста, чесноста, скромноста, пожртвуваноста. Електронските уреди ни ги заменија страниците, буквите, мирисот на книгата. Оваа ноќ седам во овој свет храм исполнет со книги. Секоја од нив ме довикува да ја допрам и да научам… да видам која е таа мудрост, која е таа порака што ми ја испратиле нашите предци. Имам потреба да трагам по минатото, по корените. Литературата е животот, едно се, неразделно поврзани. Животот ја создава литературата, без разлика на времето и просторот. Да слушнеме, да допреме, да видиме… да живееме…“.
Со овие зборови на нараторот во четвртокот, 11 април, во библиотеката „Феткин започна премиерното издание на литературниот перформанс насловен „Слушни ја мојата приказна“ во изведба на учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци под менторство на професорката Васка Петкова.
Сите љубители на книгата од Кавадарци што беа дел на овој настан присуствуваа на моќна високопрофесионална изведба, подготвена во играна форма со соодветни костими што ги носеа средношколците. Тие ги оживеаја впечатливите ликови од страниците на безвременските класици на француската, германската, руската, американската и на македонската литература. Раскажувајќи ги овие уникатни приказни направија пат до срцата на современиот човек, носејќи ја идејата дека литературата и животот се едно и заедно патуваат низ времето и просторот.
Оживеаја ликовите од седум литературни дела
Професорката Васка Петкова направила одлична адаптација од седум литературни дела. Чичко Горио ја донесе приказната за несреќниот татко и неговите бесчувствителни ќерки, кои ја гледаат љубовта единствено низ призмата на парите. Младиот Вертер, несреќно заљубен во Лота, го постави вечното прашање дали на срцето му е дозволено да сека жена што е туѓа. Галебот Џонатан Ливингстон ни ја донесе пораката дека во овој живот сме дојдени за големи нешта, само треба да ги рашириме крилјата и да ги достигнеме височините. Потоа ликовите на Расколников и Соња го отворија прашањето каков е овој неправеден свет, свет на класни разлики и дали оној што го убил човекот во себе може да гради похумано општество, додека Мерсо со својата индиферентност ги покажува смислата и бесмислата на животот. Исклучително впечатлива е Велика, која трогателно нѐ потсети на тажната приказна на македонската жена, пирејот што не го ништат ниедна војна и ниедна болест. Ана Каренина, Госпоѓа Бовари и Татјана Ларина ја отворија женската приказна за бракот и моралот, што е потребно за една жена да биде среќна.
Нараторот нѐ врати во нашето време со пораката дека литературата е безвременска, од неа учиме, а ликовите живеат преку нашите постапки и нашите животи.
Одлична соработка
– Преку одличната соработка меѓу библиотеката „Феткин“ и гимназијата „Добри Даскалов“ се испиша една успешна приказна и им се даде поттик на младите луѓе. Гимназијалците создадоа своевидно ремек-дело, кое долго ќе се памети. Покажаа знаење, голем талент во актерството и заедно ја раскажаа својата приказна. Со почит кон литературните дела ја оживеаја историјата и нѐ потсетија дека вечните човекови прашања ги поставуваме низ сите времиња. Прашањето за смислата на животот, љубовта, општеството, целта, моралот… Заслужуваат да ги споменеме и нивните имиња: Арелена Гостимировиќ – главен наратор, Јован Илов, Ивана Секуловска и Дијана Мишова – Чичко Горио, Делфина и Анастазија, Васил Трајков, Ана Коцева – Мерсо и совеста, Ристе Стојанов и Цветанка Ристовска – Вертер и Лота, Александар Стојков, Лара Росоманска – Расколников и Соња, Елена Илова, Трајанка Ана Милкова – Велика и наратор, Мартина Илиевска, Марија Шалевска, Марија Вчкова, Мила Стојанова – во улогите на Ана Каренина, мадам Бовари, Татјана Ларина и наратор и Јована Секуловска – галебот Џонатан Ливингстон. Секоја чест на овие млади луѓе со кои секогаш е гордост да се работи – истакна професорката Васка Петкова.