Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 г.

Нове Цветаноски: Разнесено наследство (8)

Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањето како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде денес се наоѓа македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот

Во деветнаесеттиот век македонските цркви и манастири биле запоседнувани од свештеници од иста вера, но со туѓ јазик. Првин доаѓале грчките свештеници, кои уништувале сè што било македонско и сè што потсетувало на македонското битие, иако христијанско. Потоа доаѓале егзархиски (бугарски) попови и заедно со егзархиските учители собирале сè што било вредно и што било со векови чувано и некако зачувано. По нив дошле српски попови, а доаѓале и војски од разни страни (особено во почетокот на дваесеттиот век), и сите тие во војните од дванаесеттата до осумнаесеттата година на минатото столетие го направиле најголемиот пустош низ македонската земја. Тогаш не се ограбувале само вредните старини туку сè што имало во црквите и во манастирите. Божјите храмови најмногу настрадале или до темел биле урнати од луѓе што се крстат и кои се молат во исти такви храмови.
Толку многу биле уништувани христијанските сакрални објекти од никој друг туку од соседите христијани.
Во многу војни и пустошења тоа не го правеле ниту најголемите безбожници.
Најапсурдната работа во многуте апсурдни работи во тие војни е уништувачкиот поход на христијаните („ослободители“) врз сè што било христијанско во македонската земја. Вредните старини од нивниот плен во безбожните кражби денес се наоѓаат во трезорите и во депоата на музеите и библиотеките или во манастирите во нивните земји, а тоа непроценливо богатство речиси не е достапно (ниту да се види) за народот што со векови го создавал.
Сите оние што речиси непречено ја пљачкосувале Македонија ги бришеле трагите зад себе, но не избришале сè. И тие малку траги покажуваат дека била направена голема пакост.
Српските војски и власти за време на балканските и на Првата светска војна (а особено потоа) ограбиле многу вредни предмети од Македонија што претставуваат културно наследство, но зад себе ги бришеле трагите од својата „собирачка“ дејност. Затоа, пак, веднаш по Првата светска војна се погрижиле и оставиле документирани докази за грабежите на друг ограбувач – бугарските војски и воени власти.
Но и едните и другите не се единствените ограбувачи и уништувачи.
Грците направиле голем пустош во јужна Македонија, но не биле многу подобри и другите војски што врвеле низ Македонија. За тоа, на пример, има траги од француските војници, кои, меѓу другото, ги урнале манастирот во селото Брајчино и црквата во селото Долно Дупени, Преспанско. Освен бугарските и српските војски, и некои од војските на Антантата имале свои специјални комисии и мисии што собирале културно-историски и уметнички предмети, пред сè од македонските цркви и манастири.
Сите тие за еден краток период од неколку години му нанеле катастрофа на македонското културно наследство, односно однеле сè што може да се носи: ракописи, книги, археолошки предмети, икони и други црковни предмети, но не се оставени документирани траги за сите. Барем нема оставено во Македонија, зашто, на пример, од 1912 до 1915 година, за време на српската специјална управа, евиденцијата за исчезнатото богатство се наоѓа во српските архивски трезори и е недостапна за истражување. Меѓутоа, во битолскиот историски архив е зачувана документацијата што српските власти веднаш по војната ја оформиле за грабежите на бугарските војски и власти. Таа евиденција навистина е богата (а документите за оштетувањата и грабежите на цркви и манастири во Македонија во текот на Првата светска војна беа објавени во посебна публикација во 1985 година во Битола).

Државни мисии за арамиски работи

За време на балканските и на Првата светска војна бугарската држава испраќала мисии во новите земји за да извршат евиденција на културното богатство. Тоа значело собирање и носење на движното културно богатство под изговор дека тоа во воените услови може да биде уништено на теренот, односно дека треба да се однесе за да се заштити од другите војски, од идните завојувачи и воопшто од воените дејства.
Во тие т.н. културни мисии биле ангажирани многу научници и професори, меѓу кои имало и луѓе по потекло од Македонија – Михаил Арнаудов, Никола Милев, охриѓанецот Георги Валачев, Георге Милетич, а од Бугарија – проф. Јордан Филов, познат археолог, директор на Археолошкиот музеј во Софија и подоцна (за време на Втората светска војна) претседател на бугарската влада. Конкретно, во август 1916 година, Филов бил испратен и финансиран од штабот на бугарската армија за да ги евидентира спомениците во Охрид. И како што самиот пишува во извештаите од својот прв престој во Охрид – на 5 август кај охридскиот владика Борис ја видел плаштеницата подарена од императорот Андроник. За неа потоа ништо не се знаеше, а на крајот на деведесеттите години на дваесеттиот век се појави во софискиот народен музеј.
Историчарот и истражувач во бугарските архиви д-р Зоран Тодоровски пронајде документ од Чаулев, во кој се наведува дека по барање на претседателот на Бугарија, Борис Радославов, во Народниот музеј во Софија се однесени и предадени икона од Исус Христос, од 13 век, подарок од охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, и плоча со бронзен полилеј со натпис од архијерејскиот прохор Јустинијан од 15 век. Д-р Тодоровски при своите архивски истражувања пронајде и список со 21 предмет што тогаш им биле одземени, а кон крајот на деведесеттите години на дваесеттиот век еден по еден почнаа да се појавуваат во бугарските музејски витрини. Охриѓани дури и испратиле директно писмено барање до претседателот Радославов да им се вратат, во кое велат дека самите ќе ги чуваат тие икони.

