Не, насловот не е поезија, но ја има таа тежина. Сублимирано во неколку збора чии крајни слогови се совпаѓаат со интенција полесно да се запаметат. И да се анализираат за натаму. Затоа што токму таа анализа ќе изроди сублимирана синтеза што ќе отвори можност за нас во иднина отворено да се разговара со НАТО-сојузниците и за жртвата направена за зачленување на земјата во Алијансата… По пет години се покажа дека Македонија не е закана за никого, туку посветен, докажан и доверлив член што се залага за дословно почитување на меѓународното право и за тоа се бори. А тоа вклучува суверено право на секој народ сам да го одбира името на сопствената држава… Нашето членство во НАТО треба да го третираме и како клучен мултилатерален медиум за создавање сојузништва што полека ќе се префрлаат во рамките на друга крупна мултилатерална организација, Обединетите нации, каде што може да биде исправена неправдата врз државата со принудната промена на нејзиното уставно име… Тоа треба да биде нашата мировна мисија внатре во НАТО…
Изминаа пет години од членството на Македонија во НАТО, доволна временска дистанца за од сегашна перспектива да се направи рекапитулација за тоа што доби, а што земјава требаше да добие, а не да загуби од зачленувањето во најголемиот воен сојуз на денешницата.
Кога сите работи во овие пет години би се ставале на една хипотетичка замислена терезија, тасот за придобивките и загубите натежнува еднакво, или можеби повеќе натежнува кон големината на направена жртва од македонска страна, но она што е клучно за периодот што следува е да се направат чекори што ќе овозможат тој тас на имагинарната терезија да натежне многу повеќе кон она што значи бенефит за граѓаните и државата.
Членството во НАТО требаше да донесе крупен бенефит за македонските граѓани
Несомнено, негативно е тоа што аспирацијата за полноправно членство во Алијансата беше искористена за наметнување услови што се надвор од секаква здрава логика, спротивна на принципите на самата Алијанса, на меѓународното право и значеа директно задирање во сувереното право на државата да го одредува сопственото име. Барањето државата да го промени уставното име Република Македонија за да се зачлени во НАТО, секако, е голем минус за Алијансата, имајќи предвид дека името на државата не претставува никаква закана кон никого, а е директна закана за македонскиот идентитет. Понатаму, членството во НАТО требаше да донесе инвестициски бум во овие пет години како што тоа беше случајот со Хрватска и Албанија, но тоа не само што не се случи, туку земјава постојано беше заобиколувана од инвеститорите. Да биде парадоксот уште поголем, во времето кога Македонија беше дел од „Партнерство за мир“ многу македонски компании имаа активни договори за соработка со Алијансата и многу повеќе работеа, имајќи го предвид фактот дека НАТО не е само воена структура, туку и цивилна. По зачленувањето, ваквата соработка и ангажман на македонските компании значително опадна. Во овие пет години НАТО требаше да помогне и во одредени инфраструктурни зафати што беа и од интерес на новите геостратегиски мапирања во регионот, но и тука нема никакви активности. Патиштата останаа во иста состојба, а не беше реновиран ниту воениот полигон Криволак, кој своевремено беше најавуван како иден центар за обуки на НАТО-војниците во Југоисточна Европа.
Она на што беше ставен посебен фокус како главна придобивка од членството на земјава во НАТО во овие пет години е безбедноста на државата во светлината на руската агресија врз Украина. Голем плус е и што самото членство во НАТО оди во поддршка на унитарниот карактер на државата и се демотивираат секакви изблици на иредентизам, сецесионизам или какво било територијално прекројување. Имаше и извесни донации во техничка опрема и тука се заокружуваат позитивните придобивки во оваа прва петолетка од македонското членство во НАТО.
Како почна патот кон Алијансата
Зачленувањето на Македонија во НАТО е стратегиска определба на државата уште од нејзината самостојност пред повеќе од три децении.
