Нашата соработничка пред зградата на Парламентот во Букурешт

Репортажа од Романија

Романија е земја во Југоисточна Европа, која граничи со Бугарија, Молдавија, Унгарија и Србија, а излегува и на Црно Море. Низ централниот дел од земјата минуваат Источните и Јужните Карпати, а главен град е Букурешт. Од 2004 година Романија е членка на ЕУ, но иако е во тоа семејство, платежно средство сѐ уште е нејзината национална валута леи.
Според најстариот зачуван документ напишан на романски јазик, името Романија доаѓа од зборот роман, што е од латинскиот назив романус, односно граѓанин на Рим. Во 16 век италијанските хуманисти што патувале низ некогашните Трансилванија, Влашка и Молдавија, кои биле засебни области, населението го именувале како Романи. Па, оттука и започнува примената на името Романија, која денес е модерна, современа држава, по долгите години под комунистички режим. Сега кога посетителот ќе појде во Романија, а најчесто во Букурешт или во Брашов, може да го забележи европскиот напредок, иако сепак е видлив и комунистичкиот период.

Букурешт град со широки булевари и паркови

Букурешт или познат како Мал Париз е фасцинантен град со широки булевари и дрвореди. Кога и да појдам таму, се воодушевувам на промените што се случуваат во овој град со познати објекти и живот на висока нога. Така беше и при мојот последен престој во Букурешт, кој вреди да се посети во кое било време. Букурешт е град што буквално го раскажува периодот од комунистичкото, но и европското живеење. Град во кој има што да разгледате, еден од најголемите во Југоисточна Европа, индустриски, трговски и културен центар на Романија. Разгледот на градот започнува или од Патријаршијата или од пред Парламентот, во зависност од плановите на водичите. Нашиот водич Елена одлучи разгледот да го започне од пред Патријаршијата, при што ни раскажа малку историја за Букурешт, градот во покраината Влашка, на реката Дамбовица, на која има седум езера. Дознаваме дека во него живеат околу два милиона жители и е шести град по број на граѓани во ЕУ. Климата е умерено континентална, во зима е ладно, а во лето топло и суво.
Историски, Букурешт бил населен уште во петтиот век од пред нашата ера, а првиот пишан документ за него е од 1459 година. Името го добил по патирот Букур, кој со својата музика го развеселувал месното население, што во превод значи радост. Последните години Букурешт е град што постојано се развива – има два аеродрома, добра сообраќајна инфраструктура, вклучувајќи ја и железничката станица. Букурешт е град околу кој водат национални патишта за Украина, Унгарија, Бугарија…
Започнуваме разглед пред Патријаршијата, значаен верски духовен храм, еден од поубавите во грaдот. Малку историја, можност за фотографирање, а потоа и пешачење до Парламентот. Пред ова грандиозно здание, Елена ја раскажува приказната за градењето на Палатата на парламентот или Народната палата, трета најголема во светот, на која работеле над 700 архитекти и 20.000 работници. Има 12 ката и 1.100 соби, а под земја има уште четири ката и нуклеарен бункер. Внатрешноста е импресивна со кристални лустери, мозаици, мермер, злато, раскошни теписи. Денес објектот е седиште на општината и административен објект за меѓународни конференции.
Душата на Букурешт е стариот дел, област позната како Липсцани, со посебен шарм. Стар дел што освојува со духот, со многубројните улички, ресторани, сувенирници, продавници, уметнички галерии, интересната книжарница, кафулиња… Во овој дел ќе ја видите Старата принцез палата, изградена од Влад Дракула, во која некогаш се држеле затвореници, како и Старата црква од 16 век, каде што се крунисувале романските принцези. Важно место за средби и прошетки е Плоштадот на револуцијата, каде што можете да ги видите Кралската палата, Римскиот атенеум, Народниот музеј на Романија, палатата Антина и црквата „Кречелеску“. Потоа прошетка до Универзитетскиот плоштад, на кој се објектите од универзитетот „Букурешт“, Народниот театар, палатата Сута… Букурешт има и голем број цркви, еврејски храмови и згради, бидејќи е еден од најстарите еврејски центри. Она што особено плени низ Букурешт се парковите и градините што се вистинска атракција – како градината Чишмигуи, Ботаничката градина, паркот „Карола“, паркот „Хераструа“…
Букурешт го красат и голем број други знаменитости, како што се Куќата на слободниот печат изградена во 1956 година, Триумфалната капија, подигната во чест на граѓаните што се бореле во Првата светска војна, од чиј врв има преубава панорама на градот.
Прошетајте низ Авенијата на победата или Калеа виктореи, една од најубавите улици во Букурешт, изгрaдена во 1692 година, денес најмодерна и најексклузивна улица. Потоа разгледајте ги Кантакузиновата палата и Воениот клуб, ама ако ви остане време, прошетајте низ Етносело-музејот со над 300 куќарки, цркви, ветерници, во кое во 50 објекти се прикажуваат историјата и дизајнот на руралната романска култура. Она што мене ме фасцинира за Букурешт е што има 37 музеи, 22 театри, две оперски куќи, три концертни сали, 18 уметнички галерии, голем број библиотеки, книжарници… А, кога си во Букурешт, неизбежно е да посетиш некој од националните ресторани, бидејќи романската кујна е одлична, спој на турската, српската, унгарската и германската. За оние што сакаат ноќен живот има голем број дискотеки и ноќни клубови, како ретко каде во другите европски градови. И кога сте во Букурешт, немојте да не појдете до Терме Букурешт, место за капење, одмор и релаксација, кое се наоѓа на 20 километри од градот. Станува збор за убав спа-центар со многубројни базени, солени соби, бањи, тобогани….

