Убавата насмевка никогаш не излегува од мода, но потрагата по бели заби понекогаш може скапо да нѐ чини – особено кога станува збор за агресивни методи за избелување, кои го оштетуваат здравјето на забите. Иако резултатите може да бидат моментални, несаканите ефекти, како што се чувствителност, оштетување на глеѓта или повлекување на непцата, често се појавуваат кратко време по третманот. Затоа сѐ повеќе луѓе бараат понежни пристапи што не ја загрозуваат структурата на забите, туку полека и постепено ја враќаат нивната природна белина.
Најнежни и најмалку штетни методи за избелување на забите се оние што минимално влијаат на глеѓта и не предизвикуваат преосетливост.
Стоматолозите можат да користат гелови со пониски концентрации на водород пероксид (до 6 проценти) или карбамид пероксид (до 10-16 проценти), кои се значително побезбедни за емајлот отколку посилните третмани. Постапката се спроведува постепено, со заштита на непцата и следење на чувствителноста.
Белење со употреба на производи без пероксид е исто така решение. Постојат пасти, гелови и ленти на база на натриум бикарбонат, хидроксиапатит или ПАП (фталимидо-пероксикапроична киселина), кои ги отстрануваат дамките без да ја еродираат глеѓта. Тие не се толку ефикасни како третманите со пероксид, но се побезбедни за долготрајна употреба.
Има и некои природни методи за освежување на бојата на забите. Паста за заби со хидроксиапатит – ги реминерализира забите и визуелно ги осветлува. Кокосовото масло може да ги отстрани површинските дамки и да ја подобри оралната хигиена. Малку абразивни пасти (на пр. со активен јаглен или сода бикарбона) се користат повремено и нежно. Што треба да се избегнува? Агресивните методи, како што се белењето со силни пероксиди (35 проценти и повеќе) или ласерското белење може да предизвикаат преосетливост и оштетување на глеѓта. Треба да се избегнува триење на забите со лимон, оцет или сода бикарбона без контрола, бидејќи киселината и абразивноста може да ја оштетат глеѓта.