Фото: Пиксабеј

Најтешко е да обликувате млада личност, тоа бара сериозна посветеност и ангажман и многу, многу енергија, знаење и љубов. Зрелоста на едно општество се согледува токму тука, кога на најискусните и најобразовани ќе им дадете кредибилитет, доверба, ќе им ги одврзете рацете од административни задолженија и ќе им дозволите да работат со полет и со ентузијазам, вели Поп Дучева

Светлана Поп Дучева, професорка по филозофски науки

Светлана Поп Дучева е докторка на филозофски науки (2015, УКИМ), има 15-годишно работно искуство во гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“ и СУГГС „Здравко Цветковски“ и потписничка е на Отвореното писмо на професори по филозофија, етика и логика.

И годинава, како и последниве неколку, актуелни беа идеите за укинување некои предмети во средното образование, како што се Филозофија, Етика и Логика, плус Социологија и Педагогија, како и намалување на часовите по Ликовно и Физичка култура… Како човек од праксата, како ја коментирате ваквата концепција, која, патем, е одложена за наредната година?
– Како несериозен предлог. Сите досегашни т.н. реформи во образованието се со ад хок решенија, поставени на несигурна основа, површни, клиентелистички, набрзина, па така и последнава се темели на спорна анкета на ученици од трета и четврта година. Кога ги прашавме учениците за анкетата, ни одговорија дека им било здосадено од секакви анкети и без некој посебен интерес и задлабочување само заокружувале. Пародија. Тоа е варијабилна основа и несериозен приод при градење „нов концепт“ кога се повикувате на „желбите на оние што не знаат, но ќе ви кажат како да ги научите за да знаат“. Апсурдно. Во сите досегашни реформи отсуствува темелна анализа, научен пристап, една посебна методологија на истражување, која меѓу другото вклучува посматрање на најмалку неколку генерации ученици, сумирање на резултатите од посматрањето, најпрвин со имплементирање пилот-проекти итн. Познат е примерот со Финскиот образовен модел, кој е уникатен и оригинален, започнат со градење во 1970 г., а доколу се пребара, може да се сретнат извори во кои се наведува дека процесот и во 2025 г. сѐ уште не е завршен. Тоа е сериозен приод кон реформи, за разлика од нашиот. Со новата предлог-концепција за реформирано гимназиско образование, подоцна наречена драфт-верзија, се изоставаат општествено-хуманистичките науки, се укинуваат низа предмети, пред сѐ филозофските дисциплини како етика и логика, а главниот предмет, Историја на филозофијата, од редовен статус преминува во изборен. Се елиминираат и предмети како Педагогија, Социологија, Латински јазик, а се намалува и фондот на часови по ликовна и музичка уметност, како и спорт и спортски активности. Накратко, тотална девастација на постојниот концепт, тројански коњ во образование. Од тие причини следуваа бурни реакции од нас, гимназиските професори по филозофија, логика и етика, кои едногласно во отвореното писмо до јавноста категорично ја отфрливме понудената концепција. Концепцијата беше критикувана и од академската заедница, а со свои гледишта се изјаснија и низа здруженија на професори како од општествено-хуманистичките науки така и од природните. Во меѓувреме од медиумите разбравме дека концепцијата се одложува за една година. Во однос на одложувањето, сметам дека овој „тајмаут“ остава простор за размислување, за потемелна анализа на состојбите од предлагачите. Се разбира, отвора и можност за широка дискусија, соработка и учество помеѓу сите чинители од фелата, од средношколски професори, па до академската заедница..
Колкава е важноста на овие предмети, како ќе се одрази нивното евентуалното укинување врз децата, но и врз државата, бидејќи образованието е еден од темелите на секое општество?
– Предметите Филозофија, Логика и Етика се од суштинско значење. Несфатливо е да се укине првата и најстара наука, без чие постоење како заедница ќе го изгубиме компасот на патот на цивилизациските текови. Со евентуалното укинување, општеството ќе доживее регрес, ќе се намали потенцијалот за критичко размислување. Овие предмети се подлога за академско ниво бидејќи филозофијата развива апстрактно мислење и креира критичко размислување. Таа отвора широки хоризонти, но и длабоки и високи вертикали, содржи сознајни методи за суштината и смислата на човечкото постоење во светот во целина. Истовремено, филозофијата е во функција и на сврзувачко ткиво со посебните науки што се изнедрени од нејзините основи. Посебните науки нудат парцијална вистина, само филозофијата ги поврзува во целосна вистина бидејќи опфаќа мноштво аспекти. Оттука велиме дека филозофијата е основа, но и круна на сета научна свест и познание. Денес филозофијата е присутна и во интердицсиплинарните науки, како што се т.н. когнитивните науки, каде што филозофијата, психологијата и невронауката се обединуваат во едно. Од друга страна, логиката е алатка на науките, во неа се проучуваат меѓу другото и методите на заклучување, како индруктивниот, дедуктивниот, дијалектичкиот и др., без кои не може да се замисли научно истражување. Истовремено, логиката го развива и критичкото мислење познато уште од времето на Џон Дјуи, кое е еден вид мисловен компас при носење одлуки. Несериозно е да се укине логиката во време на вештачка интелигенција, кога на пример „Чат џи-пи-ти“ може да генерира текстови со измислени референци. Македонското општество треба да биде подготвено за новото време и новите предизвици со вештачка интелигенција, а изучувањето на логиката треба да биде присутно и во стручните училишта, не само во гимназиите. Етиката е практична филозофска дисциплина, наука за моралот и моралното дејствување, во која преку етички правци, вредности и принципи се изучува исправното морално однесување, се гради етичка свест, се облагородува младиот човек како исправно да постапува при разбирање на комплексната реалност. Етиката е морален компас, без кој не може да постои здраво и функционално општество. Само колку за паралела, во хрватскиот образовен систем, во гимназиите етиката се изучува во сите четири години.

