Поетична е секоја средба со него, секој разговор, а во тој ритам беше и промоцијата на првата есеистичка книга на еден од најпознатите и најпреведувани македонски писатели во светот, Никола Маџиров – „Дом во тишина“, која се одржа во „Литература.мк“, во рамките на Деновите на литературата.
Книгата, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на кој се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик. Книгата ја промовираа уредничката Оливера Ќорвезироска и авторот на поговорот Владимир Јанковски.
Ќорвезироска истакна дека „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, како и претходната книга на Маџиров во „Арс ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосема нови.
Маџиров им се заблагодари на сите што присуствуваа на промоцијата, на која се зборуваше за тишината, за сенките, за домовите… Сосема случајно, или можеби не, беше совпаѓањето на денот на промоцијата на оваа книга (20 февруари) со 25 години од заминувањето на Игор Маџиров (познатиот актер и братучед на Никола Маџиров, н.з.).
– Ова е и книга за отсуствата, а неговото привидно отсуство му припаѓа на еден дом што нема димензии. Да се зборува за сенката, всушност, прво се поставува прашањето што како деца сме си го поставувале: Дали сонцето постои кога е ноќ? Потврдено е… Одредени стихови го потврдуваат тоа, бидејќи сè е кражба, па и месечината навечер краде од сонцето… Затоа сметам дека и сенката постои во темнината. Темнината понекогаш ни помага точно да знаеме каде стојат предметите во домот, бидејќи кога е светло, не ги забележуваме. Кога е темно, точно знаеме каде се, внимавајќи да не се удриме од нив. Стравот од нашето физичко присуство и ранливост ни помага во темнината да ги видиме сите сенки, а секоја сенка е тишината на зборовите. Секој обид да се напише нешто е само парче, дел од обидот да се улови нешто, како некој пасиониран ловец на пеперуги, кој по цел ден е во потрага по нив – рече Маџиров.
Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Севремени и Епистоларни. Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високопоетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. Бездомни, Севремени и Епистоларни во конкретниот случај се однесуваат на есеи, но може имплицитно да се однесуваат и на песни, животи, идеи, чувства, мисли итн. „Дом во тишина“ содржи и поговор од Владимир Јанковски, во кој на мошне прецизен, широк и висококомпетентен начин се коментира неговото есеистичко писмо. Според него, есеите на Маџиров се песни во есеи, есеизирана поезија. Поетиката на Маџиров е база, темел и на неговите есеи. Дали пишува за јазикот, за поезијата или за конкретен автор, поет… Маџиров никогаш не се одлепува од стихот како метафора за неговиот творечки хабитус. Темите за кои ги има напишано своите најубави песни, Маџиров не ги напушта ни тогаш кога ќе ја напушти песната. Ги носи со себе и во друг жанр, овој пат (во „Дом во тишина“) ги носи во есеистиката. Домот, детството, пишувањето, смртта, тишината… се стожерите околу кои се врти и забрзува ова исклучително творештво создадено на македонски јазик. В.Д.