Една од најстарите зачувани фотографии од Галичка свадба

Томо Черепналковски половина век другарува со фотографскиот апарат

Во чест на големиот јубилеј 60 години од одржувањето на атрактивната туристичка манифестација „Галичка свадба“, Советот на Месната заедница на Галичник, на платото пред опеаната чешма Упија во Галичник, на 16 јули 2023 година, на Томо Черепналковски, фотоархивар и снимател, за вложен труд во афирмирање и пропагирање на манифестацијата во јавноста му врачи благодарница.
Разговарајќи за поводот за благодарницата, скромниот Томо Черепналкоски ни рече дека е најсоодветно да го пренесеме текстот што Моника Матовска го прочита на платото пред чешмата Упија по овој повод:
„Ако некој не го знае Томо Черепналкоски, бидете сигурни дека Томо го знае него и сѐ за неговата фамилијa! Томо е нешто како неформална матична евиденција на Галичник и галичани. Голем познавач, собирач и раскажувач на галички приказни, посветен фотограф на Галичник и архивар на над 2.500 стари фотографии. Во текот на неговиот живот бил активен учесник на галичките свадби и културно-уметничкиот живот на Галичник. Во архива се наоѓаат над 20.000 фотографии од Галичник и ’Галичката свадба‘, коишто лично ги фотографирал. Во 2019 година, светското списание ’Ридерс дајџест‘ објави негова фотографија на ’Галичка свадба‘ со текст, рангирана меѓу осум најдобри фестивали во Европа. Томо само во 2023 година во Википедија објави над 1.500 фотографии и видеа од ’Галичка свадба, со кои учествуваше на светското натпреварување со наслов ’Вики го сака фолклорот‘. Една од ретките објавени фотографии на натпреварот е поставена на нивната официјална ФБ-страница, како и на нивниот инстаграм-профил. Тој е единствениот, по галичанецот Гапе Ажиески, што ја знаеше и работеше со опремата за проектирање во киното во Галичник. Томо Черепналкоски е чувар на галичкиот бит, вреден архивар на драгоцени податоци за галичките фамилии и ведар раскажувач на галички приказни и историја. Во таа чест по повод 60 год. ’Галичка свадба‘, МЗ Галичник му ја доделува оваа благодарница“.
Проучувач на автентичната архитектура
Но тоа не е сѐ. Томо Черепналковски спаѓа во редот на големите вљубеници на родниот Галичник, не жали време и финансии да собира вредни предмети, фотографии и сл., кои низ вековите ги изработувале бистроумните галичани, на неповторливите природни убавини на ова уникатното орловско место, во неговиот просперитетен град со околу 5.000 жители и 800 куќи палати, со специфична архитектура, ѕидана со делкан камен, со четириводен покрив од камени плочи. Како што објаснува Томо, секој кат има внатрешен и надворешен влез, а поради конфигурацијата на теренот, куќите се граделе една до друга, една над друга и нивната поставеност наликува на голем амфитеатар. Секоја куќа има трем со двојна намена, за чување добиток и храна и огревни дрвја за затоплување на просториите. На првиот кат се дневната соба со камин и кујната со мијалник, а едно катче е наменето за трпезарија, во другиот простор се наоѓаат собите за спиење, на вториот кат исто така се наоѓале соби за спиење, затворен гостински чардак и параклис со икона на светецот заштитник на куќата и куќната слава.
Сите професии со кои се закитил Томо му овозможувале средби со повозрасни галичани од кои ги слушал историјата за Галичник и изворните народни свадбарски обредни песни, долги години бил учесник и ги научил оригиналните свадбарски обичаи, учествувал на прославите за Илинден, Преображение (19 август), на Летник и на другите.
– Имав чест, ги запознав историските и туристичките места, ги проучував неповторливите галички генијалци и дејци: копаничарот Аврам Фрчкоски, војводата Ѓорѓија Пулевски, првиот владика на Балканот, Партенија Зографски, собирачот на галички умотворби Панајот Ѓиновски и други народни уметници – вели Черепналковски.
Од кога се занимавате со историјата и културата на Галичник. Што беше пресудно да се определите за ова хоби, кое е тешко, бара време и парични средства?
– Роден сум во Галичник во 1951 година, осмолетка завршив во 1967 г. во родното место, во Скопје завршив средно архитектонско училиште и Архитектонски факултет. За време на летниот и зимскиот распуст бев во мојот Галичник и со другарите: Павле Бундоски, Косто Граоркоски, Анто Тортески, Даме Ѓозински и други го организиравме културно-забавниот живот, работевме во самопослугата, ресторанот, кафеаната, организиравме дискозабави, а јас од 1972 до 1980 година работев во киното „Просвета“ во Галичник како киноапаратер, два дена во неделата ги проектирав најновите филмови во тоа време. Тоа ми беше секако најубавата обврска што ја извршував за време на целиот живот. Сето тоа придонесе за еден убав одмор или престој во Галичник за сите што доаѓаа на подолг временски период или за неколку дена.
Во тие години во мене се создаде голема љубов да ги фотографирам Галичник и галичани со обичен фотоапарат. Кога околу 1975 година го купив рускиот апарат „зенит“, мислев сум купил авион. И за време на мојот работен век собирав одредени фотографии, видеа, документи, книги и друго, поврзани со Галичник. Секако треба да спомнам и дека многу бев импресиониран од архитектурата на галичката куќа, од нејзината складност и убавина на вградените природни материјали, на прозорците, вратите, стреите, од вклопеноста во самиот терен и природа. Кога ќе се качевме на Говедарник и кога ќе ги погледневме Галичник и неговите куќи, покриени со камени плочи, мислиш дека тука не постојат објекти туку дека тоа е планински дел создаден од природата.
Колку парчиња има Вашата фотоархива?
– Во мојата архива имам многу работи за Галичник, пред сѐ најмногу фотографии. Последните години сум посветен на собирање стари фотографии. Од старите фотографии, не сум ги броел, мислам дека имам околу 5.000, од таканаречените нови фотографии, кои претежно лично сум ги фотографирал, од Галичник, галичките куќи и маала и други фотографии за Галичник, имам околу 30.000 парчиња. Само од Галичките свадби што сум ги фотографирал имам околу 20.000 фотографии, најголем број се во дигитална форма, и околу 1.000 слајдови. Од документи за Галичник и галичаните во оригинална верзија имам над 2.000 документи. Паралелно со фотографирањето снимав и со видеокамера, од што имам повеќе видеа, а најзастапени се видеата од Галичките свадби, како и видеа снимени пред 70-100 години. Имам доста книги за Галичник и материјали напишани во весници, во оригинал и во копија.
Како ги собирате материјалите?
– Фотографиите и некои документи ги имам добиено од мојата фамилија, пред сѐ од пред Втората светска војна, кои во лична сопственост ги имаше дедо ми по мајка, Тихон Крцкоски, кој од 1919 година до капитулацијата на Србија бил претседател на Општина Галичник. Галичките семејства ми даваат стари фотографии, кои ги обработувам во дигитална форма и им ги враќам. Инаку, фотографиите со различна тематика и од многу места и градови низ целиот свет ги добивам од галичаните што оделе на печалба во Грција, Египет, Бугарија, Романија, Албанија, Америка и низ многу места на тогашната заедничка држава Југославија, како и на зимување со нивните стада овци. Што се однесува до документите, ги добив од Архивот на Македонија, Етнолошкиот музеј и од други институции и приватни лица.
Најмакотрпната и најтешка работа е да ги обработам старите фотографии, а уште потешко е да идентификувам барем некои личности на нив. Тука многу ми помагаа повозрасните, пред сѐ мојата тетка Јелица Топузоска, ама, за жал, таа веќе е во поодминати години и не може да ми помогне во тој дел. Готовите фотографии ги класифицирам во фолдери – досија со име на фолдерот. За да не направам грешка, како што ми се има случено неколкупати, ги ставам на два посебни хард-диска, како и на уште два други хард-диска, кои се наоѓаат кај мојот брат Крсте, кој живее во Америка. Така ги имам заштитено податоците. Инаку, фотографиите до 1960 година се дело на професионалните фотографи што ги имал Галичник: Ѓорѓе Дренкоски, Трпко Ѓиноски, Тихомир и Сирма Анастасиевски, Рокса (Ладевица) Кунческа, Јован Шулески и други фотографи.

