Есејот на Никола Маџиров првично беше објавен во нашиот весник за потоа да се најде и во неговата нова книга „Дом во тишина“ во издание на „Арс ламина – публикации“, промовирана минатата недела
Есеј
Градот е нем кога заминувам од него. Ја нема веќе мајка ми да фрли чаша вода по моите стапки кога го напуштам домот за да ми течат патувањата лесно и чисто како неоткриена река. Не ѝ кажав дека во атласите ги барав само реките понорници преку кои го осознавав релјефот на подземниот свет, кој никој не сакаше да го означи на мапите, а постоеше само во митовите или соновите како казна за тие што нема да го достигнат врвот на нормираните земни идеологии. По дваесетина години постојано отсуство, се вратив во родната Струмица, нем пред сопствениот страв од постојаност. Истите дрвја, други споменици, нови локални политички херои, кои раскажуваа за истата иднина, која никогаш нема да се случи. Често поминувам покрај каналот, кој беше аортата на градот, што низ себе ги носи камењата, тајните од најблиските ридови, секогаш кога силно ќе заврне. Стравот од поплави ги чуваше улиците да останат широки без збиени згради, како што стравот од пандемијата е чувар на плоштадот од политички кампањи и митинзи. Се враќав во детството каде што експанзијата на времето не е трошење на животот, туку чиста потрага по него. Често ја сонувам мојата мртва мајка како со ќесиња полни овошје се враќа од пазарот, а јас трчам кон полињата со кајсии. Татко ми пред некој ден со нејзината стара четка за заби ги чистеше рамката околу нејзината слика на гробниот камен и буквите од сопственото име, кои однапред ги изгравира веднаш до нејзиното име. Социјализмот го научи да планира сè, па дури и сопствената смрт. Мојот син, пак, кој порасна со константите на виртуелното постоење, ми постави прашање зошто улицата на која живее се вика „Никола Тесла“, а е најтемна во градот и зошто таблата со името на градителот на светлината е залепена врз распадната куќа во која живее темнината? Во неговите очи ги гледав сопствените прашања за динамиката, сомнежите и стравовите кон светот. Токму стравот од болеста за време на пандемијата на ковид ги врати луѓето во нивните градови на раѓањето, не со мисла дека тука се побезбедни, туку дека само се поблизу до гробот во кој сакаат да бидат закопани. Закопани тука, со главата насочена кон Ерусалим, кон Исток, иако цел живот со погледот се свртени кон Запад.
Кога сега поминувам покрај празниот канал обраснат со треви, на небото над него ми се пресликуваат сите летала што ги кревавме оттука како деца, без страв дека ќе завршат засекогаш закачени на ТВ-антените што како ребра на распнат неверник се издигаа од секој црвен покрив. Пишувањето е само обид за доближување на нештата што ни се оддалечиле од видот и мислата, на начин на кој мислиме дека цврстото и болно стегање на парчето коноп в рака ќе ни го врати откинатото летало, откинатото парче бесмртност.
Автор: Никола Маџиров
Есејот е како поле за фудбалска игра со избришани линии
Книгата „Дом во тишина“ ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на кој се напишани. Маџиров на промоцијата зборуваше и за тоа дали есејот е сенка на песната или обратно.
– Во прашање е просторот. Есејот е како поле за фудбалска игра со избришани линии. Трчаш и не правиш прекршок. Секогаш кога пишувам есеј, го доживувам како трчање во недоглед. Поезијата, пак, е нешто подлабоко, трчање во длабочина. Во поезијата ме привлекува поливалентноста или повеќето вистини. Овде (во есејот) ме привлекува сомневањето во потрагата по вистините и затоа сметам дека ако не постои сомневање, тогаш самата литература е сомнителна. Пишувањето е потрага – да се најдат границите на јазикот и на тишината. Тишината не е отсуство на звук. Тоа го имам согледано слушајќи музика. Исто така, молкот не е неможност да се каже нешто без зборови. Есејот ме враќа на она отуѓување од веќе дефинираното, ме враќа да ја преиспитам секоја официјална вистина. Ова е и книга на благодарности, свесноста дека не почнало сè од нас и дека треба да бидеме благодарни на другите. „Дом во тишина“ е книга што немаше да постои ако не беше гласноста на светот. Ако не беа идејата, поддршката и силата на Оливера Ќорвезироска, расфрлените зборови да се соберат во дом, кој, сигурно, пак ќе го напуштам. Оваа книга немаше да биде ако не беа разговорите за домовите и невдоменоста со Елизабета Шелева, ако не беа мислите и тишините на драгите пријатели при сите прошетки и битки… Оваа книга немаше да постои ако не беа стиховите на моите драги учители на отсуствата и на сочувствата со раните на светот, ако не беа прогоните, клучевите и враќањата. Оваа книга немаше да постои без јазикот на тивкото детство, без заборавот и без кревката архитектура на осаменоста, без слободата на сомневањето кон секоја лесно понудена слобода. Оваа книга немаше да постои ако не беа мртвите што ми доаѓаат во сонот и живите што сонуваат за мирно будење – вели Маџиров.
Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Литричр енд арт нетворк“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.