Охридските скапоцености

При својот поход, 52-от бугарски пешадиски полк во Ресенско ја оштетил црквата во селото Курбиново, ја запалил црквата во Претор, ја урнал во селото Асамати, а иконите биле запалени. Запален бил и манастирот во Гопеш, а ограбени црквите во Царев Двор, Дрмени, Стипан, Перово, Волкодери, Стење, Сливница и манастирот во Јанковец.
Српските црковни власти регистрирале голема штета и во црквите и манастирите во Охридско-Струшкиот Регион. Манастирот „Свети Наум“ само една година беше под бугарска власт, но манастирскиот имот во Стипан (Преспанско) и имотот во селото Трпејца останаа под бугарско владение сè до повлекувањето на бугарските воени сили во 1918 година. Освен парите, од овој манастир биле однесени и многу вредни старини. По наредба на митрополитот Борис тие биле пренесени во Народниот музеј во Софија, а, меѓу другото, биле земени: плаштеница извезена со злато, свет путир од сребро, позлатен свет путир, дарохранителница од масивно сребро со слики во релјеф, една долга сребрена кутија со мошти од повеќе светци и две стари евангелија со корици од сребро. За овие предмети постои и официјален комисиски записник заверен и од митрополитот Борис. Манастирот „Свети Спас“, како што се наведува во еден од извештаите на српските црковни власти, најмногу настрадал од митрополитот Борис и од неговите луѓе. Голема штета им била направена и на манастирите „Свети Светители“ и „Света Богородица“ кај Калишта (меѓу другото, однесени се и четири оки сребро), а не бил ограбен манастирот „Света Петка“ кај Велгошти, бидејќи во сè бил беден.
При повлекувањето од Охрид, бугарските црковни власти во архивата на митрополијата ги оставиле оригиналните записници за сите вредни старини што ги испратиле во Народниот музеј во Софија за време на Првата светска војна. Според тие записници, од црквата „Свети Климент“, меѓу другото, биле одземени: плаштеницата на Андроник Палеолог, златната митра (круна) на Свети Климент со скапоцени камчиња и крвче (изработена во Венеција, а која дотогаш, односно во времето на турското владеење, била чувана по куќи), реставрираниот жезол на Свети Климент со змија од слонова коска, најден во 1911 година кај Имарет, каде што бил закопан Свети Климент, бронзен полилеј составен од 19 дела и царските двери, а од црквата „Свети Никола Болнички“ во софискиот музеј биле однесени само царските двери.
Меѓутоа, освен овие предмети, однесени биле и други за кои не е наведено од кои цркви се одземени: една сребрена кутија со панделки на Света Матрона; сребрено, позлатено крвче со скапоцени камчиња; две везени крпи, подарок од царицата Ана Комнена; ракописно евангелие со црвени кадифени корици; летопис од Скилица во дрвена кутија; голем сребрен крст – позлатен; дваесет стари ракописи; едно старо евангелие со ликот на Свети Климент и на други светители со сребрени корици; една сребрена икона со разни ликови во релјеф; две свилени владички капчиња; свет путир од 1719 година; икона со Исус Христос Спасител со трнов венец, подарена од охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан од 13 век; и бронзена плоча од бронзениот полилеј со натпис дека е подарок од Прохор архиепископ на Јустинијана Прима.
Во 1923 и 1924 година Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, преку Министерството за надворешни работи, од Бугарија побарала да се вратат црковните старини од Охрид, меѓутоа барањето за реституција не се остварило, а во преписката, посебно во писмата на бугарската страна, се наведува дека старините се оставени на привремено чување во Скопје и дека не стигнале во Софија, а уште помалку во Народниот музеј. Меѓутоа, во деведесеттите години на дваесеттиот век тие старини една по една почна да „се појавуваат“ во Народниот музеј во Софија?! Интересен е уште еден факт. Во тоа време, во постапката за враќањето на старините од Софија бил вклучен и српскиот епископ во Охрид, што се гледа и од неговата преписка со Министерството за вери на Кралството СХС. Тој бил мошне упорен за враќањето на историско-културните предмети, но истиот тој епископот Јован Цвијовиќ, додека бил митрополит во Битола, бил мошне ревносен и во собирањето старини од битолските манастири и цркви, кои потоа му ги подарувал на Народниот музеј во Белград.
Постојат документи и за однесените предмети од црквите и манастирите во Крушевско, па, така, од црквата „Свети Никола“ во Крушево, меѓу другото, било однесено чисто сребро повеќе од една ока, од влашката црква во градот („Свети Јован“) еден сребрен крст, во црквата „Света Параскева“ во Жван, пак, било упропастено едно евангелие и бил земен еден сребрен крст, од црквата „Света Богородица“ во Бучин два осмогласника, еден пендикостар (богослужбена книга), една ирмологија, службеник, триод, празничен минеј, од црквата во Арилево стихар и службеник, додека пак од манастирот „Свети Јован“ во Слепче биле земени 60 ракописи и книги.
Според известувањето на велешкиот српски намесник, во Велешко немало поголеми оштетувања и ограбувања на црквите и манастирите за време на балканските и Првата светска војна, со исклучок на манастирите „Свети Димитрија“ кај Велес и „Свети Никола“ кај Оморани, каде што била направена голема економска штета (ограбување), а од манастирот кај Оморани, меѓу другото, било однесено едно евангелие оковано во сребро. Меѓутоа, според други извори, од манастирот „Свети Димитрија“ биле однесени (или оштетени) многу икони, но точниот број не е наведен.

(Нове Цветаноски: „Разнесено наследство“, 2006)

(продолжува)