Сложената изведба на Фернанда Торес, која со својата совршена фацијална експресија му дава специфична тежина на ова дело е маркантна. Таа не може да ја скрие тагата што извира од нејзиното лице. Фернанда Торес дава неверојатни перформанси, покажувајќи ги силата и ранливоста на Јунис на многу реален и моќен начин. Таа прави да го чувствувате секој момент од приказната, а нејзината глума е незаборавна. Торес со својата волшебна и трогателна глума без двоумење можеше да ја освои наградата за најдобра женска улога на Оскарите
Рецензија за филмот „Сè уште сум тука“, добитник на „оскар“ за најдобар странски филм
Бразилската историско-политичка драма „Сè уште сум тука“ на режисерот Валтер Салес го освои „оскарот“ за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје. Во конкуренција со големите хитови, како што беа „Емилија Перез“, „Флоу“, „Семето на светата смоква“ и „Девојката со иглата“, можеби по малку неочекувано, но не и незаслужено, овој филм беше избран за најдобар странски филм на годинешното издание на Оскарите. Покрај „оскарот“ со кој се закити, „Сè уште сум тука“ беше во трка уште за две други признанија, „оскар“ за најдобра главна женска улога (за Фернанда Торес) и „оскар“ за најдобар филм на годината.
Враќањето на режисерот Салес кон политичко-историските приказни се чини како полн погодок. Неговиот портрет на младиот Че Гевара во „Дневниците на мотоциклот“ на сличен начин ја портретираше оваа позната личност од светската историја, а Салес за ова незаборавно дело ги доби „златната мечка“ во Берлин и главната награда на „Бафта“ во 2004 година. Валтер Салес е еден од најнаградуваните јужноамерикански режисери, кој покрај овие две блескави признанија, е добитник уште на 67 филмски награди на филмските фестивали низ светот.
Оваа филмска адаптација на Салес се базира на истоимените мемоари на Марсело Рубенс Паива (авторот е син на Јунис и Рубенс), кои се впрочем и негова автобиографска книга. Марсело, како младо момче израснато на плажите на познатата Копакабана, е сведок на сите случувања што можеме да ги проследиме во филмот на Салес. А тој, пак, под искуството на неговата режисерска палка, постапно и неизбрзано, но и тивко и разорно, ги воведува гледачите во потеклото на приказната за која сведочи Јунис Паива, неговата мајка.
Во безбедноста на рацете на црквата, исплашената Јунис Паива (Фернанда Торес), сопругата на поранешниот конгресмен Рубен Паива (Селтон Мело), пристигнува со надеж за одговори. Но не од Бога. Таа се соочува со поранешниот учител на нејзините деца, кој откако е уапсен, приведен најверојатно од бразилската воена диктатура, сега се обидува да задржи низок профил во просторот што им нуди на луѓето духовна заштита. „Мојот сопруг е во опасност“, вели вознемирено Јунис. „Сите сме во опасност“, возвраќа наставникот. Тој сеопфатен ризик и теророт што се чувствуваат го зафатија Бразил за време на насилната воена диктатура што ја зафати јужноамериканската земја од 1964 до 1985 година.
Токму тоа е и периодот во кој се случува дејството во „Сè уште сум тука“. Бразил, 1970 година, Рио де Жанеиро. Јунис и Рубенс живеат луксузен живот со своите пет деца покрај плажата Леблон. Со бел песок мек како перници и сини мориња чисти како небо, идиличното место треба да биде меко слетување за семејството Паива по завршувањето на политичките ангажмани за Рубенс. Сѐ наведува на мирен и спокоен живот за него и за неговото семејство. Архитект и поранешен конгресмен, Рубенс неодамна се вратил во земјата по шестгодишно самопрогонство поради државниот удар во 1964 година. За семејството, пак, диктатурата никогаш не била далеку од нивниот праг. Воени хеликоптери летаат над плажата, а камионите полни со војници ги окупираат улиците. Телевизиските вести се преполни со содржини од ослободувањето на германскиот и швајцарскиот амбасадор од антивладиниот фракционерски притвор. Рубенс исто така прима тајни телефонски повици во неговата канцеларија, координирајќи ги земањето и испраќањето пакети. И покрај неговата повлеченост од политичкиот живот, сепак Рубенс активно учествува во овие процеси. Тоа со сигурност може да му донесе многу неприлики за него и за неговите блиски во иднина.
Бразил под воена диктатура во текот на 1970-тите, поточно од средината на 1960-тите, е и фокусот на овој филм на Салес, кој преку реалистичен но носталгичен тон ни ја раскажува приказната за тие неизвесни времиња. Во првата половина од филмот тие живеат безгрижно, организираат забави со пријателите, уживајќи во луксузот што им го понудила претходната социјална положба. А нивните деца растат безгрижно, играат фудбал и одбојка на плажата Копакабана, се подготвуваат за факултет, планираат патувања… Но, одеднаш, полицијата го посетува семејниот дом и го одведува Рубенс. Јунис останува сама со своите деца. Сега започнува нејзината голгота за што повеќе да го зачува детството на нејзините потомци, но и да ја открие вистината за судбината на нејзиниот сопруг.