Томо „се скарал“ со асистент за галичка куќа

На Архитектонскиот факултет имавме предмет Народна архитектура со подглавје „Галичка куќа“. Професор ни беше академик Крум Томоски. Одбрав да нацртам проект за галичка куќа, програмот го цртам во основа, ѕидовите направени од камен со дебелина речиси до 1 м ги цртам како што биле направени куќите. На предната страна обработен камен со големина до 30 см, во внатрешноста друг камен со големина исто така до 30 см, а средината пополнета со обичен камен и сето тоа залепено со кал, и на секој 1 м висина на ѕидот поставено клепе (дрвени букови греди) од двете страни на ѕидот и поврзани со други попречни гредички, кои служеле за израмнување и прицврстување на ѕидот. Асистентот ми вели дека не се така ѕидани куќите во Галичник. Го прашав во што е грешката, а тој ми вели дека ѕидовите се правеле во ширина од еден камен, со ширина околу 1 м. Јас му велам дека не е така. Ако каменот бил со такви димензии, коњите не можеле да ги донесат камењата до локацијата каде што се градела куќата, второ не можеле ни да ги подигнат, да ги стават на ѕидовите. Тогаш асистентот ми вели ти ли ќе ми кажуваш мене, јас сум бил во Галичник и сум скицирал куќи (кога студирал). А јас му одговорив „добро ти си скицирал куќа, ама јас сум турувал куќи во Галичник и знам како се ѕидани“, се потсетува Томо на студентските денови.
Томо Черепналковски