Определбата за евроатлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието ја усвои Резолуцијата во која беа дефинирани надворешнополитичките приоритети на државата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
На 15 ноември 1995 година државата го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата „Партнерство за мир“, а на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски.
Во април 1999 година на самитот на НАТО во Вашингтон, тогашна Република Македонија се стекна со статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што почнаа подготовката и реализацијата на Акцискиот план за членство.
Во финалната Декларација од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција.
Условот беше исполнет со потпишувањето на Преспанската спогодба во 2018 година во Нивици, по што на 6 февруари 2019 година беше потпишан Пристапниот протокол, а веќе на 27 март во 2020 година, Македонија под новото име „Северна Македонија“ и официјално стана полноправна членка на НАТО.
Неискористени шанси
Исклучително важен момент кога Македонија можеше прва од регионот да стане дел од НАТО-силите беше нападот на Алијансата врз тогашната СР Југославија. Тогашната македонска влада на чело со Љубчо Георгиевски дозволи прелети на авионите на НАТО, транзит и стационирање трупи на Алијансата, користење на сите воени капацитети во земјава, воспоставување соодветна логистика потребна за сојузничките сили, со други зборови целосно ја стави на располагање македонската територија.
Констатација на многу аналитичари за безбедносни политики од земјава, но и пошироко од регионот, е дека Македонија не ја искористила шансата да ја валоризира услугата што му ја даде на НАТО во време кога активни членки на Алијансата одбиваа да стават на располагање свои капацитети за потребите на мисиите на НАТО врз тогашна СР Југославија. Да беше барем малку помудра тогашната македонска политичка елита, имајќи ја предвид важноста на македонската територија, тогаш полноправното членство ќе беше најмалку што Северноатлантскиот сојуз ќе можеше да го понуди во тој момент за Македонија во однос на сите концесии што ги даде земјава, како во делот на оштетувањето на домашната инфраструктура така и во делот на нарушувањето на добрососедските односи. Наводните безбедносни гаранции за земјава, дека во случај на ескалација и напади и врз македонска територија би се активирал членот 5 од Повелбата на НАТО, едноставно беа премалку во однос на она што Македонија го жртвуваше.
Ако тогаш не беше искористена шансата, сега по пет години членство време е да започне нова дипломатска офанзива за да може ефективно да се валоризира големата жртва што беше направена, односно промената на името.
Наместо да се развива со членството во НАТО, македонската наменска индустрија згасна. Од друга страна, поголем дел од актуелните земји членки ја засилуваат воената индустрија, некои дури и на сметка на автомобилското производство, кое беше главен двигател на нивните економии. Сега сите тие се префрлаат на воената индустрија, а Македонија иако своевремено имаше капацитети, буквално ги урниса и веќе ништо или речиси ништо од воената индустрија не се произведува во земјава.
Дополнително, НАТО не е само воена организација, туку и наука, па од тие причини, потребна е поголема вклученост на македонските научници и инженери, кои ќе добијат пристап до високи технологии и врвни програми на кои работи Алијансата. Повеќе од потребно е македонски стручни тимови да се вклучат во тие програми за да може и земјава да дојде до тие нови технологии што би се искористиле за домашни потреби. Посебно се важни истражувањата во нови технологии мотивирани од ретките минерали што сѐ повеќе наоѓаат примена во чувствителни технологии, особено оние поврзани со новите извори на енергија и нејзино складирање. Македонските тимови можат да споделат дел од своите сознанија за вредноста на лорандитот, минерал единствено присутен во рудникот „Алшар“ што би можел да се користи во процесите за обезбедување неограничена енергија. Само со активно учество во овие програми на НАТО државата и граѓаните можат да имаат бенефит.
