Драматично обраќање на францускиот претседател во радио-телевизиското гостување пред француската јавност во врска со Украина и „европската одбрана“
- За време на радио-телевизиското обраќање за Украина и европската одбрана, шефот на француската држава најави значителен буџетски напор и ги повика владата и посредничките тела да најдат „решенија за иднината“. Ова обраќање на Макрон беше во предвечерието на вонредниот самит на Европскиот совет во Брисел, кој е закажан за 6.3.2025 година
- „Ништо веќе нема да биде исто“, рече Емануел Макрон во март 2020 година, додека земјата се подготвуваше да се соочи со кризата од ковид-19. Пет години подоцна тој го повторува истиот рефрен, уверувајќи ја јавноста дека и овој „момент бара невидени одлуки“. Судејќи дека „не можеме да имаме исти дебати како досега“, францускиот претседател ги повикува владата и „сите политички, економски и синдикални сили на земјата“ да „дадат предлози“ за „да се најдат решенијата за утре“…
Обраќањето на претседателот на Франција изгледаше како враќање на годините на ковид-19. Во продолжение пренесуваме неколку клучни точки од неговиот говор.
Макрон се појави на екраните во средата на 5 март, во 20 часот, облечен во црно, на свечен говор, во кој им се обрати на Французите што се „легитимно загрижени“ за зближувањето меѓу САД и Русија, кое „се случува на штета на Украина“, како што вели Макрон. Но, според него, тоа „поместување е такво што ги турка Европејците во нова ера“, вели тој. Ако Америка на Доналд Трамп сè уште е наш сојузник, Русија стана „закана за Европа“ и нејзината агресивност „се чини дека не познава граници“, оцени тој. „Соочени со овој опасен свет, да се остане гледач би било лудило“, предупреди претседателот на Франција во сериозен говор, кој траеше околу петнаесет минути.
Говорот на францускиот претседател дојде во пресрет на вонредниот Европски совет, в четврток (6 март) во Брисел, посветен на поддршката за Украина и одбраната на Европа, во време кога Доналд Трамп има намера да ги забрза преговорите со Русија, за да се усогласи со позициите на Владимир Путин. Во еден таков тек на настаните, Макрон во еден дел од своето обраќање констатира дека „патот кон мирот не може да вклучува напуштање на Украина“, инсистираше Макрон и заклучи дека „мирот не може да биде руски диктат“.
Се продлабочува јазот во Атланската алијанса, но Макрон порача решително: „Остануваме посветени на НАТО!“
Во обид да има влијание во дискусиите, Емануел Макрон ја брани подготовката од страна на Европејците – особено Французите и Британците – на „план за цврст, траен, проверлив мир“, кој почна да го открива во Белата куќа во понеделникот на 24 февруари. Почетното примирје би ги тестирало Русите и би купило време за преговарање за вистински прекин на огнот, со безбедносни гаранции. Мирот во Украина „ќе вклучи и распоредување на европските сили“.
– Тие не би оделе да се борат денес, не би оделе да се борат на линијата на фронтот, туку, напротив, тие би биле таму откако ќе се потпише мирот, за да го гарантираат неговото целосно почитување – објасни Макрон.
За издвојување е и информацијата дека на 11 март во Париз треба да се одржи состанок на началниците на генералштабовите на земјите што сакаат да го обезбедат договорот.
Емануел Макрон исто така се обиде да извлече поуки од јазот што се чини дека се продлабочува во Атлантската алијанса, како резултат на одлуките донесени од Доналд Трамп. Така, тој го оправдува својот избор да ја отвори „стратегиската дебата за заштита со француското (нуклеарно) одвраќање на нивните сојузници на европскиот континент“, како одговор на „историскиот повик“ на идниот германски канцелар Фридрих Мерц, но без да даде некакви индикации за модалитетите на оваа дебата меѓу европските сојузници.
– Што и да се случи, одлуката отсекогаш е и ќе остане во рацете на претседателот на Француската Република, шеф на вооружените сили – увери тој, со цел да се спротивстави на критиките што доаѓаат особено од Националниот собир.