Имате ли впечаток дека и досега овие предмети биле неправедно потиснати, односно се сметале за предмети од втор ред, а младите луѓе останувале лишени од основните познавања за уметноста, филозофијата, етиката, музиката…?
– Станува збор за една тенденција од неколку години на зголемен интерес за стручните училишта, во однос на гимназиите. „Зголемениот интерес“ е во зависност од потребите на пазарот на трудот. Ова е несигурен приод кон образование и со варијабилни потреби, а во поново време треба да се земе предвид и развојот на вештачката интелигенција со супернанотехнологијата. Во иднина многу професии ќе згаснат, токму поради современите технологии, а ќе се појават нови, за одново да згаснат. Средните уметнички училишта се исклучок, бидејќи едуцираат и развиваат таленти од посебен и редок ков. Прашањето на кое размислуваат родителите е прашањето како на децата да им се обезбеди сигурна иднина. Посигурен влог во знаење, од широко и сестрано образование, не постои. Прускиот филозоф Вилхелм фон Хумболт сметал дека личност се формира единствено преку образование, а тој тип на образование треба да ги опфаќа сите аспекти на човечката култура, вклучувајќи ги сите уметности, науката и филозофијата, со цел да се создаде целосно образована личност. Сметам дека овој приод нуди долгорочна перспектива, бидејќи кај младиот човек преку сестрано образование се развива капацитетот, се откриваат афинитетите, знае што сака, добива на сигурност и се вложува во подготовка за иднината, односно академско ниво. Таквата личност со сигурност е способна да успее во секоја средина, професија, време и простор. Френсис Бекон вели знаењето е сила, моќ. Гимназиите уште од времето на антиката се елитни училишта во кои се образовала аристократијата, значи најдобрите по дух. Тоа го дознаваме од Платон и од Аристотел. Токму поради концептот на сестрано и широко образование отсекогаш, од првите почетоци на гимназиите во нив се едуцира идната интелигенција, која е водечка сила на секое општество. И денес во земјите на ЕУ токму гимназиите се најквалитетните школи и се прашање на престиж и социјален статус. Во Македонија по Втората светска војна сме имале 39 гимназии со над 700 паралелки, денес бројот е намален и сведен на минимум.

