Фото: Приватна архива

Јас лично би сакал да просперираат независната македонска држава и нејзините граѓани. Ние свесните Македонци тука и македонскиот народ во матицата го имаме истиот македонски национален идентитет, го имаме истиот јазик. Единствената разлика е дека имаме статус на граѓани во Грција бидејќи тука живееме, тука работиме, тука имаме граѓански обврски и права, но и неправда околу малцинските права, а вие сте Македонци под друг статус. Идеално ќе беше Македонците насекаде на Балканот да беа и граѓани на Европа, конкретно во ЕУ

Интервју со Павлос Воскопулос Филипов – борец за човековите права на Македонците во Република Грција

Павлос Воскопулос Филипов е роден во Лерин, Грција, на 25 ноември 1964 година. Тој беше основач на Македонското движење за балкански просперитет во 1992 година, член на Политичкиот секретаријат на Европската слободна алијанса – Виножито (политичка партија на македонското малцинство во Грција) во 1994 година и член на Домот на македонската култура. Во 1998 година, заедно со 24 активисти за човекови права, учествуваше во пишувањето на книгата „Порака за човекови права“, печатена од Министерството за надворешни работи на Шведска, по повод 50-годишнината од Универзалната декларација за човекови права на ООН. Павлос Воскопулос Филипов успешно ја предводеше иницијативата партијата Виножито да стане полноправна членка на Европската слободна алијанса-европска политичка партија (ЕФА-ЕПП) и на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Во 2007 година е избран за член на бирото на Европската слободна алијанса-европска политичка партија. Во многу наврати тој ја претставуваше партијата и го отвори прашањето за статусот на македонското малцинство во Грција на различни меѓународни форуми за правата на малцинствата, вклучувајќи ги и оние на Обединетите нации и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Европскиот парламент и Советот на Европа.

Каков е вашиот став за македонското прашање и именувањето на македонската држава?
– Принципиелно, како противник на национализмот, не сакам да има географски префикси на име на една држава на целата планета, бидејќи географските префикси асоцираат на поделби и конфликти. Тоа е и официјален став на Виножито, од оваа гледна точка. Околу македонското прашање и грчкиот напад против независната македонска држава во почетокот на 1990-тите, македонската и грчката страна се согласија за „компромис“. Овој договор во рамките на ОН во суштина ѝ дава право на другата страна (Грција) да има алиби, да се вмеша во прашањето на името на една независна држава. Генерално речено и од многу релевантни научници, дипломати и други, правото на самоопределување му припаѓа човекот или на заедницата, конкретно на граѓаните на еден политички субјект, односно правото ѝ припаѓа само државата. Откога се договорија во 1993 година двете влади, тоа право го има не само едната држава туку и друга држава, во овој случај Република Грција.

Може ли да се измени македонскиот идентитет?
– Многу е јасно, ставот беше и секогаш ќе биде дека официјалното или уставно име на македонската држава не треба никако да засега кон националниот идентитет на граѓаните, односно не може да се менува националниот идентитет во зависност од името на државата. Географските префикси во суштина никогаш не може да засегаат или да оспоруваат национален идентитет. На целата планета и во конкретните случаи во кои се имплементираат и се користат географски префикси тоа е јасно како сонце, на пример Корејците секогаш се Корејци без разлика дали живеат во Северна или Јужна Кореја. Истото тоа важи насекаде. Само самиот Кореец може да се самооспорува. Тоа можи да го прави со кое било име на својата држава при употребата на кој било префикс. Географскиот префикс секако може да му дава право на националист или иредентист да инвестира преку власт во соодветни асоцијации. Може Грк националист од област и административни граници што носат име западна периферија или периферија Централна Македонија може да манипулира со името на држава Република Северна Македонија и да вели дека е грчка земја, неослободена во 1913 година и слично, во контекст на грчката национална идеологија. Слично може Македонец да интерпретира и да вели дека јужна Македонија е поробена и слично. Априори теза за кој било деструктивен политичар во овие држави.

Кажете ни нешто за Преспанскиот договор.
– По Преспанскиот договор реков дека е добро за нас бидејќи таму се говори за македонски јазик. Индиректно се признава јазикот на малцинството. Затоа реков дека од јазична гледна точка нам ни одговара да аргументираме тука дури и во грчките судови. Се разбира, не е идеално ниту ќе биде подобро ако Грција не направи идеолошка национална реформа за македонското прашање. Прв приоритет е соседните држави да имаат добри односи и позитивна енергија во разни сфери на соработка. Се надевам детално објаснив и реалистички ја анализирам темата.

Дали некои одредби од Преспанскиот договор се проблематични за Грција и грчкото општество?
– Во Грција има проблем делумно при нивната национална идеологија, бидејќи во договорот стои терминот за националност на граѓаните во македонската држава – Macedonian. Овој термин им предизвикува главоболки на грчките политичари, новинари и други да го споменуваат, како на пример дека македонскиот премиер говореше за таа тема или македонскиот фудбалер играше извонредно. Овој термин е индиректен удар за грчката националистичка идеологија, бидејќи произлегува дека има поинакви Македонци од она што се сервира тука, конкретно дека терминот македонски им припаѓа само ним, односно на Гркот и на Грција. Со овој термин се оспорува грчката аксиома. Затоа години по Преспанскиот договор нема да слушнеме наслов или напис со терминот македонски.

Има ли разлика помеѓу Македонците?
– Јас лично би сакал да просперираат независната македонска држава и нејзините граѓани. Ние свесните Македонци тука и македонскиот народ во Република С. Македонија го имаме истиот македонски национален идентитет, го имаме истиот јазик. Единствената разлика е дека имаме статус на граѓанин во Грција бидејќи тука живееме, тука работиме, тука имаме граѓански обврски и права, но и неправда околу малцинските права, а вие сте Македонци под друг статус. Идеално ќе беше Македонците насекаде на Балканот да беа граѓани на Европа, конкретно во ЕУ. Д.Ст.