Фото: „Нова Македонија“

ЕВРОПА СО ПЛАН ДА СТАНЕ ВОЕН БАСТИОН: ВО КАКВА ЛИ ЕУ ЌЕ СТАНЕ ЧЛЕНКА МАКЕДОНИЈА?

  • Првиот чекор од европскиот воен марш е направен, ЕУ тргна во фаза на милитаризација, до 2030 година таа би требало да биде воен бедем способен да се одбрани од Русија. Тоа е на хартија, но во реалноста има многу проблематични точки, кои уште сега ја поделија Европа. Клучна точка е дали Европа од социјален модел ќе се претвори во воен, милитантен
  • Воената психоза се шири, од Германија до Шведска, сега и во Бугарија ќе се враќаат воените обуки… Што прави Македонија? Воени стратези предлагаат детална анализа на стратегиските документи и нивни измени за да бидеме поефикасни на полето на одбраната

Кога пред дваесетина години Македонија и официјално со „молба“ доставена до Брисел побара членство во Европската Унија, тогаш ЕУ беше пример за мировен проект, економски напреден блок со највисоки стандарди, со социјален пакет што им бодеше очи на Американците. Истата ЕУ денес е на пат сето тоа да го фрли на буништето на историјата и да стане субјект со нов идентитет. И, би рекле, таа е само на еден чекор да го постигне тоа. На маса е еден обемен план изработен од европските мозоци и стратези што сметаат дека Европа треба да застане на свои нозе, да се одвои од папочната врвка со Америка, а тоа значи дека ќе мора воено да стане фактор. Како?
Европскиот патоказ беше составен во документот изработен од тимот предводен од Марио Драги.
Но новокомпонираната Европска комисија, под лидерство на Германката Урсула фон дер Лајен, поранешна министерка за одбрана, се чини дека е совршен избор за спроведување милитантен план. Нејзината десна рака Каја Калас, која е шефица на европската дипломатија, има семејно минато што ја прави идеална за борба против Русите. И таа го кажа тоа само што седна на новата функција – во Киев порача дека ЕУ сака Украина да ја добие војната со Русија. Не е кажано сѐ, но е сосема доволно за да се почувствува ветрот што дува од Брисел.

КАКО ЌЕ СЕ ГРАДИ ТВРДИНАТА?

Како да се создаде таа европска тврдина, тој нов воен бастион? Прво требаат консензус и пари, а потоа ќе треба да се решаваат уште многу други работи. Во моментов на маса е план тежок над еден трилион евра, а планот се вика „Повторно вооружување на Европа 2030“. Ова повторно треба да се разбере во смисла на периодот од Студената војна, кога Европа издвојуваше огромни буџетски суми за одбраната. Сега повторно се оди во таа насока. Има или нема консензус? Па, изгледа и нема. Прво државите од Југот на Европа, како Шпанија и Италија, рекоа дека не им се допаѓа – името на планот. Можеме да претпоставиме дека премногу асоцирало на периодот од раѓањето на нацизмот и фашизмот и не влијае позитивно кај граѓаните. Потоа, по барање на Џорџа Мелони и Педро Санчез, планот беше нашминкан и сега ќе се спроведува под насловот „Подготвеност 2030“, која всушност е критичната година кога се смета дека Русија ќе има капацитети да изврши напад врз членка на ЕУ или на НАТО. Да биде јасно – Европа живее и ќе живее со тезата дека Русија ќе изврши напад во 2030 година. Секој граѓанин на Европа ќе треба да го забележи тоа во својот семеен дневник на обврски и да биде на штрек, да биде подготвен. И можеби клучното прашање: Дали Европа ќе го напушти својот познат модел на социјални услуги/трансфери? Ќе можат ли Европејците да се откажат од тие до вчера гарантирани привилегии?
Но европските јужњаци не се бунат само за името, нив ги мачат и проблеми со финансиите. Плус, Југот е далеку од првата фронтовска линија од Истокот, па затоа и математиките не се исти. Еден статистички пример многу покажува како стои Југот. Италија има јавен долг од три трилиони евра, Шпанија, 1,3 трилион, а Франција 3,19 трилиони. Овие земји на месечно ниво влегуваат во црвено салдо во милијарди! Затоа и прашањето како да се најдат пари за одбраната. Со кредити, со обврзници, со заеми? По ова прашање веќе се кршат европските копја и ќе се кршат. И токму тука можеби ќе треба да се бара одговорот на потсмешливата изјава на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс кога вели, парафразирам, пак ќе треба финансиски да ги спасуваме од банкрот.
Овие прашања поврзани со финансиите се важни и за Македонија, затоа што и земјава е во тој балон – мора да се зајакне одбраната. Ние сме обврзани како членка на НАТО да издвојуваме 2 проценти од БДП, но ќе мора да земеме воен залет ако сакаме да го подигнеме одбранбеното ниво што се бара и од Алијансата, но и со договорот склучен со ЕУ наречен СЕФА. Таму стои пакет од 150 милијарди евра што можат да се користат како заеми со ниски камати.
Институтот во Кил за светска економија проценува дека ЕУ мора да собира 250 милијарди евра годишно за финансирање на одбраната, а Заедничкиот европски фонд би можел да финансира само половина од таа сума. Јасно е дека минусот ќе мора да се надоместува со извоз на оружје.

СПОРЕД КОИ СТАНДАРДИ ЌЕ СЕ ВООРУЖУВА ЕВРОПА?

