Главна причина за досегашното избегнување на стиховите на македонската химна и соломонското решение двете химни да се изведуваат само инструментално беше поради различните наративи на македонската и бугарската историографија за револуционерите и настанот што се спомнуваат во втората строфа од македонската химна
За првпат одекнаа зборовите на македонската химна на прием организиран од бугарската амбасада
Македонско-бугарските односи изминатите неколку години се движеа постојано по надолна линија, доведувајќи се во ситуација двете земји и двата народа да се доживуваат како најголеми непријатели, најмногу поради одлуката од страна на официјална Софија да го попречи македонскиот евроинтегративен пат.
Но во услови кога односите буквално го допреа дното, а во светот се случуваат големи геостратегиски превирања, кои подразбираат помалите земји, особено соседите, да се држат заедно во големите геостратегиски игри, се чини дека Бугарија полека го омекнува ставот и остава простор за повторно воспоставување блиски и пријателски односи.
Имено, завчера Амбасадата на Република Бугарија во Скопје го приреди традиционалниот прием по повод Денот на ослободувањето од турското ропство, кој се прославува на 3 март. Она што годинашниот прием го направи поразличен од претходните е начинот на кој беа изведени химните на двете држави. Првпат во историјата на овој настан, македонската државна химна „Денес над Македонија се раѓа“ беше испеана со стиховите од сите три строфи. Вообичаена практика на приемите на бугарската амбасада беше македонската и бугарската химна да се изведуваат само инструментално, без стиховите.
Главна причина за досегашното избегнување на стиховите на македонската химна и соломонското решение двете химни да се изведуваат само инструментално беше поради различните наративи на македонската и бугарската историографија за револуционерите и настанот што се спомнуваат во втората строфа од македонската химна – Крушевската Република, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански. Оваа година тоа не беше пречка химната да биде исполнета во нејзината оригинална и целосна верзија.
Ова е прв прием организиран од бугарската амбасада во Скопје откако амбасадорот Жељаско Радуков ја презеде амбасадорската функција во септември минатата година и кој очигледно има намера да работи на затоплување на односите меѓу двете земји.
Несомнено, слободно перципирање на историските наративи е формулата за која Македонија се залага подолго време, а која е проверен рецепт за успех како двете држави да ги надминат несогласувањата поттикнати токму од историјата.
– Одамна зборувам дека не ни се потребни никакви комисии бидејќи секој народ има своја историја. Како се интерпретира таа историја, тоа е негов избор. Во колективната меморија на македонскиот народ постои една историја што се пренесува од генерација на генерација. Ние имаме сосема друга меморија од бугарската. Почитувањето меѓу народите е почитување на различностите што постојат во нивните истории. Обидот што сега се прави преку овие комисии, тоа е вештачки обид за креирање нова колективна меморија на македонскиот народ, односно наметнување со сила историја што е непостојна. Тоа не поминува, секој народ си ја цени сопствената историја. Бугарија можеби полека сфаќа дека со сила не може ништо да протурка кога гледа одбојност кај народот, така што и ова со химната сега може да биде израз на една таква промена, да почне да ја прифаќа македонската перцепција на сопствената историја и да не ја оспорува – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, во време кога светот се соочува со нови геостратегиски превирања, односно се случува нова Јалта, добро е соседите да се држат едни со други и да ги надминат разликите од минатото.
– Во 21 век не може да се пренесуваат работите од 19 век, тие немаат никаква содржина и логика. Светот каде отиде, а ние уште се расправаме со негации. Се прави нова Јалта, нови поделби на географската карта, така што и Бугарија можеби сфаќа дека мора да гради блиски односи и со Македонија оти никој не може да знае како ќе изгледа светот утре, а малите држави, особено соседите, мора да се држат заедно – констатира Чепреганов.