Младите треба да бидат охрабрени да зборуваат за нивните внатрешни конфликти, без страв дека ќе бидат осудени или погрешно разбрани. Емоциите не треба да се потиснуваат, туку да се изразат во безбедно, поддржувачко опкружување – било тоа да е психотерапевтски контекст или разговор со родител или со духовно лице. Најважно е младите да се чувствуваат прифатено и сигурно во секојдневната реалност. Тоа значи да бидат опкружени со луѓе што не ги притискаат, не ги осудуваат и не се обидуваат „насила“ да ги закрепнат. Не треба да ги присилуваме да зборуваат за тоа за кое не се подготвени. Понекогаш тишината и мирното присуство значат повеќе од секој изговорен збор
ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р АНЕТА ЈОВКОВСКА, МАГИСТЕРКА ПО ПСИХОЛОГИЈА, ГЕШТАЛТ-ТЕРАПЕВТКА
По трагедијата во Кочани, каде што многу млади лица добија тешки повреди, на површина излегува не само физичката туку и длабоката психолошка болка што ја оставаат ваквите трауматски настани. За тоа како се справува психата по доживеана траума и како може општеството – особено семејствата и пријателите – да помогнат во процесот на заздравување разговараме со д-р Анета Јовковска, магистерка по психологија, гешталт-терапевтка, вонредна професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Професорке Јовковска, што претставува траумата кај млади лица што се соочиле со сериозен физички и емоционален шок, како што е трагедијата во Кочани?
– Траумата е индивидуален одговор на екстремен настан што ја надминува способноста на личноста да се справи со него. Кај младите, особено, телесната болка, променетиот изглед и долгото болничко лекување може да бидат придружени со страв, вина, срам и осаменост. Не е ретко тие да чувствуваат вознемиреност, да се соочуваат со кошмари, да се повлекуваат од другите или да покажуваат изблици на лутина – сето тоа се нормални одговори на трауматската ситуација. Покрај тоа, многу млади доживуваат и напади на паника – ненадејни епизоди на интензивен страв, кои можат да вклучуваат забрзано чукање на срцето, недостиг од воздух, треперење, потење и чувство дека ќе се случи нешто страшно. Тие често не можат веднаш да ги поврзат овие напади со трауматското искуство, што дополнително го зголемува стравот. Исто така, може да се јават и симптоми на посттрауматско стресно нарушување (ПТСН), како што се флешбекови – ненадејни и силни сеќавања на трагедијата, како да се случува повторно, избегнување ситуации или луѓе што потсетуваат на настанот, хронична напнатост или раздразливост.
Важно е да се нагласи дека кај младите може да се развијат и тешкотии со концентрацијата, нарушување на сонот, пад на самодовербата и чувство дека се „различни“ или „оштетени“. Сето тоа се природни психолошки реакции на тешка траума и ако потраат или се влошуваат, тогаш станува неопходна стручна поддршка. Заздравувањето не е линеарен процес – има свои подеми и падови – но со време, грижа и трпение може да се воспостават внатрешна рамнотежа и сигурност.
Каква поддршка можат да им дадат блиските, семејството и пријателите, на младите што преживеале тешка траума како трагедијата во Кочани?
