Кина успеа да извлече вкупно 800 милиони луѓе од сиромаштија од крајот на 70-тите години на минатиот век, односно околу 100 милиони во периодот од 2013 до 2020 година (со годишна стапка на намалување на сиромаштијата од 33,8 отсто во седумгодишниот период), според податоците од кинеските истражувања. Проф. д-р Ванг Сангуи, декан на кинескиот Институт за истражување на борбата против сиромаштијата при Универзитетот „Ренмин“ во Кина, истакна дека искоренувањето на апсолутната сиромаштија е основната задача за остварување на првата стогодишна стратегиска цел на Комунистичката партија на Кина и за изградба на умерено просперитетно општество на сеопфатен начин
Споделени кинеските практики за искоренување на сиромаштијата
Постигнатите резултати на Кина за искоренување на сиромаштијата привлекуваат големо внимание, при што кинеските економски експерти за оваа тематика го споделуваат нивното искуство во справувањето со овој глобален проблем, нудејќи надеж за подобрување на животниот стандард на финансиски најзагрозеното население и во други држави. Кина успеа да извлече вкупно 800 милиони луѓе од сиромаштија од крајот на 70-тите години на минатиот век, односно околу 100 милиони во периодот од 2013 до 2020 година (со годишна стапка на намалување на сиромаштијата од 33,8 отсто во седумгодишниот период), според податоците од кинеските истражувања.
Проф. д-р Ванг Сангуи, декан на кинескиот Институт за истражување на борбата против сиромаштијата при Универзитетот „Ренмин“ во Кина, истакна дека искоренувањето на апсолутната сиромаштија е основна задача за остварување на првата стогодишна стратегиска цел на Комунистичката партија на Кина и за изградба на умерено просперитетно општество на сеопфатен начин. Одржливиот брз економски раст преку руралните реформи, развојот на земјоделството, трудоинтензивното производство и вработувањето на населението, според професорот, се неколку фактори што одиграа клучна улога во намалувањето на сиромаштијата во Кина.
Пристап со идентификување на причините за сиромаштија и приспособување на решенијата за нејзино искоренување
Ублажувањето на сиромаштијата беше истакнато од кинескиот претседател Си Џинпинг при неговата посета на Хунан во ноември 2013 година, кој во таа пригода кажа дека ублажувањето на сиромаштијата треба да биде практично и реално и да ги приспособи мерките на локалните услови.

– За да направите точно насочено ублажување на сиромаштијата, немојте да извикувате пароли и не поставувајте амбициозни цели – порача тогаш претседателот Си Џинпинг.
За таа цел Кина ги идентификуваше сиромашните домаќинства, чиј број во 2013 година изнесуваше 29,48 милиони, со вкупно население од 89,62 милиони. Згора, државата ги регистрира сите сиромашни домаќинства и население, со детали за семејствата, расположливите ресурси, извори на приходи и причини за сиромаштија, во рамките на националниот информациски систем за ублажување на сиромаштијата. Евидентираните сиромашни домаќинства се главни цели на сите видови програми за намалување на сиромаштијата. А домаќинствата блиску до прагот на сиромаштија се следат и се евидентираат како сиромашни ако западнат во сиромаштија.
Овој пристап се фокусира на идентификување на основните причини за сиромаштија во различни региони и соодветно приспособување на решенијата за нејзино искоренување – преку создавање работни места, образование, здравствена заштита, развој на инфраструктурата…
Искоренувањето на сиромаштијата претставува континуиран процес, па Кина разви систем за следење на приходите и животните услови на финансиски најранливото население, нудејќи поддршка преку субвенции, обука за вработување, како и релокација во неопходни случаи.
Професорот Ванг Сангуи додаде и дека државата усвоила цели за решавање на развојните прашања, како и за извлекување на луѓето од акутна сиромаштија. Кина тежнее да постигне значителен напредок во сеопфатната рурална ревитализација и да ја промовира модернизацијата на земјоделството и руралните области до 2027 година, според планот издаден од Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и од Државниот совет. Се потенцира дека индустрискиот развој, квалитетното образование и достапното здравство исто така имаат клучна улога во кинеската стратегија за искоренување на сиромаштијата.
Милко Живковиќ, наш известувач од Кина