Тука сме соочени со уште еден проблем – според кои стандарди ќе се вооружува Европа. Какви авиони на пример да се купуваат – француски, британски, германски…? И како на крајот сета таа авијација да се координира, под чија команда ќе биде и како да се постигне успешна операбилност. Тоа не е перфектно решено ниту во НАТО, тоа особено може да биде проблем ако Американците продолжат да се оддалечуваат од Алијансата. Првото прашање што се наметнува е што ќе се случи со јужното крило на НАТО.
Друг клучен проблем е прашањето за брзо движење на војници и воена опрема во Европа. Според воените експерти, сегашната транспортна инфраструктура на ЕУ не е подготвена брзо да распореди значајни сили на источното крило во случај на потенцијален конфликт. Тесните грла во транспортната мрежа, недостигот од воени бази и магацини лоцирани поблиску до потенцијалните конфликтни зони и комплицираните бирократски процедури за преминување на границата значително ја забавуваат способноста за ефективно распоредување на одбранбените сили. За да се реши овој проблем, потребни се големи инвестиции во инфраструктурата, вклучувајќи зајакнување на железницата, изградба на нови логистички центри и поедноставување на процедурите за воен транспорт во рамките на ЕУ.
Новата германска влада веќе тргна кон планирано задолжување од еден трилион евра, од кои 500 милијарди ќе бидат наменети за одбраната. Германците веќе имаат список на целата инфраструктура што ќе треба да се надгради, па дури се спомна цифра од околу 5.000 моста што ќе треба да се поправаат, а некои да се урнат и да се изградат нови.
Да заклучиме, првите чекори од воениот марш Европа веќе ги направи. Каде ќе нѐ одведе не знаеме, но можеме да претпоставуваме врз основа на историското искуство. А, тоа не е позитивно. За жал. Новиот идентитет од кој се плашеа Европејците беше дека ултрадесничарите се опасност по мирот, безбедноста, напредокот… Но историјата на Европа доби драматичен пресврт.


Воениот комплекс на ЕУ, зависен од увоз

Во моментов околу 80 проценти од набавките во воениот комплекс на ЕУ доаѓаат од доставувачи надвор од Унијата. Тоа ја нагласува потребата да се развијат сопствени производствени капацитети и да се обезбеди суровинска база за производство на оружје и муниција. Инвестициите во домашното производство не се само зајакнување тие способности туку придонесуваат и за економски раст и за технолошки развој.
За да се постигне самоодржливост, Европа треба годишно да произведува околу 2.000 дрона со долг дострел и значително да го зголеми производството на оклопни возила и артилериски системи. За потсетување, во вчерашниот број на „Нова Македонија“, во статијата со наслов „На кого смета Брисел за поддршка на процесот на милитаризација?“, пишувавме токму за европските компании на кои ЕУ ќе смета за производство и зајакнување на својот воено-индустриски комплекс.
Во последните неколку години имаше хроничен недостиг од инвестиции и неефикасно трошење на европските воени капацитети. Експерти велат дека од 2019 до 2021 година, ЕУ ги зголемила трошоците за одбрана само за 20 проценти, додека Русија и Кина ја зголемиле оваа бројка за 300 проценти и 600 проценти.


Ќе ја зафати ли воената психоза и Македонија?

Повеќе европски земји веќе неколку години се во сериозни подготовки за војна. Такви сценарија се разработувани од водечките земји во ЕУ, а се чини прва повлече нога Германија. Во таа земја од поодамна се дистрибуирани упатства до граѓаните како да се однесуваат при евентуален воен удар, им се советува што да имаат како задолжителна резерва. Од неодамна во таква фаза влезе и Шведска.
Но воената психоза го зафаќа и нашиот регион, па пред неколку дена бугарските медиуми објавија дека новата бугарска влада подготвува закон со кој ќе ја врати воената обука. Таа нема да важи за целокупното население, но одредени општествени сфери ќе мора да се подготвуваат за воено сценарио, како што се на пример припадниците на полицијата, па дури и фирмите што се занимаваат со заштита на лица и објекти. Според бугарските власти, тоа нема да биде класична регрутација туку нешто како територијана одбрана.
Србија, пак, како една од поголемите воени сили во регионот, го враќа задолжителното служење на воениот рок, но тој ќе биде од само 75 дена. Во регрутацијата ќе бидат опфатени машките лица од 18 до 35 години, а за жените регрутацијата е на доброволна основа. Обуката ќе биде во три фази, но експерти велат дека за тој период можат да се научат само основите на пешадиската обука, односно за стрелци.
И во Македонија имаше некои срамежливи идеи да се врати воениот рок, но тоа прашање во моментов не е на дневен ред. Веројатно се проценува дека имаме доволно капацитети заедно со партнерите во НАТО да одговориме на сите безбедносни и други ризици. Она што го истакнуваат експертите е дека сега е крајниот рок кога мора да направиме сериозни процени за состојбата на нашите одбранбени сили, да се проанализира стратегијата и да се извршат потребните корекции. Наши извори велат дека воените стратези треба да се викнат на консултации со воениот врв и со претседателката на државата, која е и врховен командант на вооружените сили, за да се дискутира околу нужните потреби за измени во армиските стратегиски планови. Тие велат дека не треба да мислиме само на руски напад туку и на други сериозни предизвици, а еден таков беше катастрофалниот пожар во Кочани.