„Остануваме посветени на НАТО и нашето партнерство со Соединетите Американски Држави“, но „иднината на Европа не мора да се решава во Вашингтон и Москва“, наведе францускиот шеф на државата во своето обраќање.
Макрон: „Сакам да верувам дека САД ќе останат на
наша страна“!
Конечно, за Емануел Макрон, најавата на администрацијата на Трамп за неизбежно зголемување на царините за европските производи претставува „неразбирлива одлука“. „Го подготвуваме одговорот“ во ЕУ, рече тој, сè уште со надеж дека ќе го „разубедиме“ американскиот колега да дејствува во таа насока. Истото утро, на крајот од Советот на министри, владиниот портпарол Софи Примас го спомена новото патување на Емануел Макрон во Вашингтон, придружуван од Володимир Зеленски и Кир Стармер. Најавата беше веднаш демантирана од Елисејската палата.
– Во овој неизвесен меѓународен контекст, сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна. Но, мора да бидеме подготвени ако не се случи тоа – објасни Макрон.
Тој исто така ѝ наложи на владата да ги преземе „што е можно побрзо“ „дополнителните инвестиции, кои сега станаа суштински“, но „без зголемување на даноците“. Буџетски напор се чини дека е тежок, со оглед на многу лошата состојба на јавните финансии на Франција. За да се одговори на овој предизвик, „ќе бидат потребни реформи, избор и храброст“, ѝ посочи Емануел Макрон на владата, самата без многу простор за маневрирање во отсуство на мнозинство на кое може да се потпре.
„Ништо веќе нема да биде исто“, рече Емануел Макрон во март 2020 година, додека земјата се подготвуваше да се соочи со кризата од ковид-19. Пет години подоцна, тој го повторува истиот рефрен, уверувајќи нѐ дека „моментот бара невидени одлуки“. Судејќи дека „не можеме да имаме исти дебати како досега“, францускиот претседател ги повикува владата и „сите политички, економски и синдикални сили на земјата“ да „дадат предлози“ за „да се најдат решенијата за утре“, без дополнителни детали.
Наоѓајќи ја улогата што му одговара девет месеци по распуштањето на Националното собрание, Емануел Макрон се обиде со овој говор да ги освести Французите за сериозноста на ситуацијата, барајќи ја нивната „посветеност“ кон „татковината“ и повикувајќи ја нивната „сила на душата“ да ги надминат тешкотиите што претстојат.
„Нашата генерација повеќе нема да ги добива дивидендите на мирот“ заклучи тој мрачно. „Наше е да се погрижиме нашите деца да ги соберат дивидендите од нашите обврски утре“
Франција продолжува да ѝ помага на Украина, со разузнавачки податоци
Ден по говорот на претседателот на Републиката на темата за војната во Украина, на микрофонот на „Франс Интер“ беше поканет министерот за вооружени сили Себастиен Лекорну, кој рече дека „прекинувањето на американската помош (би) има(ло) значаен оперативен ефект, особено на суспензијата на разузнавачката соработка“, пред да додаде: „Имаме разузнавачки ресурси што им ги обезбедуваме на Украинците“.
Иако тој не рече дека е изненаден од заострувањето на ситуацијата меѓу Русија и Украина во последните денови, што според него „било предвидливо“, што укажува дека „САД отсекогаш знаеле фази на изолационизам“, според него суштинско е дека „руските и американските дискусии навистина почнуваат“.
Истражување на јавното мислење во Франција во врска со воениот судир во Украина
Вкупно 64 отсто од населението стравува дека конфликтот ќе се прошири во Франција
Војната во Украина предизвикува загриженост во Франција. Тоа е резултат од истражувањето на Елабе за БФМТВ. Мнозинството Французи, 76 отсто, стравуваат дека конфликтот ќе се прошири во земјите блиски до Русија, а 64 отсто од нив се загрижени дека ќе стигне до Франција. Но, сепак, три четвртини од Французите не се подготвени да платат повеќе даноци за да ја финансираат оваа помош за Украина
Тони Гламчевски, специјален соработник на „Нова Македонија“ од Франција