Михаил Д. Петрушевски

Во препевот на Хомер внесува голем број македонски архаизми и дијалектизми и ја збогатува изразната моќ на македонскиот јазик, но дава и верен и продлабочен одраз на оригиналниот Хомеров јазик, нешто што е реткост во светската преведувачка практика. Петрушевски исто така е еден од основачите на првиот македонски универзитет, прв декан на Филозофскиот факултет во Скопје и ректор на Универзитетот во Скопје, денес познат како Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Тој има објавено повеќе од 200 научни и стручни труда од областа на класичната филологија

Повод: 35 години од смртта на академик Михаил Д. Петрушевски

Деновиве се одбележуваат 35 години од смртта на Михаил Д. Петрушевски, личност што во македонската национална меморија останува запаметена како еден од корифеите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), но и еден од најзначајните Македонци од современата македонска епоха што оставија неизбришливи траги во светската наука. Петрушевски исто така беше и член на првата Комисија за јазик и правопис, која беше формирана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик. За македонскиот јазик исто така од особено значење е и неговата преведувачка дејност на „Илијада“ од Хомер, „Скендербег“ од Григор Прличев и на други дела. Негов најзначаен превод е „Поетика“ од Аристотел, во која тој не наоѓа место за поимот катарза во Аристотеловата дефиниција на трагедијата и го предлага терминот состав на собитијата. Ова негово гледиште е сосема спротивно од повеќевековното традиционално толкување на Аристотеловата „Поетика“. Од друга страна, во препевот на Хомер внесува голем број македонски архаизми и дијалектизми и ја збогатува изразната моќ на македонскиот јазик, но дава и верен и продлабочен одраз на оригиналниот Хомеров јазик, нешто што е реткост во светската преведувачка практика. Петрушевски исто така е еден од основачите на првиот македонски универзитет, прв декан на Филозофскиот факултет во Скопје и ректор на Универзитетот во Скопје, денес познат како Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Има објавено повеќе од 200 научни и стручни труда од областа на класичната филологија.

Научна дејност

Основно училиште и гимназија завршил во родниот град, а класична филологија студирал на Филозофскиот факултет во Белград, каде што дипломирал во 1935 година. По ослободувањето на Македонија се враќа во својата татковина и активно учествува во развојот на високото македонско образование. Тој е прв декан на Филозофскиот факултет (1946-1949), како и ректор на Универзитетот во Скопје (1956-1958). Тој е и еден од иницијаторите и долгогодишен одговорен уредник на првобитно југословенското, а подоцна угледно меѓународно научно списание „Жива антика“.
Уште како млада личност се истакнал како многустран ерудит, студиозен и оригинален истражувач во областа на класичната филологија. Од неговите први достигнувања на меѓународен научен план се издвојува херменевтичкиот приод кон делата на истакнати антички автори – Хомер, Есхил, Аристофан, Хесихиј, Полукс и др. Според сопственото признание, за најзначајни ги смета истражувањето и емендациите на Аристотеловата „Поетика“, каде што дава вонреден придонес со иновативното и аргументирано толкување на дефиницијата на трагедијата. Остварените резултати на ова поле добија соодветен одглас и признание во светската наука и се претворија во еден од препознатливите печати на македонската класична филологија.
За оваа проблематика, самиот Петрушевски вели дека Аристотел во делото „Поетика“ расправал само за трагедијата и епот, значи не расправал за целата поетика, за сите нејзини родови или, поточно, делото за поетиката какво што го имаме ние денес од целата „Поетика“ го има само оној дел во кој се зборува за трагедијата и епот.
– Навистина, во уводот, кој ги зафати првите пет глави на „Поетиката“, Аристотел кажува по неколку збора за главните видови на поезијата, но подробно систематски расправа само за трагедијата и епот и со тоа е делото завршено – нагласува Петрушевски за прашањето околу преводот на Аристотел.
Во неговите препеви на делата на Хомер не се гледа само голем познавач на Хомеровиот грчки туку и на македонскиот поетски јазик. Внесувајќи во својот препев на Хомер голем број архаизми и дијалектизми, тој успеа не само да ја збогати изразната моќ на македонскиот јазик туку и да даде верен и продлабочен одраз на оригиналниот Хомеров јазик, што е редок случај во светската преведувачка постапка. На тој план е значаен и придонесот остварен во критичките изданија и преводи на делата на Григор Прличев. Тоа се дела со капитално значење за македонската култура воопшто, кои остануваат основа за многу натамошни научни истражувања.

Трајни траги во светската наука

Значаен е неговиот придонес во микенологијата, нова наука од средината на 20 век. Веднаш по дешифрирањето на линеарното Б-писмо (1952/1953), тој се вклучува во најтесниот круг на класични филолози што нудат толкувања на микенски знаци и зборови што беа прифатени од светските специјалисти. Во микенологијата особено е значаен неговиот придонес во определувањето на фенетската природа на микенската серија силабограми za, ze, zo. Денес речиси нема посериозен научен труд или студија од таа област каде што не се цитираат неговото име и придонесот што тој го има дадено на тоа научно поле.
Михаил Д. Петрушевски во своите многубројни научни студии и анализи укажуваше дека кога Индоевропејците започнуваат да ги населуваат пределите на Стара Грција и нејзините острови, тие со себе ги носат својoт јазик, култура, религија и обичаи. Според него, староседелското население пред индоевропската миграција имало своја култура и го употребувало минојското слоговното линеарно А-писмо.
Петрушевски исто така укажа дека постои симбиоза помеѓу староседелците и новодојденците. Оваа поврзаност е очигледна од фактот дека за потребата на новодојдените жители слоговните знаци на линеарното А-писмо се приспособуваат кон фонетската структура на нивниот јазик, со што се создава линеарното Б-писмо, односно микенскиот јазичен идиом што има свои специфични особености.

Научен опус

Научниот опус на Михаил Д. Петрушевски опфаќа околу 200 објавени труда, од кои многу се на француски, германски, англиски, грчки, латински и италијански јазик. Своите научни откритија ги има презентирано не само во земјата туку и на низа предавања во светот, на универзитетите во Москва, Санкт Петербург, Безансон, Берлин, Рим и др. Според академик Георги Старделов, Петрушевски е научник од светска димензија. Како декан на првиот факултет кај нас, академик Михаил Д. Петрушевски во 1948 година го почнува Годишниот зборник на Филозофскиот факултет и во кн. 1, на стр. 3–17 го објавува своето откритие до кое дошол уште во 1942 година во прилогот „Дефиницијата на трагедијата кај Аристотел и катарзата“.
– Тој прв Годишен зборник на Филозофскиот факултет повеќе нема да се повтори до денес, зашто тој ќе стане најцитираната книга во научните кругови на класичната филологија, филозофија и естетика, а со него и авторот на воведниот прилог како еден од најцитираните автори и авторитети во овие области, па со право словенечкиот академик Кајетан Гантар ќе може да рече дека „со оваа енергична интервенција Петрушевски се обидува да го пресече вековниот Гордиев јазол“.