Фото: Музеј галерија - Кавадарци

Младиот графички дизајнер Илија Дојков кој активно се изразува и во традиционалната уметност, вклучувајќи сликарство, фотографија и тетовирање во саботата на 5 април во музеј- галеријата во Кавадарци за првпат се претстави самостојно со проектот „Мартириум“.

Во неговото творештво преовладува играта на светлината и сенка, преку која ја истражува човечката природа, идентитет и граница на оптествени норми. Со оваа многу интересна изложба со која на раскошен начин е претстав ен неговиот талент и на своевиден начин ја разбранува кавадаречката културна јавност музеј-галеријата во Кавадарци ја потврди определбата да афирмира млади и исклучително талентирани уметници.

– Од најрана возраст бев маѓепсан од класичната уметност – од Караваџо, Микеланџело, Бугеро. Во сликите од Мартириум постои трајна потрага по светлината преку сенката, по божественото преку телото, по мистичното преку раната. Човечкото тело го гледам како храм преку кој зборува душата – полно со болка, екстаза и надеж. Во моите актови се обидувам да ја претворам трагедијата во убавина и страдањето во возвишеност. Инспирацијата ја црпам од соништата, од митологијата, од скриените емоции што не секогаш можат да се кажат со зборови. Затоа сликам – за да зборувам онаму каде зборот замолчи – вели Дојков.

Изложбата со наслов „Мартириум“ вели авторот е негов дипломски труд и претставува книга со илустрации од творештвото на Марина Туцаковиќ. Главниот акцент е креирање на нова димензија и пренесување на поинаква перспектива во текстовите на авторката, комбинирајќи ја нејзината поезија со визуелниот израз.

-Важно е да се нагласи дека „Мартириум“ како книга и „Мартириум“ како визуелни дела носат различни приказни и имаат повеќе слоеви на значење. Книгата ја разгледува поезијата од Туцаковиќ низ нова призма, додека сликитепак, претставуваат визуелен израз кој додава дополнителни и различни интерпретации. Првата компонента за да се реализира проектот беше изработка на фотографии кои ќе послужат како скелет во создавањето на делата додека во проецесот на реализација, имав соработка со Македонската Опера и Балет, каде заедно работевме на изборот на реквизити и костими со цел да се долови величенственоста и драматизмот на барокната епоха- вели Илија Дојков.

Проектот Мартириум содржи 19 дела работени во техниката сув пастел и со неа Илија
Дојков испиша една нова историја на ФДМ при АУЕ ФОН затоа што беше првиот студент на кој факулетот во фојето му организира изложба од јавен карактер – потенцира неговиот ментор ипрофесорот Милош Милосављевиќ. За него Илија е студент кој на највисоко ниво го совладал процеот на градење на уметничкото дело, почнувајќи од композицијата, преку сите останати градивни компоненти , кои партиципираат во нејзиното осмислување.

„Мартириум“ е серија уметнички дела што ја истражуваат сложената природа на љубовта, болката и жртвата преку визуелен јазик и инспириран од темниот барок и ренесансните мајстори.

Делата комбинираат класична фигуративност со современа егзистенционална чуствителност, создавајќи слики што истовремено фасцинираат и вознемируваат, потикнувајќи интроспекција и набљудување. Во сликите на Дојков човечкото тело е поставено во драматични композиции, каде што светлината го моделира со речиси скулптурална прецизност, додека сенките го вовлекуваат во таинствена , речиси надреална атмосфера. Во оваа визуелна симфонија на тензија и хармонија,
телото не е само форма, туку медиум што ги носи трагите на минливоста, страста и преобразбата.

Актовите често прикажани во состојба на ранливост, контеплација и трансценденција, го отсликуваат внатрешниот конфликт помеѓу телесното и духовното и помеѓу копнежот и жртвата- ќе напише професорот Милош Милосављевиќ.

Преку сложените симболички прикази „Мартириум“ за Милосављевиќ, го истражува
човечкото постоење како чин на вечна борба и преобразба, каде што болката не е крај, туку премин кон нешто возвишено. Оваа изложба не нуди едноставни одговори, туку отвора простор за дијалог со гледачот, поканувајќи го да навлезе во сопствените длабочини, таму каде што љубовта и страдањето се неразделно сплотени.

Илија Дојков своето образование во областа на графиката го започна во Државното
средно училиште за ликовна уметноста „Лазар Личеновски“ во Скопје , а минатата година димломира на Факулетот за дизајни и мултимедија на АУЕ ФОН во Скопје графички дизајн под менторство на проф. Милош Милосављевиќ. Неговите уметнички дела биле дел од повеќе групни изложби како што се „Млади Уметници“ во Националната галерија Мала станица и во седум изложби на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци.