Сообраќајната култура и етиката во сообраќајот во Македонија не се на задоволително ниво. И не само тоа, туку да бидеме уште подиректни – мошне се присутни сообраќајна некултура и непочитување на прописите, односно евидентирани направени прекршоци од страна на разни учесници во сообраќајот. Сведоци сме, а и многу граѓани се жалат дека секојдневно се соочуваме со луѓе зад воланот што свесно ги прекршуваат правилата, мислејќи дека тие се најважни, а не прописите. Но не е мал бројот и на пешаци што сметаат дека ќе заштедат неколку секунди и побрзо ќе стигнат до посакуваната цел со тоа што ќе поминат на необележани пешачки премини односно „сечејќи“ улици и булевари, со што свесно го доведуваат во опасност не само својот живот туку и животите на многу други учесници во сообраќајот
Зголемениот број сообраќајни незгоди и настрадани во последните години опоменуваат
Во изминатиов период на страниците на „Нова Македонија“ понудивме серија текстови со голем број податоци од кои се гледа дека последниве години многу се зголемени бројките на сообраќајни незгоди, на загинати и на повредени лица во патниот сообраќај во Македонија. Бројки што опоменуваат и повикуваат на будење на свеста за заедничко издигнување на безбедноста на сообраќајот на повисоко ниво, особено во Скопје. Притоа една од главните цели е драстично да се намалат бројките на загинати или повредени учесници во сообраќајот, но и генерално на направени прекршоци од страна на учесниците…
Експертите од оваа област кои ги консултиравме при подготвувањето на серијата текстови се едногласни дека се потребни коренити промени во оваа област, пред сѐ во однесувањето на учесниците во сообраќајот. Според нив, тоа би опфаќало пакет мерки со цел значително да се зголеми почитувањето на сообраќајните правила. Тука бездруго би требало да бидат организирани што повеќе едукативни активности за сите учесници, да се организираат настани (иницијативи, продукција и промоција) и јавни кампањи за издигнување на јавната свест за важноста на културата во сообраќајот, за зголемување на безбедноста и за едукација на сите учесници во сообраќајот. Императив треба да ни биде сообраќајот да биде посигурен и со што помалку настрадани лица.
– За жал, не можам да кажам дека сообраќајната култура и етиката во сообраќајот во Македонија се на задоволително ниво. И не само тоа, туку да бидеме уште подиректни – мошне се присутни сообраќајна некултура и непочитување на прописите, односно евидентирани направени прекршоци од страна на разни учесници во сообраќајот. Сведоци сме, а и многу граѓани се жалат дека секојдневно се соочуваме со луѓе зад воланот што свесно ги прекршуваат правилата, мислејќи дека тие се најважни, а не прописите. Но не е мал бројот и на пешаци што сметаат дека ќе заштедат неколку секунди и побрзо ќе стигнат до посакуваната цел со тоа што ќе поминат на необележани пешачки премини односно „сечејќи“ улици и булевари, со што свесно го доведуваат во опасност не само својот живот туку и животите на многу други учесници во сообраќајот – ни вели долгогодишен експерт од областа на безбедноста во сообраќајот.
Нашиот соговорник и другите учесници во изработката на серијалот посочуваат на проблемот со непрописното паркирање на автомобилите, проблем што е особено присутен во Скопје и поради кој не им е лесно ниту на пешаците ниту на оние што возат по велосипедските патеки. Затоа, според нашите соговорници, тенка е линијата меѓу сообраќајната некултура и прекршоците во сообраќајот. Возење преку тротоари и зелени површини и паркирање на кружни текови и други недозволени места за возила се само едни од примерите на несовесно однесување на возачите што може да се видат во нашиот главен град. Секако, ова се само некои од причините што нема доволно сигурен сообраќај во Скопје.
– Сообраќајните незгоди не може да се избегнат, но нивната бројка може да се сведе на минимум, со што би се спасиле многу животи на учесниците во сообраќајот. А учесници сме сите. Затоа би укажал дека личната одговорност на секој учесник во сообраќајот е најважна за поголема безбедност во сообраќајот. Досега апелите и казните имаа недоволен ефект, иако спречувањето на сообраќајните незгоди и почитувањето на сообраќајните правила не може да се постигне само со казнување туку во преден план би ја ставил превенцијата – додава нашиот соговорник.
За потсетување, токму за превенцијата имавме посебно продолжение во серијалот од нашите неколкунеделни истражувања на податоците од мошне зголемениот број на сообраќајни незгоди во последниве години во Македонија. Притоа потенциравме дека е од исклучителна важност да се применува и адекватно етичко однесување. Во сообраќајот учесниците треба да бидат претпазливи, хумани и конструктивни. Но, за жал, се чини дека има (пре)многу спротивности: невнимателност, неукажување помош на повредени, деструктивност. Обврска е да се почитуваат другите учесници во сообраќајот. Огромна е потребата да се биде толерантен, воздржан и смирен.
Основите на сообраќајната култура, која треба да ја поседува секој учесник во сообраќајот – без оглед дали станува збор за пешак, возач на моторно возило, патник, велосипедист, мотоциклист… – се да се познаваат и да се почитуваат законските правила и прописи. Оттаму се почнува.
Во еден ден санкции за 827 прекршоци
Дека во сообраќајот има голем број прекршоци може да се увериме и од бројките што се презентираат преку информациите во билтените објавени од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР). Доволно е да го земеме како пример текстот од веб-страницата на МВР од средата, 12 март, насловен „827 санкции за сообраќајни прекршоци во текот на вчерашниот ден“, а во кој пишува: „Во текот на вчерашниот ден (11 март) од вкупно изречените 827 платни налози од страна на полициските службеници во рамките на опфатените сообраќајни контроли на патиштата низ земјата, по подолг период прекршоците од делот на неправилно паркирање и непридржување до пропишаната брзина на движење, статистички се симнати од врвот за сметка на вчера изречените 209 прекршоци што ги сториле пешаците. Па така, по основ на неправилно паркирање и непридржување до пропишаната брзина на движење во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вчера биле изречени 203 односно само 52 казни. Исто така евидентиран е и зголемен број на прекршоци по основ на неносење сигурносен појас – 82, потоа 13 учесници во сообраќајот се казнети заради неносење заштитен шлем, а 35 возачи поради говорење на мобилен телефон при возење. Покрај ова, вчера петмина возачи минале на црвено светло, шестмина управувале под дејство на алкохол, 69 возачи управувале возила без возачки дозволи, а пак следствено одредбите од Законот за возила – 10 возила се исклучени од сообраќај поради техничка неисправност, а 16 возила затоа што не биле со валидна регистрација“, пишува во текстот објавен на 12 март на веб-страницата на МВР.
ЖИВКО ЗДРАВКОСКИ