Дополнително, пред извесно време Алијансата отворено се стави на страна на Македонија по забелешките на Грција околу колоквијалната употреба на името Македонија од страна на македонски функционери, со образложение дека тоа не е работа на сојузот. Ова отвора можност во иднина со НАТО-сојузниците отворено да се разговара и за жртвата направена за зачленување на земјата во Алијансата, откако по пет години се покажа дека Македонија не е закана за никого, туку посветен член што се залага за дословно почитување на меѓународното право, кое вклучува суверено право на секој народ сам да го одбира името на сопствената држава. Клучно е оваа дебата и сојузништва полека да се префрлаат во рамките на Обединетите нации, каде што може да биде исправена неправдата врз државата со принудната промена на нејзиното уставно име.
Обврски
Македонија во овие пет години, но многу години и пред ефективното членство, ја потврди својата посветеност кон НАТО. Земјава со години испраќа свои војници во повеќе мисии на Алијансата, дури и кога не беше членка. Таа учествуваше со многу повеќе војници во Ирак и Авганистан отколку некои земји членки, а сега повторно е присутна во Косово, во БиХ, како и на други места. Македонија меѓу првите го достигна прагот од два отсто од БДП издвојување за одбраната, а обврска е и постигнување интероперабилност така што старото оружје се обновува со модерна софистицирана опрема во согласност со НАТО-стандардите.
Државата веќе пет години е дел од НАТО, но она што е забележливо е дека целосно е запоставена домашната одбранбена стратегија. Интернет-порталот „Глобал фајерпауер“ неодамна објави листа на 145 земји рангирани според нивната воена сила за 2024 година. На листата за воената моќ на државите, Македонија на почетокот од оваа година е позиционирана на 110-та позиција.
За потсетување, Македонија досега само осум пати беше вбројувана во рангирањата на „Глобал фајерпауер“. Првпат во 2017 година сајтот ја рангираше нашата војска на досега највисокото 116-то место на листата на држави. Наредната 2018 година, АРМ беше сместена пониско за шест позиции, односно беше поставена на 122-то место на табелата. Во 2019 година, АРМ беше сместена на 118-то место, во 2020 година таа беше позиционирана на 133-то место на листата на „Глобал фајерпауер“. Војската во 2021 година беше на 133-то место, следната 2022 година на 135-то место, а лани на 108-то место на листата најмоќни војски во светот.
Сето ова говори дека Армијата, без оглед на членството во НАТО, мора да поработи и на сопствената одбранбена стратегија. Нема тенковска единица, нема авијација или е дотраена со стари хеликоптери, така што се потврди дека со влегувањето во НАТО, Македонија се обиде да ги реструктурира вооружените сили, но не успеа. Тоа што е впечаток во јавноста е дека повеќе ги демонтираше отколку што ги направи ефикасни и оперативни. Впрочем, тоа го покажуваат и рангирањата.
Идентитетски ресет преку НАТО-мултилатерала
Она што може да се смета како голем успех за Македонија во рамките на нејзиното петгодишно членство во НАТО е позицијата заменик-генерален секретар на Алијансата, која ја доби Радмила Шекеринска.
Очекувањата се дека таа ќе го вложи сиот свој интелектуален капацитет да ги презентира сите потенцијали со кои располага земјава, а тоа да биде препорака за државата да биде вклучена во некои поважни програми на Алијансата што би донеле бенефит за државата. Македонија очекува од заменик-генералниот секретар, меѓу другото, да работи на цивилната компонента многу повеќе, што би значело насочување на инвестициите во земјава, воспоставување на логистиката, поголем удел на македонските тимови во научната сфера и истражувањата, но и промоција на македонскиот мирољубив пристап дека земјава никогаш кон никого не искажала какви било територијални претензии или агресија. Со други зборови, треба да се креира атмосфера дека можеби е дојдено време во една таква мултилатерална структура да се информираат нашите партнери дека сакаме да се рестартираме како идентитет, како одземен идентитет и на тој начин да почне првичната дискусија во НАТО за можноста за враќање на името, која потоа би се префрлила во рамките на ОН. Ако ништо друго, контурите за една ваква дебата може да почнат да се поставуваат во следниот период, паралелно со напорите што земјава ќе ги прави да ги докаже својата посветеност и доследност како дел од Алијансата.