Нашата соработничка пред зградата на Парламентот во Букурешт

Дворците Пелеш и Бран – вистинска туристичка атракција

На околу два часа од главниот град Букурешт се наоѓа монденското туристичко одморалиште во Синаја, место за одмор и релаксација на Романците. Во шумата на крајот од градот, под Карпатите, сместен е дворецот Пелеш, неоренесансна градба започната во 19 век. Дворец што плени со својата раскошност, како однадвор така и внатре. Можеби поради убавината бил и употребен за снимање филм на Дизни. Дворецот Пелеш, кој сега надворешно се реставрира, бил летна резиденција на кралот Карл, кој бил воодушевен од овој предел и одлучил тука да го изгради. Бил граден по теркот на Версај, но според мене е многу поубав, пораскошен. Совршен и надвор и внатре. Додека владеел Чаушеску бил затворен, бидејќи не му се допаѓал. По неговото заминување од власт, повторно е отворен за јавност и е значајна културна и туристичка знаменитост. Има 170 соби, богато украсени, а туристите можат да ги видат првиот и вториот кат. Во дворецот има непроценливо богатство од исклучителна вредност – слики, скулптури, злато, слонова коска, таписерии. Нема што нема во овој дворец, кој, според мене, е еден од најубавите во Европа.
Во непосредна близина е замокот Бран, еден од најпосетуваните дворци во Романија, кој својата популарност му ја должи на Стокеровиот роман/филм за Дракула. Изграден е во 14 век, се наоѓа на пат меѓу Влашко и Трансилванија, а во него живеела кралицата Марија, која подоцна дворецот ѝ го оставила на својата ќерка, принцезата Илеана, која во Втората светска војна го пренаменила во болница. Е, кога ќе стигнеш таму, те пречекуваат редици туристи што чекаат да влезат за да го разгледаат дворецот. Влезниците се купуваат или онлајн или на самото место на многубројните автомати. Се чека ред за влез, а внатре посетителот ја доживува автентичноста на времето во кое е изграден. Разгледот трае околу еден час, по што секој има можност наоколу да ги разгледа различните тезги за сувенири и да вкуси од романските солени и благи специјалитети.

Брашов градот на Црната црква

По разгледот на дворецот Бран, патот те води кон Брашов, еден од најпознатите трансилвански градови. За нецели 40 минути се стигнува до овој некогашен саксонски град, кој плени со своето градско јадро. Патниците од автобусите се симнуваат речиси во центарот на градот, по што се оди директно на плоштадот „Пиата Сфатулуи“, кој е центар за градските настани повеќе од 600 години. Веднаш се стигнува до Црната црква, симболот на градот, од 14 век, лутеранска црква што претходно била именувана како Богородична црква. Се смета дека поцрнела во 17 век од пожар, но во суштина поцрнела од индустријата што била значајна во 19 век во Брашов. Внатре има импресивни оргули со над 4.000 цевки и значајна колекција на теписи од средновековниот период. Шетајќи низ плоштадот, низ улицата Сфори, ќе забележите германско и унгарско влијание, измешано со трансилванската архитектура. Патот ве води низ калдрмисаните улици и остатоците од некогашната градска фортификација. Центарот е мал и е место за сите брашовски атракции. Ако сте расположени за подолга прошетка, разгледајте ги Синагогата, Шеј капија, односно нивната триумфална порта, под која минуваат возила, градската тврдина и средновековниот замок, неколкуте кули, Цитаделата… А ако не сакате да шетате долго, седнете во некој од рестораните и уживајте во убавата атмосфера. Вкусете ги најдобриот перек со сирење и колачите по избор, со феноменален вкус.
Така ќе ви заврши и посетата на Брашов, од каде што ќе заминете со убави впечатоци и спомени.
Впечатоците од посетата на Романија ќе ви траат долго, особено ако направите многу фотографии, понесени од убавата романска архитектура, природа и атмосфера.

Текст и фото: Каролина Мицевска