За време на креативните работилници, секој тим изработи постери со традиционални костими од својата земја, а учесниците презентираа и традиционални танци и песни, но приготвуваа и кулинарски специјалитети од своите држави
Пет училишта од пет држави, Македонија, Италија, Шпанија, Турција и Грција, неодамна успешно го започнаа проектот „Го прекинувам насилството преку уметност и спорт“, одобрен од програмата „Еразмус плус“. Координатор на целиот проект е училиштето „Цеип Ел Санто“ од Шпанија, а првата средба се одржа од 26 ноември до 1 декември во Кавадарци.
Домаќин беше ОУ“Гоце Делчев“, едно од петте училишта-партнери.
За време на прекрасната дружба, децата споделија интересни искуства во една интернационална мултикултурна атмосфера, користејќи го англискиот како меѓународен јазик на комуникација и промовирајќи го европскиот имиџ на училиште.
За време на креативните работилници секој тим изработи постери со традиционални костими од својата земја, а учениците презентираа и традиционални танци и песни, но приготвуваа и кулинарски специјалитети.
„Колибри“ имаше можност да ѕирне што се случува на меѓународната вечер, организирана во ОУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци и да се восхитува на богато аранжираните штандови со традиционална храна и на вештините со кои малите готвачи ги приготвуваа највкусните традиционални рецепти од своите земји. Тоа беше вистинско кулинарско шоу, во кое учениците готвеа и ги објаснуваа рецептите, кои можеше да се дегустираат на самото место.
На заедничката трпеза имаше: македонски ајвар, алва со гриз, италијански тестенини, турски баклави, мантии, сармички со лозов лист, раванија, гурабии, специјалитети со тиква, маџун, ореви, разни макала, мачканици со маслиново масло, пршута и многу видови сирење… Вистинско изобилство од различни вкусови.
Учениците од Кавадарци, како вистински домаќини, се потрудија заедно со своите наставници во најдобро светло да ја претстават гастрономијата на Македонија. Се разбира, најубаво од сѐ беа убавата атмосфера и насмевките на детските лица
– Главната цел на проектот е да се спречи социјалната ексклузија, со превенирање на хулиганството меѓу врсниците, да се оневозможи тиранијата меѓу врсниците и да се овозможи позитивно интегрирање во општеството. Со ваков пристап тие деца ќе можат успешно да го завршат училишното образование, стекнувајќи се притоа со самодоверба и општествено прифаќање, осознавајќи што е толеранција и стекнувајќи основни вештини за елиминирање на негативните ефекти од малтретирањето на врсниците – вели координаторката на проектот Милка Мркева од ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци.
Учесниците во овој проект во март наредната година ќе патуваат во Грција, а во јуни ќе ја посетат Шпанија.