
Во сè пофрагментиран свет, Македонија останува силно посветена на ефективниот мултилатерализам, а Обединетите нации (ОН) ги гледаме во нејзиниот центар, истакна шефицата на македонската држава Гордана Силјановска-Давкова
Средба на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со заменик-генералната секретарка на Обединетите нации, Амина Џ. Мохамед
Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова вчера оствари средба со заменик-генералната секретарка на Обединетите нации, Амина Џ. Мохамед, и се обрати пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија. Во врска со природата и улогата на Обединетите нации, како организација создадена да го штити мирот, соговорничките се согласиле дека по осумдецениско постоење, неопходно е Организацијата да се реформира во согласност со современите мировни и демократски предизвици.
– Да градиме почитувано и инспиративно лидерство, да ги облагородиме суровиот реализам и силата со идеализам, со право, етика и морал – истакнала во своето обраќање македонската претседателка.
Заменик-генералната секретарка посочила дека ОН мора да ги задржат вредностите и принципите на Организацијата и да бидат погласни, со што на сегашните и на идните земји членки ќе им докажат дека имаат бенефиција од членството во ОН. Осврнувајќи се на процесот на нашата евроинтеграција, заменик-генералната секретарка истакнала дека е важно ОН да се заложат за нас, како мала земја што неправедно и предолго чека за влез во ЕУ.
Пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија, Силјановска-Давкова нагласила дека иако светот претрпе длабока геополитичка, економска, еколошка, демографска и технолошка трансформација, надлежностите, структурите и процедурите на ОН останаа главно непроменети.
– Неопходни се суштински реформи што ќе ги направат Генералното собрание и Советот за безбедност полегитимни и подемократски институции во исполнувањето на Повелбата на ОН. Советот за безбедност не може да се избира, да има состав и да одлучува како во 1945 година. Тој мора да се реформира и да стане поодговорен за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание мора да ја надмине својата дебатна улога и да прерасне во клучно тело во процесот на одлучување и креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите држави – рекла таа.
За неа координаторите на ОН се носители на глобалната совест, поборници и борци за мир, даватели на помош на оние на кои им е најпотребна, носители на надеж во време на очај. Таа ја изразила и ветила нејзината поддршка.
– Како човек што го посветил својот живот на правото и правдата, сè уште верувам во потребата од ефективен мултилатерализам со силни, реформирани Обединети нации – истакнала таа.
Која е Амина Џ. Мохамед, заменик-генерална секретарка
на Обединетите нации?
Исклучително успешна жена, и на приватен и на професионален план
Изразувајќи сочувство за трагедијата во Кочани, заменик-генералната секретарка на Обединетите нации, Амина Џ. Мохамед, вчера пред сѐ истакна дека „од несреќата, за жал, сите научија голема лекција и сфатија дека може секому да му се случи“. Според неа, „најдобрата одлука што ја направила државата е што голем дел повредени биле испратени на лекување во странство“. Со ваква голема загуба, како што посочила таа, ниту една земја не може и не треба да се справува сама.
Инаку, г-ѓа Амина Џ. Мохамед е заменик-генерална секретар на Обединетите нации и претседавачка со Групата за одржлив развој на Обединетите нации (ОН). Пред нејзиното назначување, г-ѓа Мохамед беше министерка за животна средина на Сојузна Република Нигерија, каде што ги водеше напорите на земјата за климатските активности и напорите за заштита на природната средина.
Г-ѓа Мохамед ја започна својата работа во Обединетите нации во 2012 година како специјална советничка на поранешниот генерален секретар Бан Ки-мун со делокруг на работа во развојно планирање по 2015 година. Таа го водеше процесот што резултира со форматирање на т.н. Глобален договор, а во врска со агендата за одржлив развој од 2030 година и создавањето на целите за одржлив развој.
Г-ѓа Мохамед ја започна својата кариера работејќи на дизајнирање предлози за воведување поквалитетни услуги на училиштата и болниците во Нигерија. Таа потоа имаше успешно реализирани проекти за зголемување на пристапот до образованието и подобрување на квалитетот на социјалните услуги. Потоа таа својот ангажман го лоцира во јавниот сектор, каде што се искачи на позицијата советничка на шефот на државата (и тоа на четири последователни шефа на државата), за борба против сиромаштијата, реформи во јавниот сектор и одржлив развој.
Г-ѓа Мохамед е предавачка на повеќе универзитети во светот на темата меѓународен развој, а има и четири почесни докторати. Добитничка е на различни награди во глобални рамки. Мајка е на шест деца и има пет внуци.