Дали и колку би можеле земјите од Западен Балкан да ја следат новоусвоената политика на Европската Унија за милитаризација, колкава економска и финансиска сила би имале за купување тенкови, хеликоптери, артилерија, лесно стрелачко оружје или повеќе би претпочитале мир и одржлив економско-социјален развој?
Челниците на ЕУ и лидерите на државите членки на Унијата веќе се целосно свесни дека постојната европска безбедносна структура е здраво начната или уште попрецизно – дисфункционална. Тој факт за светската јавност стана и многу поочигледен и откако американскиот претседател Доналд Трамп ги изнесе своите мислења за Старата Дама. Имено, одамна дијагностицираната потреба на европските либерални елити, а посебно на францускиот претседател, да се форматира т.н. „европска стратегиска автономија“, која вклучува и воено-одбранбен сектор, се засили како некаква потреба на Брисел за да ја задржи својата улога на фактор во глобални рамки, а се нагласи уште повеќе со третманот на Трамп кон Европа. Во вчерашниот број на „Нова Македонија“ имавме посебен осврт на тоа прашање, а денеска ќе се осврнеме посебно е прашањето: Дали и колку би можеле земјите од Западен Балкан да ја следат новоусвоената политика на Европската Унија за милитаризација, колкава економска и финансиска сила би имале за купување тенкови, хеликоптери, артилерија, лесно стрелачко оружје или повеќе би претпочитале мир и одржлив економско-социјален развој?
Што ќе стане ЕУ: „Воен тигар“ или „сојуз на 28 милитаризирани мачиња“?
Од низата разговори со нашите соговорници, професори, дипломати и политички аналитичари се добива впечаток дека „земјите од Западен Балкан како да имаат малку маневарски простор за избор“. Имено, државите кандидатки за интегрирање во ЕУ, со самиот факт на нивните стратегиски определби за интеграција во Унијата и прифаќање на растегливите критериуми за интеграција, кои треба да се исполнат, некако како автоматски да се обврзаа за стопроцентно следење и послушно спроведување на фамозната „заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ“, која сега налага и многу покрупни нешта…
Исклучително интересно, но м-р Бруно Рукавина, експерт за геополитика од Хрватска, во првиот дел од својата анализа, објавена во аналитичкиот портал „Геополитика.њуз“ на 14 март 2025 година, иронизирајќи со планираната милитаризација на Европа, категорично констатира дека „Европската Унија нема да стане ’воен тигар‘, туку сојуз на 28 милитаризирани мачиња (држави)“!
Земјите, кои вложуваат прекумерно во воена опрема и вооружување, можат да се соочат со економски проблеми и со намалување на ресурсите за општествениот развој, пишува Рукавина, додавајќи дека „прекумерното вложување во воената индустрија може да го пренасочи вниманието од други важни области на животот како што се образованието, здравството, социјалната заштита“…
– Но токму овде е интересно поставувањето на едно прашање во јавноста што е од висок јавен и граѓански интерес: Дали всушност европските граѓани сакаат милитаризација/нуклеаризација на својот континент? Дали би им било полесно да спијат ноќе со повеќе или со помалку нуклеарни боеви глави на европскиот континент? Би било интересно да се најде некое надворешнополитичко/безбедносно прашање на референдум во некоја од државите членки на ЕУ, како на пример, прашањето: Дали граѓаните се за продолжување на воената поддршка за Украина и за натамошна можна ескалација на судирот со Русија? – нагласува Рукавина во својата анализа.
Тимофеев: Систем и архитектура на евроазиска безбедност, а не само на европска безбедност!
Во својата анализа со наслов „Пет прашања за евроазиската безбедносна архитектура“, објавена на 27 јануари 2025 година во рускиот весник „Взгљад“, Иван Тимофеев, докторанд по политички науки и доцент на Државниот институт за меѓународни односи при Министерството за надворешни работи на Русија, аргументира теза дека токму тој фамозен „европски безбедносен систем“ не подразбира неделива безбедност, еднаква за сите држави на европскиот континент, туку оти, напротив, создава услови за судири.
– Европскиот безбедносен систем не успеа да стане инклузивен (сеопфатен, вклучувајќи) и со тоа да ги отстрани предусловите за какви било конфликти врз основа на принципите на еднаква и неделива безбедност. Европскиот, поточно евроатлантскиот систем останува затворен и вертикален. Европската безбедност има свои механизми, но објективно е подредена на волјата и раководството на САД. Наместо директивите за безбедноста да се спуштаат одозгора, треба да се создава простор за дијалог и креативност. Ние во Русија имаме свое мислење. Ние сакаме да работиме на тоа заедно со нашите пријатели и истомисленици – нагласува високопозиционираниот руски експерт, кој е едновремено генерален директор на Рускиот совет за меѓународни односи, како и програмски директор на меѓународниот дискусиски клуб „Валдај“. Тој има интересен предлог, во контекст на новиот концепт за мултиполарност и во потрага по иновативни решенија за постигнување детант и геополитички баланс: Градење систем и архитектура на евроазиска безбедност, а не само на европска безбедност!