Помладите деца, Марсело (Гилхерме Силвеира), Марија (Кора Мора) и Налу (Барбара Луз), едвај ги забележуваат овие продирања во нивните спокојни животи. Елијана (Луиза Косовски), втората најстара, првично е исто така помалку вклучена. Само најстарата, Вера (Валентина Херсаге), која политички се буди до тој степен што Рубенс решил да ја испрати во Лондон со пријателите, има одредена претстава за големата опасност во која се наоѓаат. Во меѓувреме, Јунис, заедно со слугинката Зезе (При Хелена), е окупирана само околу куќата. Јунис забележува дека Рубенс сѐ почесто прима мистериозни повици. Таа ги слуша и радикалните разговори во кои учествуваат Рубенс и нивната група пријатели, но не го дава своето мислење. Наместо тоа, таа прави суфле. Таа е комплетно дистанцирана од овие дејства, но длабоко во нејзината душа се чувствува немир.
Таа го чувствува колапсот што неминовно се случува кога Рубенс е одведен на испрашување од армиски службеници облечени во цивилна облека. Овој настан е пресвртница што го носи филмот на потемни места и предизвикува многу неодговорни прашања. Набрзо, по Рубенс, во притвор е однесена и самата Јунис, но и нејзината втора помлада ќерка Елијана, која е вџашена од страв. Но дали таа нешто знае за процесите што се одвиваат или е само лесен плен за да се извлечат големи признанија? Психички измачувани, а потоа ослободени, Јунис ќе се обиде да ја одгатне мистеријата, копајќи низ минатото и станувајќи политички активна во процесот. Салес ни овозможува да ја следиме нејзината борба низ децениите, нејзината кариера како професорка и поддржувачка на правата на домородците, преселувајќи се со остатокот од семејството во Сао Паоло. Деценија по деценија, Јунис остарува, а прашањата остануваат неодговорени. Ова некогаш среќно семејство го обвива мистерија.
Мекиот, но сепак детален допир на режисерот за реобликување на ерата во која се одвива дејството најмногу може да се забележи во пријатната архитектура на семејниот дом. Нивната куќа е раздвижена, жив простор исполнет со светлина, музика, уметност и книги. Тоа е космополитска атмосфера преполна со култура, каде што танцовите забави во големите светли салони исполнети со чад од пури се секојдневие. Во овој витален простор вибрираат свежи нијанси на шумско зелено, кобалтно сино и жолто. Нивниот секојдневен живот во и околу домот често се снима преку фокус на стар фотоапарат или камера, домашни филмови од 16 мм и лична фотографија, моменти на документирање. Овој безгрижен семеен круг е уништен од надворешни сили, а тоа го прави овој филм уште повознемирувачки.
Иако овие автобиографски факти секако се важни за Салес, тие, сепак, не се главниот фокус на приказната. Тој е многу позаинтересиран за психолошките превирања што се појавуваат од незнаењето. Сложената изведба на Торес, која со својата совршена фацијална експресија му дава специфична тежина на ова дело, е маркантна. Таа се обидува да биде присутна овде за своите деца, но не може да ја скрие тагата што извира од нејзиното лице. Фернанда Торес дава неверојатни перформанси, покажувајќи ги силата и ранливоста на Јунис на толку реален и моќен начин. Таа прави да го чувствувате секој момент од приказната, а нејзината глума е незаборавна. Таа со својата волшебна и трогателна глума без двоумење можеше да ја освои наградата за најдобра женска улога на Оскарите, која сепак отиде во рацете на младата Мајки Медисон за филмот „Анора“.
Овој 138-минутниот филм, со својата силна естетика, никогаш не предизвикува сомнеж ниту, пак, искушение за сите што можат да се најдат во слични општествени околности, без разлика каде се наоѓаат, во какви било системи на моќ. Како таков, тој ја надминува бразилската сценографија, нудејќи искуство што може да се примени во секоја провокација од сличен вид. Контрастите меѓу двете половини од филмот се остри. Тие се сведоштво за тоа како човечката судбина може да се промени во еден миг. Во исто време, „Сè уште сум тука“ е и лекција за човечката издржливост за цврсто следење на своите идеали и емоции, без да се согласувате на компромиси, на кукавичлак и на неморал.
„Сè уште сум тука“ е моќен приказ на моментот од бразилската историја што истрауматизира многу луѓе. Во добро конструирана атмосфера, гледачот навлегува во минатото на една земја, минато што самата земја го отфрла и игнорира, а тоа го прави искуството од гледањето уште помоќно. Од сите бразилски филмаџии, Валтер Салес се издвојува со својата талентирана режија и интересна фотографија, а продукцијата е навистина импресивна. Актерите се навистина талентирани, а особено се истакнуваат помладите актери, кои секако му даваат на филмот допир на длабочина и убавина неопходни за да ја почувствуваме магијата на кинематографијата. Што се однесува до љубезната човечка страна присутна во „Сè уште сум тука“, прекрасно е да се види филм на режисер што вистински ја разбира кинематографијата, кој не прикажува отуѓени идеи, туку чист и оригинален човечки израз.
26