Фото: „Нова Македонија“

Забележуваме напредување на македонскиот јазик во однос на неговото збогатување и изучување, но уназадува статусот на македонскиот јазик во јавната употреба, односно се става во вториот план, па дури се игнорира во некои јавни простори. Ова укажува на негрижа на македонскиот јазик и затоа е потребен Законот за употреба на македонскиот јазик, кој има за цел да стави „ред во безредието“. Во тек е постапката за формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик и по негово формирање, ќе почне да се имплементира Законот, порачаа денеска учесниците кои беа дел од научната трибина „Статусот на македонскиот јазик – состојби и перспективи“ во МАНУ.

Академик Витомир Митевски денеска пред почетокот на трибината изјави дека загрижува уназадувањето на македонскиот јазик во јавната употреба и дека токму затоа треба да се слушне зборот на лингвистите.

– Секогаш е актуелно да се зборува за македонскиот јазик, така што секој миг е добар и е добро избран. Од тие причини, се собравме специјалисти од разни области да подискутираме за состојбата на македонскиот јазик, за статусот на македонскиот јазик, каде што можеме да откриеме и напредоци во некои области, но во некои области имаме дури и уназадување. Мислам дека имаме напредување во развојот, но и во збогатување на јазикот, како и во неговото изучување. Во однос на уназадување би го споменал статусот на македонскиот јазик во јавната употреба, каде што многу пати гледаме примери како се става во втор план, па дури и се игнорира на некои јавни простори. Ова секако дека не загрижува и тука ние специјалистите треба да го кажеме нашиот збор и треба да се слушне нашиот збор – рече Митевски.

На новинарско прашање каква е перспективата на македонскиот јазик, Митевски одговори дека не може македонскиот јазик да биде загрозен, се додека се живи оние кои го говорат.

– Не можеме да се секираме ако се грижиме како што се грижиме, а треба и повеќе да се грижиме. Не може јазикот да биде загрозен. Ддека се живи оние кои го говорат македонскиот јазик, јазикот ќе биде жив, а јас мислам дека ќе даде Господ да траеме сите како народ и како заедница – рече Митевски.

Претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска – Маџоска изјави дека е исклучително важно да се имплементира Законот за употреба на македонскиот јазик.

Прашана до каде е постапката на формирањето на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, Груевска – Маџоска одговори дека веќе е објавен конкурсот за избор на директор на овој Инспекторат и постапката е во тек.

-Како што имам информација, веќе е објавен конкурсот за избор на директор на Инспекторат. Постапката е во тек, не знам дали е завршена, но секако е во тек така што ќе се формира Инспекторатот и ќе може да се започне со воведување на Законот за употреба на македонскиот јазик – рече Груевска – Маџоска.

Таа напомена дека Инспекторатот има надлежност да спроведува инспекциски надзор и да казнува, како што е предвидено согласно Законот за употреба на македонскиот јазик.

– Употребата на нестандарден јазик во медиумите и не запазување на стандарната норма во преводите укажува на негрижа за македонскиот јазик. Токму тоа беше причината зошто се донесе Законот за употребата на македонскиот јазик, да се стави „ред во безредието“. Во однос на медиумите, иако можеби во информативните редакции и документарците се внимава повеќе на употребата на стандарниот јазик, но во емисиите од забавен карактер можеме да кажеме дека воопшто не се внимава. Улогата на Законот за употребата на македонскиот јазик и на Инспекторатот, освен да се спроведува надзорот и да се казнат оние кои не го почитуваат, е и да се вработат лектори, за да не дозволиме да слушаме нестандарден јазик од медиумите кои се присутни во сечиј дом – рече Груевска – Маџоска.

Лингвистот Марјан Марковиќ, говорејќи за дијалектите во државата, напомена дека статусот на македонските дијалекти во меѓународната научна средина не само што е рамноправен, туку е и високо ценет, поради своето богатство и разнообразност.

– Дијалектното богатство мора да се зачува. Неодамна, заедно со Институтот за македонски јазик го објавивме првиот Лингвистички атлас на македонските дијалекти, со преку 400 населени места на целата јазична територија. Со ова, Институтот и МАНУ, а верувам и Факултетот, се грижат од научен аспект да се зачува тоа огромно богатство. Во меѓународните научни проекти, во Меѓународниот комитет на славистите, македонските дијалекти не само што се рамноправни, туку се и високо ценети токму поради тоа богатство и разнообразност, слобода на говорот, но и поради подоцната стандардизација, што во огромна мера ја збогатува јазичната слика, не само на словенскиот свет, туку и воопшто на Европа – рече Марковиќ.

Тој додаде дека во најголемите европски и словенски дијалектолошки проекти, македонските дијалекти, без политички ограничувања, се рамноправно застапени и се на многу високо место во однос на проучувањето на јазичната типологија и на лексиката, со што, како што подвлече, нашата научна средина дава огромен влог во европската и словенската дијалектологија.

Марковиќ порача дека стандардниот јазик мора да се употребува во јавната комуникација согласно Законот, секогаш мора да постои стандард кој што ќе ги обединува сите говорители.

– Во јавната комуникација си е пропишано со новиот Закон да се употребува стандардниот јазик, а секако тоа е и последица на развојот на македонскиот јазик кој што има над 56 говори. Секако, не дека не би се разбрале луѓето, но секогаш мора да има нешто што го нарекуваме стандард и што ги обединува сите говорители, на сите говори. Во популарната култура дијалектите понекогаш ни се убави и интересни на нас како читатели, но сепак во јавната комуникација особено во политичкиот дискурс, апсолутно мора тоа да биде на повисоко ниво, односно да биде употребен стандардот – изјави Марковиќ.