Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лесно е да се бранат сопствените интереси кога имаш поддршка, но заедничка држава подразбира дека сите ги бранат интересите на сите. Во спротивно, тоа би било само борба за доминација на едни над други. Мостот на Дрина нѐ потсетува дека во БиХ сѐ уште ништо не се променило

Босна и Херцеговина – уште еден лавиринт во кој се прпелка ООН

Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и претседател на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, од судот во Сараево е осуден поради… „непочитувањето на одлуката на високиот претставник на ОН“…, кој според Дејтонскиот мировен договор „треба да го надгледува спроведувањето на тој договор“. Меѓутоа, она што е интересно е фактот дека „не е донесена резолуција од Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) за именување на актуелниот висок претставник Кристијан Шмит, како што беше случајот со претходниот претставник“.
Со тоа може да се каже дека Кристијан Шмит во суштина е „германски државјанин со нелегален статус во Босна и Херцеговина, кој лажно се преставува како висок претставник“.
Порано Западот се занимаваше со Босна и Херцеговина, оттука Шмит имаше одредена поткрепа, но сега ситуацијата е поинаква.
– Сега имаме ситуација кога пресуда е донесена индиректно поради високиот претставник, кој во овој момент во Босна и Херцеговина, навистина, не се знае кого претставува. Владата на Германија од каде што доаѓа Кристијан Шмит нема никаква комуникација со нив. Поранешниот американски амбасадор што имаше некаква комуникација со него си замина, а новиот американски амбасадор не се ни појави. Оттука имаме ситуација во која Кристијан Шмит во овој момент преставува една канцеларија зад која не сум сигурен кој стои – вели Александар Трифуновиќ, уредник на медиумот 6ЈКА.

Чиј интерес во овој момент заштитува или застапува Шмит?

Босанските медиуми ја пренесоа објавата на портпаролот на американскиот Стејт департмент по повод пресудата.
– Американскиот Стејт департмент ја поддржа првостепената пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик – пренесоа босанските медиуми.
Но таа медиумска констатација не се совпаѓа целосно со вистината и со фактичката состојба. Зошто?
САД никаде не кажаа дека ја поддржуваат пресудата против Додик, туку го користеа зборот „acknowledge“, што значи да се признае нешто што постои. Не ја поздравија, не ја поддржаа, не ја ни осудија, туку буквално рекоа, дека е – примено на знаење! Во превод: „ни е гајле“.
Но некому кому му е гајле, односно кој е засегнат со пресудата против Додик е – Руди Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк, поранешен адвокат на Трамп и негов (како што рече хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ) – интимус. Имено, Џулијани дојде во Бања Лука да го интервјуира Додик и директно да го поддржи неговиот митинг!
– Сигурен сум дека во следните четири години ќе можеме да развиеме уште поголемо пријателство од ова што го имаме сега – рече Руди Џулијани на митингот во Бања Лука.
Ако челните луѓе на администрацијата на Трамп се покрај Додик, а меѓународната заедница не ја интересира толку судбината на Босна и Херцеговина, која е поентата на оваа пресуда? Таа секако нема да ја заврши политичката кариера на Додик, ниту тој ќе заврши во затвор. Затворските казни до една година во Босна и Херцеговина може да се откупат со 100 конвертабилни марки од ден, односно 36.500 марки за една година. Дури и да одлучи Додик да не ја откупи казната, како што и најави дека нема, него нема кој и како да го уапси. Истото тоа важи и за забраната за вршење јавна функција. Оваа пресуда е неприфатлива не само за власта туку и за поголемиот дел од опозицијата во Република Српска. Одамна поминаа времињата кога СФОР и ИФОР можеа непречено да апсат, па и лесно да убиваат кога сакаат.
Во минатото високите претставници ја користеа својата моќ врз основа на т.н. босански овластувања, кои беа донесени по Дејтонскиот договор за да управува со Босна и Херцеговина буквално како со колонија. Вториот по ред вршител на оваа функција Карлос Вестендорп го разреши претседателот на Република Српска Никола Поплашен, а потоа го одвои и градот Брчко со околината од Република Српска во полза на Федерацијата БиХ. Дури една година подоцна беше воспоставена одделна јурисдикција за Брчко, односно кондоминиум. Вестендорп ги воспостави сегашното знаме и химна на Босна и Херцеговина. Еден од озлогласените вршители на оваа должност беше и поранешниот британски разузнавач, припадник на елитните единици, а можеби и советник на ОВК, баронот Педи Ешдаун. Тој наметна дури 430 одлуки и смени најмалку 60 функционери на Република Српска, спроведе реформи на војската со укинување на Врховниот совет за одбрана на Република Српска и ги измени ентитетските уставни закони.
Канцеларијата на високиот претставник досега смени повеќе од 170 официјални лица, повторно српски, вклучувајќи судии, министри, државни службеници и членови на парламентот. Наједноставно кажано, денешните геополитички состојби да се исти како пред 20 години, Додик одамна ќе беше сменет од страна на високиот претставник.
Меѓутоа, оваа пресуда не оди во полза на неговото сменување, ниту суштински му наштетува на српскиот народ во Босна и Херцеговина.
– На ваков начин им се помага. Значи, идејата е некој колонијален управник, кој донесува закони 30 години по мировниот договор и оние што се противат на тоа да се апсат и затвараат, па што е тоа? Па, тоа беа овластувања на Почорек и Саркотиќ, последните управници и воено-цивилни гувернери на Босна и Херцеговина, пред падот на Австроунгарија – рече Зоран Миловановиќ, претседател на Република Хрватска.