– Најважно е младите да се чувствуваат прифатено и сигурно во секојдневната реалност. Тоа значи да бидат опкружени со луѓе што не ги притискаат, не ги осудуваат и не се обидуваат „насила“ да ги закрепнат. Не треба да ги присилуваме да зборуваат за тоа за кое не се подготвени. Понекогаш тишината и мирното присуство значат повеќе од секој изговорен збор. Да се седи покрај некој во болка, без обид да се реши болката веднаш, е еден од најмоќните облици на љубов и поддршка. Прашања како на пример „Како се чувствуваш?“ или „Што ти е потребно денес?“ се многу посоодветни од прашањата „Зошто си тажен?“ или „Уште не си подобро?“ Бидејќи тие не наметнуваат темпо или очекување, туку отвораат простор за искреност и прифаќање. Тука би сакала да укажам и на нешто што често се случува од добра намера, но може да биде контрапродуктивно – а тоа се зборовите искажани за утеха: „сè ќе биде добро“. Знам дека најчесто се изговорени од љубов и надеж, но ваквите зборови можат да звучат празно или дури и токсично за некој што во моментот се чувствува скршено, преплашено или беспомошно. Со ваквиот пристап ненамерно се игнорира вистинската болка и се испраќа порака дека треба да се „преболи“ или „заборави“, наместо да се признае и преработи. Подобро е да се каже: „Сега е тешко, но ти не си сам/а. Можеме заедно да го надминеме ова“. Овој начин го признава страдањето во сегашноста, а истовремено отвора врата кон надежта и вербата во подобра иднина. Тоа е вистинска утеха – не негирање на болката, туку сострадание. И, се разбира, трпението е суштинско. Процесот на заздравување кај младите може да биде долготраен и не е линеарно поставен. Ним, и откако ќе се почувствуваат подобро, понекогаш ќе им се јавува потребата да се повлечат во тишина или да бидат раздразливи – но ако најблиските останат доследни во својата љубов и поддршка, ќе знаат дека имаат сигурно прибежиште кога ќе бидат подготвени да зборуваат, да споделат, да се движат напред.
Покрај стручната и семејната поддршка, дали постојат начини на кои младите сами можат да си помогнат во процесот на заздравување? Како може да ѝ дадат смисла на траумата?
– Да, постојат начини. Иако секоја траума нè остава со чувство дека сме загубиле контрола, сепак, постојат мали но значајни чекори преку кои личноста може повторно да воспостави внатрешна стабилност. Прво и основно – прифаќањето на емоциите. Многу често младите мислат дека треба да бидат „силни“ и да не покажуваат што чувствуваат. Но вистинската сила лежи во тоа да си дозволат да ги почувствуваат болката, тагата, стравот, па и гневот – без вина и без осуда. Ова е првиот чекор кон закрепнување: да се признае дека е во ред да не се биде во ред. Важно е да се негува свесноста за сопствените емоции, но и за сопствените сили. Секој човек во себе носи ресурси – способност за адаптација, љубов, креативност, спомен на утеха, молитва – кои можат да бидат вклучени во процесот на самоисцелување. За некои креативното изразување, како на пример пишувањето дневник, цртањето или музиката може да бидат начини да се произнесе она што не може да се каже со зборови.
Од друга страна, како православен теолог, би сакала да го нагласам и значењето на духовната сила и верата. Траумата често нè соочува со прашања за смислата на страдањето, за присуството на Бог во болката. Но токму во тие моменти, молитвата, тишината, дури и само присуството во храмот или разговорот со свештеник, може да биде потсетник дека не сме сами. Во верата не ја негираме болката – туку ја преобразуваме. Крстот е токму симбол на таа тајна: страдањето не е крајна точка, туку премин. Многу млади откриваат нова сила токму тогаш кога мислат дека се скршени – и тоа е благодат. Во траумата не мора секогаш да се најде „логична“ смисла, но може да се најде личен пат – пат на раст, сочувство, поголема зрелост. Понекогаш токму оние што преживеале траума стануваат светлина за другите. И тоа е еден од начините да му се даде смисла на она што се случило.
Што е со чувството на вина или „зошто јас преживеав, а некој друг не“?
– Тоа е чест симптом кај лицата што преживеале траума. Ова чувство може да биде особено интензивно кај младите, кои се во фаза на формирање на идентитетот и имаат засилена емпатија кон врсниците. Мисли како на пример: „Требаше да бидам јас наместо него/неа“ или „Можев да направам повеќе“ се очекувани, но и длабоко исцрпувачки. Тие често произлегуваат од потребата да се најде некаква смисла или контрола над нешто што било целосно надвор од нивната моќ. Затоа е важно да им се помогне на овие млади да сфатат дека преживувањето не е вина, туку можност – и дека чувството на тага или вина е дел од процесот на закрепнување, а не доказ дека направиле нешто погрешно.
