Фото: Маја Јаневска-Илиева

Правосудниот систем со сите негови составни делови, судовите и обвинителствата, не постои сам за себе и тој му припаѓа на народот, на граѓаните. Одлуките на судовите не можат да бидат донесувани спротивно на законите, ниту, пак, спротивно на правдата…, на таков начин што граѓаните ќе доживуваат неправда и ќе биде загрозуван нивниот физички и секаков друг интегритет. Сосема конкретно кажано, реформите во македонското правосудство ќе мора да содржат решенија со кои ќе се постигне еден флексибилен спој за да можат чинителите на тој систем секако да имаат потребен степен на независност, но и да не можат да се претворат во „недопирливи“, да не може власта да бара преиспитување и на нивните одлуки и на нивните однесувања во целина

Пораки во јавноста од судскиот случај „Теодора“ (2)

Веќе е познато во јавноста дека и Судскиот совет (кој е на иста линија со соопштението од тетовските судии) извести дека „во повтореното судење за прегазувањето на Теодора Ристовска во Тетово, судијата не можел да изрече повисока затворска казна од две години“, односно онака како што пресудил Апелацискиот суд во првичната постапка. За потсетување, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, формираше работна група што го разгледа постапувањето во предметот од моментот на обвинението до пресудата во повтореното судење, по што издаде соопштение во кое се заклучува дека „согласно член 428 од Законот за кривичната постапка, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“.

Гласот на народот, правдата против неправдата и скандалозно мајтапење со правосудниот систем

– Гласот на народот е доволно силен, за да допре до сите… Тие два проценти доверба, што му се доделени на судството, уште еднаш се покажа дека не се за џабе – нагласи министерот Филков во врска со „пресудата во повтореното судење за прегазувањето на Теодора Ристовска во Тетово“. Во врска со случајот, повеќе соговорници, професори и интелектуалци од различни провениенции, се јавија во редакцијата искажувајќи го својот став.
– Оние што имаат познавања на правосудниот систем (најчесто однатре, во системот), а на кои менталната матрица им е компатибилна со другата страна на правото и правдината, се персони што можат да ги најдат „дупките во законот“, да возат „слалом низ законските регулативи, избегнувајќи ги прописите“ и да „си играат мајтап“ со позитивното право – велат нашите соговорници.
Тие истакнуваат дека „во случајот со Теодора Ристовска можеби и не е направена грешка или превид во прописите или процедурите, туку многу умешно е изнајден начин да се избегне интенцијата на законодавецот – соодветна санкција заради недозволено поведение“. И така и се случило. Но и тоа е дел од системот што одамна „фалшира“, а треба да се исправи, велат соговорниците.
Во врска со ова, во својата колумна објавена во „Плус инфо“, пишува Бранко Геровски.
– Има ли грешки во овој процес? Има. Но јавноста, а и премиерот Христијан Мицкоски, згрозени од пресудата на Ферати, барајќи правда за Теодора, сепак тропнаа на погрешна врата, на вратата на Судскиот совет. Сега е јасно дека сите судии што пресудувале во овој случај (Вера Костовска, Шефајет Хајдари, Даут Рустеми, Емине Мурати и Ељведин Ферати) постапиле законски. Костовска не досудила максимална казна, но сепак висока (три години и шест месеци). Апелациските судии Хајдари, Рустеми и Мурати немале избор, освен да досудат пониска казна, кога вишата јавна обвинителка Војлца Елмази на јавна седница на Судот се согласила казната да биде пониска. А најнапаѓаниот Ферати, пак, немал друг избор, освен да ја потврди „плафонираната“ казна од две години затвор за Менсур Пајазити. Грешката – ако воопшто станува збор за грешка, а не за смислен план – е дело на гостиварската виша јавна обвинителка Вјолца Елмази – констатира Геровски, кој сепак дијагностицира појава што системски го разорува не само правосудниот систем туку е рак-рана и на целокупниот интегрален државен систем и го прави со битно намалена функционалност.

Две години затвор за одземен човечки живот – три години затвор за одземени 150 ќебапи и 20 плескавици!

Се разбира дека тука не е крајот на списокот со апсурдите, парадоксите и мајтапењата во македонското судство. Две години затвор за одземање човечки живот, а три години за одземање 150 ќебапчиња и 20 плескавици, плус кусур друго?! На пример, судијката Габриела Гајдова во јануари 2015 година го осудува велешанецот Петре Караманов со казна од три години затвор, бидејќи од кафеана на автобуската станица во Велес украл 150 ќебапчиња и 20 плескавици, лозова ракија, узо, мастика, коњак, пиво, сувомесни производи, краставици, домати, со направена штета од вкупно 5.635 денари.
– Му била одредена најблагата казна, зашто бил прекршочно казнуван, казнет како малолетник и дури девет пати осуден на затворска казна, претежно за разбојништва и кражби – било образложено кон пресудата за „љубителот на ќебапчиња и плескавици“. Значи Караманов можел да биде и „благодарен“, оти ќе добиел уште години затвор. Ќебапчињата, плескавиците, ракијата, узото, имаат вредност, добро де, ако ги украде сторител со „дебело досие“, арно ама, каква била вредноста на младиот и неодживеан живот на Теодора, штом за нејзиното усмртување се досудени „цели“ две години.
Трет случај: затворска казна во траење од четири години со одлука на Основниот суд Скопје 1 доби Панче Ангелов, кој за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година ја кубеше за коса и ја повреди тогашната министерка за одбрана Радмила Шекеринска. За делото „насилство“, за кое беше осуден, е предвидена казна затвор во траење од три до 10 години. И Панче Ангелов треба да биде „благодарен“ бидејќи можел да добие уште поголема казна…

Одлуките на судовите не можат да бидат донесувани спротивно на законите, но законите не можат да се донесуваат спротивно на правдата

Правосудниот систем со сите негови составни делови, судовите и обвинителствата, не постои сам за себе и тој му припаѓа на народот, на граѓаните. Одлуките на судовите не можат да бидат донесувани спротивно на законите, ниту, пак, спротивно на правдата…, на таков начин што граѓаните ќе доживуваат неправда и ќе биде загрозуван нивниот физички и секаков друг интегритет.
Сосема конкретно кажано, реформите во македонското правосудство ќе мора да содржат решенија со кои ќе се постигне еден флексибилен спој за да можат судиите со своите пресуди секако да имаат потребен степен на независност, но и да не можат да се претворат во „недопирливи“, да не може власта да бара преиспитување и на нивните одлуки и на нивните однесувања во целина. Изигрувањето на правдата во случајот со Теодора предупредува дека оваа пракса ќе мора веднаш да се сосече во корен и во иднина да се заострат, да се кренат на највисоко можно рамниште критериумите за избор на нови судии. Судиите во Македонија мора да ги почитуваат човечкиот живот и достоинство, а не да судат против нив, како што се случува со години кај одделни вршители на судската професија.

Св.Т.