Интересна е споредбата со колонијалната власт на Австроунгарија, влегуваме ли во последна фаза и на оваа нова колонијална управа?
Хрватите секако имаат причина да се надеваат на тоа, ако се земе предвид дека тие можеби го извлекоа најдебелиот крај во врска со политичкото уредување на Босна и Херцеговина, со кое денес Хрватите официјално се претставувани од Жељко Комшиќ, иако тој е избран со гласови на Бошњаците. Од 2022 година има одредени нешта што се променија во полза на Хрватите во Федерацијата Босна и Херцеговина, нешто што не се случило од 2018 година. Тоа му овозможи на ХДЗ да учествува во власта на Федерацијата, нешто што Бошњаците претходно не го прифаќаа, по цена дури и да не се формира влада.
Доколку се земе предвид дека Босна и Херцеговина е нагласено нефункционална држава во која Бошњаците сакаат да доминираат, не водејќи сметка за интересите на Србите и на Хрватите, постои голема шанса сугестијата на Додиќ за Херцег-Босна да се оствари: Хрватите и Србите да се отцепат од Босна и Херцеговина во оние делови во кои се мнозинство, а на Бошњаците ќе им остане она што ќе им остане. Тоа ќе се случи затоа што не сакаа да градат заедничка држава преку консензус. И тоа не мора нужно да се случи преку насилен пат.
Како што се одвиваат нештата, сѐ поверојатно е да се уредат сами по себе, бидејќи Република Српска практично функционира независно. Прашање е колку долго Хрватите ќе трпат, а пресудата против Додик секако е аларм и за нивните политичари. Само до 1999 година една милијарда долари странска помош за Босна и Херцеговина официјално исчезнаа. До затворањето на УСАИД, оваа агенција ги финансираше и ги одржуваше во живот државните институции во Сараево. Новите политики на администрацијата на Трамп за штедење финансиски средства ќе доведат до тоа одржувањето на Босна и Херцеговина да биде илузија.
Идејата за оформување на Босна и Херцеговина како една мини Југославија во која народите ќе живеат во мир, тешко дека може да биде друга заедничка држава. Се чини како улогата на меѓународниот фактор да им удира шлаканици
на Србите и да ги игнорира Хрватите, за Бошњаците да добијат држава за каква што на времето се залагаше Тито. Наместо да уживаат во својот статус и привилегии, Бошњаците можеа да изразат желба да ги заштитат интересите на своите сограѓани Срби и Хрвати.
Лесно е да се бранат сопствените интереси кога имаш поддршка, но заедничка држава подразбира дека сите ги бранат интересите на сите. Инаку тоа е само борба за доминација на едни над други. Мостот на Дрина нѐ учи дека тука ништо не се променило. Дали некој ќе има храброст да сврти нова страница или секогаш е доцна за тоа? Р.С.

Автор: Борис Малагурски