Дали сѐ уште неформално овие предмети се сметаат за своевидна пауза од „сериозните“ часови, се согласувате ли дека конечно треба да се сфати дека тие не се наменета само за таленти туку се база за развој на секоја личност?
– Уште питагорејците зборуваат за музиката како лек за душата, истото тоа го говори и Артур Шопенхауер, музиката ја смета за „палијатив“ на човечката болка, но и како единствена уметност што директно ни ја соопштува вистината. Музиката ги развива слухот, ритамот, имагинацијата, креативноста, интелигенцијата и др. Ликовната уметност ги развива фантазијата и креативното размислување, ги поттикнува спонтаноста во изразот, алтернативниот начин на размислување, генерално уметноста ги облагородува личноста и душата. Уште од времето на хуманизмот, кога се јавуваат првите гимназии, се негува концептот на облагородување на умот или интелектот, во трите негови сегменти, а тоа се разум, имагинација и меморија. Разумот се развива преку филозофијата, имагинацијата преку сите видови уметности, а меморијата преку историјата, вклучувајќи ги и јазиците на високата култура, латинскиот и старогрчкиот. Преку овие предмети младиот човек е комплетна личност, хуманист, значи убав човек.

Дали треба да го урнеме конечно вкоренетото мислење дека овие предмети служат само за подобрување на просекот за време на школувањето (недозволиво е некој да го напушти училиштето без да знае, на пример, кој е Никола Мартиноски, кој ја насликал „Мона Лиза“ и дека Моцарт не е чоколадо…)?
– Општото ниво на култура во едно општество се постигнува преку сите форми на образование, вклучувајќи ги и неформалните. За тоа се потребни и услови, институции што ќе ја негуваат културата, но и потребата од неформално образование, како на пример зголемен број на книжарници – во таа смисла заостануваме во преводи на стручна литература, белетристика, бестселери итн. Во рамките на формалното образование е неопходна промената на учебници, во кои треба да бидат присутни и содржини од поновата историја на државата. На часовите допираме и теми од општа култура, по согледуваме генерално очајно лошо ниво, кое и доколку е добро, тоа е резултат единствено на домашно воспитание. На пример, зошто да не им е познато значењето на македонската рок-сцена во бивша ЈУ, да не знаат да набројат неколку култни рок-групи од 1990-тите, да знаат кој бил на пример Сариевски, зошто да не можат да набројат десет современи македонски сликари, како Кондовски, Мазев, Чемерски, или да зборуваат за инсталациите и муралите на групата „Зеро“. Така се градат и поттикнуваат општата култура и образованост кога младите во една заедница ќе бидат информирани и ќе имаат знаење од својата култура.

