Доколку се утврди дека дел од лицата кои ДКСК ги стави на список дека немаат доставено анкетен лист и покрај плаќање на глобата, ќе се достави известување до надлежните органи коишто ќе спроведат натамошни дејства, ова го кажа претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Татјана Димитровска во одговор на новинарска прашање на 16-тата седница која се одржа денес.
Претседателката Димитровска посочи дека во тек е анализа за тоа дали лицата против кои се поведени прекршочни постапки имаат доставено имотни листови.
– Точно, објавивме список за првпат од постоењето на Комисијата. Во тек е анализа на тоа дали лицата против кои беа поведени прекршочни постапки имаат доставено анкетни листови- рече Димитровска.
Таа напомена дека Законот не го уредува тоа, а како иницијатива произлегла од Колегиумот на овој состав на Комисијата.
– Бидејќи има отсуство на регулирање на таква законска обврска, иницијативата е да не дозволиме, по плаќање на прекршочни налози или глоби, да се амнестираат сите избрани и именувани лица од обврската за пријавување на имотната состојба- појасни првиот човек на ДКСК.
Таа одговори потврдно на забелешката дека глобите се во износ кој секој од поранешните пратеници и функционери може да си го дозволат и покрај тоа што не ја исполниле законската обврска, таа напомена:
– Се согласувам и сите овие забелешки. Ние ги имаме утврдено во текот на едногодишен мандат. Тие се состојат и во предлог измените и дополнувања во Законот за спречување корупција и судри на интереси коишто очекуваме дека во скоро време ќе бидат донесени и од страна на законодавниот дом- рече Татјана Димитровска претседател на ДКСК.
На списокот кој ДКСК го објави кон крајот на февруари, годинава како Информации за изречени глоби – 2024 година има 85 лица, главно пратеници од претходниот состав, министри, градоначалници, членови на управни одбори, декани, директори на јавни установи и други функционери. Најмногу глоби во износ од 300 евра се за неподнесување на изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК, а има и глоби од 500 евра за неизземање од спроведување на постапка.
Глоби од по 200 евра заработиле и Артан Груби, прв заменик министер и Министер за политички систем и односи меѓу заедниците и Фатмир Меџити, министер за здравство. Овие поранешни функционери во својство на одговорно лице во надлежна институција, не презеле мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК.