Фото: „Нова Македонија“
  • Од Општина Охрид ни изјавија дека „должност на општината е да ги чува македонскиот јазик и македонските великани и да го зачуваме споменот на сите што пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Со дигиталната форма, гореспоменатата едицијата станува подостапна за научната јавност, како и за помладата генерација што работи или ќе работи на истражувања поврзани со познатите охридски имиња“
  • Целта на проектот е да се соберат на едно место сите охридски духовници, преродбеници, револуционери и други општествени дејци што оставиле своја трага во целокупната охридска меморија!

Општина Охрид преку програмата за култура во делот на издавачката дејност го реализира проектот „Охридско книжевно наследство“. Приредувачи на проектот се проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски. Едицијата „Охридско книжевно наследство“ опфаќа 11 книги – „Дојди во Охрид“ (Антологија на песни за Охрид), 2018 г., „Антологија на ловорот“, 2020 г., „Книга за Чинго“, 2021 г., „Охридски раскажувачи“, 2022 година, „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, 2022 г., „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“, 2022 г., „Охридскиот XIX век“, 2023 г., „Охридски поети“, 2023 г., „Охридските писатели за деца и младинци“, 2024 г., „Охридските драмски писатели“, 2024 г., „Охридските писатели во книжевната критика“, 2025 г. Годинава ќе бидат издадени книгите „Охридски фолклористи “, „Охридска историографија“ и „Охридска книжевна школа“.
Целта на проектот е да се соберат на едно место сите охридски духовници, преродбеници, револуционери и други општествени дејци што оставиле своја трага во целокупната охридска меморија.
– Должност на Општина Охрид е да ги чува македонскиот јазик и македонските великани и да го зачуваме споменот на сите Што пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Со дигиталната форма, едицијата станува подостапна за научната јавност, како и за помладата генерација што работи или ќе работи на истражувања поврзани со познатите охридски имиња – велат од Општина Охрид, потенцирајќи дека како издавач овозможуваат едицијата да стане подостапна за целокупната јавност, читајќи, прелистувајќи, преземајќи содржини од сите читатели. К.М.