Она што е клучно е дека кога има јасно поставени критериуми што треба да се исполнат, тогаш напредокот зависи исклучиво од сопствените сили, но проблемот настанува кога се наметнуваат услови што не гарантираат предвидливост, не се поврзани со основните критериуми, туку се однесуваат на билатерални прашања со земјите членки. Затоа крајно е нејасно зошто Европа не иницира некаков механизам со кој ќе спречи какво било билатерално прашање да биде критериум или услов за некоја земја на нејзиниот пат кон полноправно членство, кога веќе гледа дека ваквите преседани почнуваат да се повторуваат
ЕУ недоследна кон сопствените принципи и критериуми
Патот на секоја земја кон полноправно членство во Европската Унија опфаќа сеопфатни реформи, борба со корупцијата и владеење на правото, клучни услови што Македонија како држава се обврза дека ќе ги исполни уште кога ги зацрта сопствените стратегиски цели.
Сите тие се дел од Копенхашките критериуми и претставуваат јасен патоказ што сѐ треба да направи една држава доколку сака да стане дел од ЕУ, а динамиката зависи исклучиво од домашната политичка волја и од институционалните и човечки капацитети да се исполнат овие услови.
Во име на таа динамика и како одговор на системските пропусти и метастазираната корупција неодамна беше формирано меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, а на конститутивната седница на телото меѓународниот фактор уште еднаш ги повтори своите барања – брзи реформи, борба со корупцијата, независно судство и „стоп“ за политички влијанија.
Она што е до нас може да се направи, но загрижува она што го наметнуваат други
Несомнено актуелната власт покажува волја да започне решителна пресметка со корупцијата затоа што тоа е работа што првенствено зависи од домашниот фактор, ќе донесе подобар живот за македонските граѓаните и попросперитетна држава, но истовремено тоа ќе значи голем чекор напред во исполнувањето на европските критериуми.
– Веднаш да бидам јасен. Ова тело нема да биде само уште една административна конструкција. Ние сме овде за да создадеме нова форма што ќе има суштина, а нема да биде форма без содржина. Сакаме да изградиме механизам што ќе дејствува брзо, ефикасно и бескомпромисно… Корупцијата убива надеж. Ги тера младите да си заминат. Ги обесхрабрува чесните. Го подрива општеството. Сакам да подвлечам дека корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава… Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите. Оваа борба не е само борба против криминалот и корупција, туку ова е борба за душата на нашата татковина. За вредностите што сакаме да ги живееме. За тоа дали ќе бидеме општество на ред и закон или на врски и на договори под маса – рече премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи на конститутивната седница на новото тело за борба со корупцијата.
Она што е клучно е дека кога има јасно поставени критериуми што треба да се исполнат, тогаш напредокот зависи исклучиво од сопствените сили, но проблемот настанува кога се наметнуваат услови што не гарантираат предвидливост, не се поврзани со основните критериуми, туку се однесуваат на билатерални прашања со земјите членки. Затоа крајно е нејасно зошто Европа не иницира некаков механизам со кој ќе спречи какво било билатерално прашање да биде критериум или услов за некоја земја на нејзиниот пат кон полноправно членство, кога веќе гледа дека ваквите преседани почнуваат да се повторуваат.
– Сметам дека треба да се размисли за воведување механизми каде што нема да се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел – изјави неодамна Мицкоски, говорејќи на редовниот годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО.
ЕУ да ја отстрани билатерализацијата од пристапниот процес
Дел од домашните аналитичари се на ставот дека меѓународната заедница треба да ѝ дозволи на Македонија да ги продолжи евроинтеграциите според истите услови и критериуми што важеа и за другите земји во нивниот пристапен процес.
– Странците бараат од нас реформи, борба со корупцијата, владеење на правото, независно судство и слично. Сето тоа е во ред бидејќи ова се работи што се однесуваат на состојбите внатре во државава, кои и граѓаните сакаат да се средат. Но кога ЕУ покрај веќе утврдените критериуми ќе наметне нови билатерални услови, како што беше случајот со Македонија, тогаш политичарите едноставно наоѓаат изговор да не ги спроведуваат реформите правдајќи се дека што и да направат, повторно ќе се најде некаков билатерален проблем како името на државата, знамето, идентитетот, јазикот, историјата, промена на Уставот и слично, што ќе го блокира целиот процес. Во меѓувреме, политичките елити го користат тоа да се богатат, да нема одговорност за криминалите, да цвета корупцијата, да нема владеење на правото, односно да се направи анемично општество што нема да реагира на таквите неодговорни политики – велат аналитичарите.
Според нив, тоа немаше да биде така доколку ЕУ останеше доследна на сопствените принципи и не дозволуваше билатерализација на македонските евроинтеграции.
– Кога има јасно поставени критериуми, тогаш и домашната јавност ќе ја притиска секоја власт да ги исполни тие критериуми бидејќи тоа значи подобар живот за граѓаните. Но кога ќе им кажете дека покрај тие критериуми, на крајот треба да ги смените и името и Уставот и уште мал милион работи, тогаш ја убивате општествената енергија за реформи. Резултатите на последните анкети говорат дека дури 80 отсто од Македонците се против уставни измени дури тоа да значи и пролонгирање на евроинтеграциите, не затоа што се против Бугарите, туку затоа што се чувствуваат излажани од ЕУ и не сакаат некој повторно да ги лаже и да им поставува нови услови. Колку отстапки и да се направени, сепак има некои црвени линии и Европа мора да го уважи тоа. Ако бара реформи, борба со корупцијата и владеење на правото, нека ни дозволи да го исполниме тоа, но да не нѐ обременува со билатералните фрустрации на соседите – заклучуваат аналитичарите.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов се согласува дека не е коректен односот на Европа кон Македонија дополнително да ги усложнува пристапните критериуми со билатерални прашања.
– Европа сега ниту самата не знае каде ѝ е главата. Од една страна вели дека има утврдени критериуми по кои секоја земја пристапува, од друга страна нѐ условува со уставни измени и впишување на Бугарите. Каде се видело да се отвора нечиј устав за симболичен број на граѓани што се чувствуваат како Бугари? Ако некој треба да го отвори Уставот, тоа секако е Бугарија, која треба да признае илјадници Македонци таму. Но нејсе, Европа намерно го билатерализира нашиот процес само за да нѐ држи подолго надвор, а нашиве политичари го користат тоа да не ги прават реформите и другите обврски. На некој начин и самите сме виновни, нема основна политичка култура, политичарите постојано се плукаат меѓу себе, оти да беше поинаку во овие 30 години тие ќе седнеа и ќе се договореа околу клучните работи важни за државата, барем тука да си ги средевме состојбите, па потоа ќе имавме кредит да бараме од ЕУ да не ни поставува билатерални услови – констатира Јањатов.