Што забележувате кај младите генерации под поразувачкото влијание на новите трендови, дали тие сосема ги губат и елементарните етички ориентири?
– Неблагодарно е да се зборува генерално, но имаме случаи кај кои се забележува изгубеност токму поради тоа што ги следат „светските трендови“. Живеат во едно општество во кое младиот човек е исправен пред голем број предизвици, во општество во кое отсуствува систем на вредности, во нефункционален систем, во општество на поделеност и раслоеност, со рецидиви од криминал, корупција, низок стандард итн. Од друга страна, на социјалните мрежи ги следат „светските трендови“, кои им создаваат лажна претстава, така што губат критериум и ориентир за тоа што е исправно, добро, како треба, како не, и се дезориентираат. Генерално, секоја нова генерација е сѐ позбунета, понеписмена, послаба и понезаинтересирана за образование од претходната. Ова е генералната слика што може да ја потврди секој професор во средно образование. Кои се причините? Се разбира дека се многу покомплексни и бараат сериозни истражувања, со кои ниту една образовна институција досега во земјата се нема позанимавано. Нефункционалниот систем, отсуството од мериторен систем, нискиот стандард, невработеноста или клиентелизмот ги тераат да размислуваат да си одат од државава. Имаме сјајни ученици, капацитети, извонредни, суперинтелигенција и надареност, кои можат да конкурираат на светско ниво без никаков проблем, готов производ, сте вложиле труд, системот вложил, родителите со исклучителна посветеност, љубов и грижа, и си одат. Најдобрите ни одат во Словенија и во другите земји на ЕУ. Тука треба да се насочат сите потенцијали на „реформирање“, како да се спречат иселувањето и одливот, наместо да се троши енергија на козметички решенија во образование со измислени модели. Добар е постојниот модел на насочено гимназиско образование, кој е стар не повеќе од 20-24 години и, со мали корекции – дополнителни предмети во одредени насоки, со промена на постојните учебници, со нов ракопис, ќе биде сосема добар.

Ми се чини дека во ваква општествена клима се случува декаденција во културолошка и морална смисла, која забележливо расте, што е загрижувачки факт?
– Се што се случува во општеството каде што е инволвирана младината, како фела нѐ допира. Во оваа професија живееме со проблемите на младите. Нашето работно време не завршува по затворањето на компјутерот, ниту по напуштањето на работното место, ние ги мислиме 24 часа. Живееме со предизвиците и проблемите на младиот човек, бидејќи покрај едукативната функција, ние сме и педагози и воспитувачи, другари и „втори мајки“, така што неретко ни се исповедаат, бараат совети итн. Најтешко е да обликувате млада личност, тоа бара сериозна посветеност и ангажман и многу, многу енергија, знаење и љубов. Зрелоста на едно општество се согледува токму тука, кога на најискусните и најобразовани ќе им дадете кредибилитет, доверба, ќе им ги одврзете рацете од административни задолженија и ќе им дозволите да работат со полет и со ентузијазам. Државата со настаните околу новата концепција докажа дека има огромен потенцијал, фела на професори што живеат во епистеме, значи кои знаат како треба, обединети во идејата за општо Добро. И оттука не треба да се комплицираат процесите во образование со разни „нови концепти“, зашто во образованието најзначаен е континуитетот. Со секој прекин и преструктурирање трпи процесот, а тоа е погубно по младината. Нека ни дозволат само да продолжиме да си ја работиме нашата благородна професија, како што вели философот Петар Днев, „учителскиот повик е највисок, повисок и од царскиот, зашто и на царот му е потребен учител“.

Дали на оваа битка против реформите треба да се гледа не само како на битка за квалитетно образование, затоа што таа во својата суштина и не е само тоа, туку како на битка за поголема слобода и автономија и во приватниот живот и за похуман и поправеден систем, воопшто?
– Борбата за подобро образование аристотеловски ја нарекуваме општо Добро, но и врвно Добро. Тоа е просто прашање на морална обврска, но и грижа и заштита на младите од „лошите тенденции“. Борбата за подобро образование е борба за знаење, но и слобода. Кога се возвишува, умот се ослободува од ниските страсти на човечкото постоење, а колку подобро образование толку послободни и поавтономни личности, креативни и творечки битија, со интегритет и одговорност. Слободата е поврзана и со одговорност. Слободниот човек е свесна личност што ги применува моралните вредности и начела на кои е подготвен, а тоа, секако, е одговорноста. Колку поморален човек толку поодговорен односно послободен. Кога сме слободни, чувствуваме и среќа и исполнетост и блаженство итн. За сето тоа е потребно да се осознае смислата на постоењето што се открива сиот живот, но основите, појдовната точка како да се осознае младиот човек, најкраткиот и најквалитетен пат за него оди преку филозофијата. Филозофијата е наука на слободната мисла, единствена што размислува за самиот процес на мислење и осознавање.