DOS ATAFATOS AMABLES, 2

(од искуството на еден транзитен патник)

Стјуардот со очила и бушава долга коса стокмена во уредна фризура откако пантомимиски ги покажа правилата за безбедност на летот, му пријде да го запраша со насмевка: – Извинете господине, сѐ е во ред?
– Да, да – промрморе, обидувајќи се (неуспешно) да му возврати со насмевка.
– Ако ви треба нешто, слободно повикајте ме.
„Овој ќе помисли дека се плашам од летање“, си се потсмевна, што како да почна да ја ублажува нервозата со некоја поопуштена обесхрабреност, „ако така ми е пишано, тоа е тоа, не е важно“, па следните минути го откопча сигурносниот појас и некако ја свлече јакната. Шетајќи се по авионот, стјуардот, кога ќе поминеше покрај неговото седиште, ќе го погледнеше со соучесничка симпатија.
Најпосле, си го прочисти гласот и се осмели да го повика од своето седиште D во шестиот ред: – Ве молам, нешто да ве прашам.
– Повелете – се јави стјуардот со милозвучен глас.
– Нема да стигнам. Ќе задоцнам. Следниот лет ми е за час и половина. Додека стигнеме… – се трудеше да биде посмирен, ама некако не му успеваше, па продолжи во еден здив: – Можете ли да видите на која порта ќе треба да трчам? За секој случај, и така нема да стигнам…
– А да ми го дадете билетот? – рече стјуардот – Аха, навистина е набиено. Сега додека летаме, не можам точно да ви кажам, но кога ќе се наближиме до аеродромот, ќе се јавам да ми кажат. Дотогаш, ќе го задржам билетот. Не вознемирувајте се. Да не сакате чаша вода? – додаде љубезно.
– Може. Благодарам – забележа дека патничката до него, на седиштето Е, го слуша со извесно наместено сочувство: – Се случува. Времето не може да се прескокне.
Беше дебелка и опуштена, со тенко гласче.
„Одлично, сега ми се потсмеваат, со право, глупак“, помисли додека во градите му се отвораше празнина, како онаа бескрајната по која летаа ли, летаа.
Почна, да не се нервира, да пребарува (нервозно) по ранецот од каде што ја извлече футролата со очила и книшката „Тајфун“ на Конрад. На слепо ги вртеше страниците и запре на една реченица во средината на книшката: „Можеби сепак ќе издржам“. Кога капетанот Макхвер излезе на палубата, што го направи со жестина, како одеднаш да се освести дека премногу долго е оддалечен, затишјето траеше повеќе од петнаесет минути – доволно да стане неподносливо дури и за неговата имагинација“.
„Баш ми се погоди! Како капетанот Макхвер сум сред тајфун“, помисли меланхолично, иако летот беше мирен, без никакви турбуленции, „Којзнае како ќе заврши ова “.
Ја врати книгата во ранецот, заборавајќи да ги симне очилата така со нив остана уште долго, додека со врврврр тивкиот звук на авионските мотори не го виде стјуардот како му се наближува со препознатливата насмевка: – Не грижете се господине. Имате среќа.
– Молам? – гласно праша.
– Па да, нема шанса да задоцните. Проверив. Со овој ист авион ќе го продолжите патувањето. И со мене. Повелете го билетот. А во меѓувреме ќе имате време да испиете кафе – и покажа со главата кон нешто што е близу.
Дури тогаш стана свесен дека уште носи очила. Ги симна и со бавна елеганција ги врати во футролата, а футролата во ранецот. Преку дебелката сопатничка догледа како низ прозорчето на авионот белиот одблесок од облаците се распрснува пред глетката со куќарките од градското предградие, потоа и глетката на големиот аеродром. Кога слетаа на пистата широко ги раскрили рацете, без брзање го симна куферот од багажникот, џентлменски ја пропушти сопатничката во редицата пред излегување.
По петнаесетина минути, во аеродромското бифе додека уживаше во капучиното со стјуардот Енрико, го праша: – Извини, а како успеваш да ја скротиш таа твоја бујна коса во уредна фризура?

(продолжува)