Потребни се време и терапевтска работа за тие чувства да се обработат. Младите треба да бидат охрабрени да зборуваат за нивните внатрешни конфликти, без страв дека ќе бидат осудени или погрешно разбрани. Емоциите не треба да се потиснуваат, туку да се изразат во безбедно, поддржувачко опкружување – било тоа да е психотерапевтски контекст или разговор со родител или со духовно лице. Со текот на времето тие можат да научат дека токму нивната болка може да биде трансформирана во сочувство, благодарност, дури и посветеност кон нешто повисоко – нешто што ќе ѝ даде смисла на нивната траума.
Дали треба веднаш да се побара професионална помош?
– Не секогаш веднаш, но внимателно следење е важно. Ако младата личност по неколку недели продолжи да чувствува интензивна тага, психичка болка, има тешкотии со спиењето, нарушен апетит, се повлекува од социјалниот живот или покажува знаци на депресија, анксиозност или напади на паника, тогаш стручната помош е неопходна. Психотерапијата не е знак на слабост, туку на храброст – да се соочиш со болката и да побараш начин како да продолжиш понатаму. Важно е родителите да не чекаат состојбата да се влоши, туку да реагираат превентивно и со емпатија. Навремената поддршка може да го спречи развојот на посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) и да помогне младата личност да го врати чувството на контрола и надеж. Помошта е достапна и секој има право на неа – без срам, без стигма.
Каква улога има општеството во закрепнувањето?
– Улогата на општеството е многу важна и не завршува со сочувствителни пораки веднаш по настанот – туку токму тогаш започнува. Наместо сензационализам или драматизирање на трагедијата, неопходна е искрена и долгорочна емпатија. Училиштата, локалната заедница, медиумите, стручните лица, духовните лица – сите имаат обврска да создадат поддржувачка средина во која овие млади ќе се чувствуваат безбедно да зборуваат, да ги изразуваат своите емоции и да закрепнуваат. Менталното здравје не смее да биде табу-тема – ниту во училишните клупи ниту во јавниот дискурс. Вистински гест на општествена грижа е кога институциите и заедницата активно вложуваат во психолошка едукација, психосоцијална поддршка и долгорочни програми за рехабилитација и интеграција. Овие млади луѓе се храбри, чувствителни и полни со живот што треба да се обнови. Тие не треба да се дефинираат преку траумата, туку преку потенцијалот што го носат. Секоја форма на осуда, шепотење зад грб или погледи обоени со сожалување дополнително ги ранува. Затоа, како општество мораме да изградиме култура во која сочувството не е само зборови туку активна грижа. Тоа е нашиот колективен повик.
И на крајот, што би им порачале на младите што сега се на лекување?
– Не сте сами. Дури и кога сè изгледа темно и тешко, запомнете дека некој мисли на вас, се моли за вас и верува во вас. Болката што сега ја чувствувате не ве дефинира. Таа е дел од вашата сегашност, но не и целиот ваш живот. Во вас има длабока сила што можеби сега е скриена под слоеви на страв, тага и прашања – но таа сила е таму, жива е и ќе се покаже. Не наеднаш, не под притисок – туку тогаш кога ќе бидете подготвени, чекор по чекор, со поддршка, со љубов, со трпение. И не заборавајте – да побарате помош не значи дека сте слаби. Напротив, тоа е чин на храброст. Да се погледнете себеси со сочувство, да си кажете „не морам сам/а“, да дозволите некој да оди со вас низ оваа болка – тоа е првиот и најважен чекор кон заздравување. Вие заслужувате живот што не е обележан само со болката од она што се случило, туку и со нова надеж, нова сила, верба и раст.
Живко Здравкоски