Фото: Пиксабеј

Шокантни резултати

Истражувачите од Универзитетот „Лунд“ во Шведска ги анализирале мртвите ежови за да го откријат нивото на загадување на животната средина во урбаните средини, а резултатите ги шокирале. Олово, пестициди, соединенија на бром, пластични адитиви, полихлорирани бифенили и тешки метали се супстанциите што истражувачите од Универзитетот „Лунд“ во Шведска ги откриле во новата студија.
Претходните истражувања веќе покажаа покачени нивоа на тешки метали во ежовите од градовите низ Европа, но тимот не очекуваше толкавото загадување. Научниците беа особено изненадени од многу високите концентрации на тешки метали – особено олово. За разлика од претходните истражувања, оваа студија отиде чекор подалеку: тие ја испитуваа долгорочната изложеност на тешки метали и краткорочната изложеност на органски загадувачи. Резултатите покажаа високи нивоа на олово и присуство на органски хемикалии како што се фталати (кои се користат во пластика и гума), ПХБ (забранети од 1970-тите), пестициди, други тешки метали и полициклични ароматични јаглеводороди кај некои единки.
Од каде доаѓаат толку многу загадувачи кај ежовите? Зелените површини во градовите привлекуваат многу видови диви животни, но во исто време содржат различни синтетички материјали и хемикалии. Бидејќи ежовите патуваат долги растојанија секоја вечер – во и надвор од парковите и градините – и се хранат со инсекти и безрбетници, тие се изложени на високи нивоа на загадувачи на животната средина, објаснуваат авторите на студијата.
– Со анализа на ежовите добиваме еден вид еколошки отпечаток на она што го има во екосистемот на одредена област. Ваквите информации вообичаено е многу тешко да се добијат, но ежовите ни дадоа уникатен увид за тоа каков вид загадување има директно околу нас – смета Марија Хансон, водечка авторка на студијата.
Истражувачите анализирале присуство на 11 елементи (вклучувајќи неколку тешки метали) и 48 органски загадувачи.
– Тоа покажува дека урбаните средини, каде што живеат повеќето луѓе денес, содржат голем број проблематични материи за животната средина и здравјето. Овие супстанции потекнуваат од градежни материјали, пластика, пестициди, загадување на воздухот, отпад, сообраќај, возила, па дури и контаминирана почва – вели Хансон.
Ежот е на црвената листа на загрозени видови, па истражувачите користеле ткиво од пцовисани единки. Сè уште не е познато како точно загадувањето влијае на ежовите. Малку е познато за ефектите на различни супстанции врз различни видови, а истражувањето на дивите животни е многу сложено. Но бидејќи ежовите се цицачи како нас, загрижувачки е што во нив се пронајдени супстанции за кои знаеме дека ги нарушуваат хормоните, кои се канцерогени или штетни за човечката плодност.