Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година
Нове Цветаноски: Разнесено наследство (5)
Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.
Во бугарските библиотеки и музеи е сместено навистина богато ракописно наследство, чиј број не се знае точно. По 1878 година, кога Бугарија се ослободила од турското владеење. и по востановувањето на Бугарската егзархија, во Македонија се засилила бугарската пропаганда, а со тоа и собирањето на ракописите и на другите старини, во што најмногу биле вклучени егзархиските учители и свештеници.
Најмногу вредни предмети биле однесени за време на војните од 1912 до 1918 година, а тоа го покажуваат и следниве податоци за старите ракописи. Имено, во 1909 година, во библиотеката „Васил Коларов“ во Софија имало 609 ракописи, а потоа доброволните собирачи низ Македонија тој број го зголемувале и во 1920 изнесувал 964, а во 1923 година дури 1.090 ракописи. Значи, само во тој период и само во оваа библиотека од Македонија биле однесени веројатно дури 481 ракопис, а толку вкупно ракописи нема досега собрани и зачувани во Република Македонија. Освен во Софија, ракописи биле носени и во Пловдив, па во бугарските библиотеки денес се чуваат многу вредни ракописи што потекнуваат уште од 12 и 13 век!
Бугарските библиотеки и музеи ги прикриваат таквите податоци, но податоците до кои дошле македонските истражувачи покажуваат точно кои ракописи се наоѓаат (иако не за сите) во нив.
Едно од најбогатите депоа со македонски ракописи во светот се наоѓа во Народната библиотека „Кирил и Методиј“ во Софија. Според сознанијата до кои дошле македонските истражувачи на ракописното наследство, во оваа библиотека има 398 ракописи. Во неа, меѓу другото, од поважните, се чуваат: фрагмент од посен триод од крајот на 11 век, два пергаментни листа од минеј – пролог од 12 век и 127 пергаментни листа (од вкупно 175) од Добрејшовото четвороевангелие, кое потекнува од првата половина на 13 век. Колку што се постари толку и се повредни и за науката се позначајни, а во оваа библиотека има повеќе ракописи и од 13 век: скопски празничен минеј (279 пергаментни листа), два осмогласника (73 и 32 пергаментни листа), четвороевангелие (171 пергаментен лист), три минеја, два посни триода, три апостоли (изборни), изборно евангелие и неколку фрагменти од осмогласник, посни триоди, псалтир делови од минеј.
Освен тоа, во Народната библиотека во Софија се чуваат и неколку десетици ракописи од 14 век, речиси сите напишани на пергамент! Меѓу нив, пак, позначајни се едно изборно евангелие на 201 пергаментен лист, четвороевангелие со апостол (215 хартиени листа), Слово на Исак Сирин (239 листа), Лесновски паренезис (315 пергаментни листа).
Во библиотеката на Бугарската академија на науките, исто така, се чуваат вредни ракописи од Македонија. Во нејзините трезори има и неколку листа со кирилско писмо што потекнуваат од 10 или 11 век. Потоа, таму се чува и Битолскиот триод од 12 век (101 пергаментен лист), напишан во Дебарско, пронајден во 1898 година во Битолско, однесен во Софија во 1907 година (а се смета за еден од најзначајните ракописни споменици, со делови испишани со глаголско писмо, со ексфонетски знаци од најстар тип, со запишани ретки музички знаци тита, со што се смета и за еден од најстарите споменици на македонската музичка култура). Освен тоа, во Бугарската академија на науките се наоѓаат: псалтир (106 пергаментни листа), изборно евангелие (фрагмент), осум пергаментни листа од триод, пролог (113 пергаментни листа) – сите од 13 век, потоа триод (77 пергаментни листа), октоих (192 хартиени листа), пентикостар, пролог во три дела (431 лист), велешки зборник и уште многу други ракописи од 14 век и, се разбира, од подоцните векови.
Во Народната библиотека во Пловдив, меѓу другото, се чуваат неколку постари книжевни споменици од Македонија, и тоа: девет пергаментни листа од евангелие од 12-13 век што ѝ припаѓаат на Кратовската книжевна школа, потоа посен триод од Битола, фрагменти од посен триод од Кичево, осум пергаментни листа од евангелие, изборно евангелие (91 пергаментен лист) – сите од 13 век и зборник со слова и житија од 15 век.
Во Народниот музеј во Софија, каде што се чуваат повеќе вредни македонски реликвии, меѓу кои круната на охридските архиепископи со скапоцени камења, но и друг археолошки и музејски материјал, има и ракописи од Македонија. Како исклучително вредни и раритетни се двата пергаментни листа од минеј што потекнуваат дури од 12 век и стихирар од 13 век на 64 пергаментни листа.
Меѓутоа, македонски ракописи се наоѓаат дури и во Археолошкиот музеј во Софија, но и во некои манастири и цркви во Бугарија. Така, на пример, во Рилскиот манастир, меѓу другото, се наоѓаат и речиси најстарите македонски (книжевни) траги. Имено, во зачуваното македонско ракописно наследство спаѓаат и осум македонски глаголски листа од 11 век, а шест од нив се наоѓаат токму во Рилскиот манастир, додека два листа во Руската академија на науките. Освен тоа, во овој манастир се чува и едно пергаментно евангелие од 14 век, зборник од 1473 и од 1479 година што потекнуваат од Македонија и др.
Но, освен најстарите зачувани македонски глаголски листови, распарчени се и други стари македонски ракописи, каква што е, впрочем, судбината на сето македонско ракописно наследство. Така, на пример, Слепченскиот апостол од 12 век, кој по многу карактеристики е посебно значаен, меѓу другото и по богатата орнаментика, е распарчен и се наоѓа во Москва, Киев, Пловдив, Санкт Петербург и во Одеса, со вкупно 154 листа. (Слична судбина има и Добрејшовото четвороевангелие од почетокот на 13 век, кое имало 175 пергаментни листа, од кои 127 се чуваат во софиската народна библиотека, а другите 48 листа се чувале во Народната библиотека во Белград, но се уништени при бомбардирањето на градот на 6 април 1941 година.)
Значи, вредните македонски ракописи ги разграбувал и ги распарчувал и ги разнесувал (па макар да е и во делови) секој што ќе стигнел и ги носел каде што ќе стигнел.
(Нове Цветаноски: „Разнесено наследство“, 2006)
(Продолжува)