Парадоксот на Брисел
Се создава парадоксална ситуација: сега за Американците, Русија како да е помалку непријател или да кажеме поблаго геополитички противник, ама за оваа политичка Европа, Русија и Путин се сметаат како голема и директна опасност за европската безбедност. Францускиот претседател Макрон повика на формирање „европски одбранбен сојуз“, Британците се подготвени да се упатат „европски мировни сили“ во Украина, ама само се „подготвени“, прашувајќи се кој ќе прифати да оди во борбени операции против Русите во Украина, зашто тие не се баш многу расположени самите да го сторат тоа. На почетокот на овој месец март на самитот за Украина во Лондон, Франција и Велика Британија ја формираа таканаречената „Коалиција на волни“: даваат пари, ракети, оружје, ама други „волни“ да одат во Украина…
Прашање е колку овие европски лидери и државници имаат „Коалиција на подготвени“ и со граѓаните во нивните држави, колку се волни нивните граѓани да им одобрат мегаломански издвојувања стотици милијарди евра за воената индустрија, во време кога Европа се претвора во „долина на социоекономскиот плач“… Затоа рускиот експерт Тимофеев ги критикува Европејците дека директивите за безбедноста не треба да се спуштаат одозгора“, туку оти треба тие директиви и самата безбедносна архитектура и систем да се градат и „одоздола“, имајќи ги предвид животот, потребите, интересите и барања на обичните луѓе, кои се подготвени за мир, а не за војна.
Додека Вашингтон беспоштедно унилатерално вложуваше средства за „севкупниот, заеднички со Европа, НАТО-одбранбен чадор“, европските либерални елити од Брисел и владите на ЕУ-членките бескрупулозно ги пласираа своите буџетски пари во други текови, за други свои невоени потреби (наместо во заедничкиот НАТО-буџет). Токму со такви лукавства и финансиски еквилибристики, Европа врз грбот на американските граѓани се обидуваше да си обезбеди побрз економски раст и подигање на своето економско-социјално ниво. Во тој контекст, многу американски критичари со републиканска провениенција ја сметаат Европа за „подла, лукава и дволична“…
Во Вашингтон владее презир кон Европа
Администрацијата на Трамп ќе изврши ревизија на трансатлантскиот НАТО-сојуз
Катја Адлер, уредничка за Европа во Би-би-си, пишува во својата анализа, објавена деновиве, дека „во Вашингтон владее презир кон Европа“.
– Врвен европски дипломат деновиве наиде на длабок презир кон европските партнери во еден онлајн разговор со највисоките американски безбедносни функционери. Додека САД одвојуваат 3,7 отсто од својот колосален БДП за одбрана, мнозинството европски партнери во трансатлантската одбранбена алијанса дури неодамна го зголемија издвојувањето за одбраната на 2 отсто од БДП. Европа во голема мера се потпира на САД, меѓу другото, за разузнавање, за воздушните одбранбени способности и за нејзиниот нуклеарен чадор – напиша Адлер.
Имено, додека Вашингтон беспоштедно вложуваше средства за севкупниот заеднички, со Европа, НАТО-одбранбен чадор, европските либерални елити од Брисел и владите на ЕУ-членките бескрупулозно ги пласираа своите буџетски пари во други текови, за други свои невоени потреби (наместо во заедничкиот НАТО-буџет). Токму со такви лукавства и финансиски еквилибристики, Европа врз грбот на американските граѓани се обидуваше да си обезбеди побрз економски раст и подигање на своето економско-социјално ниво. Во тој контекст, многу американски критичари со републиканска провениенција ја сметаат Европа за „подла, лукава и дволична“…
Според нашите соговорници, сега, со трампизмот, дојде до пресврт во американската политика: САД немаат повеќе нерви, ниту волја, а уште помалку да плаќаат за одбраната на европските држави. Моментната позиција на Трампова Америка кон оваа политичка Европа и кон ЕУ многу добро е сумирана од Стефен Волт, професор по меѓународни односи во Универзитетот „Харвард“ во својата колумна, објавена во „Форн полиси“ на 21 февруари 2025 година: „Да, Америка сега ѝ е непријател на Европа. Администрацијата на Трамп ја изврши ревизијата на трансатлантскиот сојуз“. Дали европските политички и воени лидери и самата ЕУ ќе успеат да ја изградат својата новозамислена и ужасно скапа европска безбедносна архитектура, останува да се види. Или можеби „Коалицијата на неволните“, нивните граѓани ќе им ги расипат забеганите сметки и планирања.
Идната „европска безбедносна архитектура“ веќе не е – флоскула (2)
Изразот „нова европска безбедносна архитектура“ беше само флоскула што имаше цел да ја прикрие вистината: Вооружување на Европа!
Во вчерашниот број, „Нова Македонија“ објави изводи од штотуку објавената студија изготвена од 17 експерти за безбедносната и надворешната политика од Европа и САД за потребите на Генералниот директорат за истражувачки служби на Секретаријатот на Европскиот парламент (ЕП). Поради тоа, студијата всушност носи и печат на Европскиот парламент (ЕП). Насловот на студијата е „Идната европска безбедносна архитектура: дилеми за стратегиска автономија на ЕУ“. Таа несомнено ќе се надоврзе и на неодамна (18 март) промовираната „Бела книга за европската одбрана – подготвеност 2030“, која Европската влада (ЕК) ја претстави како дел од планот за повторно и интензивно вооружување на Европа.
Свето Тоевски