Горан Балески / Фото: Приватна архива

РАЗГОВОР СО МЛАДИОТ ЗЕМЈОДЕЛЕЦ ГОРАН БАЛЕСКИ

Во време кога Македонија се соочува со недостиг од млади во секторот земјоделство, Горан Балески од Валандово успешно чекори и се развива во оваа област. Семејното производство го започнува неговиот татко со првите плантажи од неколку декари посадени со јапонски јаболка. Неколку години потоа ги прошируваат површините со десет хектари бадеми и шест хектари комбиниран насад со јапонски јаболка и бадеми.
– Оваа визија првенствено ја имаше нашиот татко, кој ни ја пренесе уште од рана возраст. Тој одамна препозна дека органското производство носи бенефиции не само за животната средина туку и за самите земјоделци. Работиме во согласност со природата, без употреба на хемикалии што можат да ни наштетат и нам и на крајниот потрошувач – раскажува Горан Балески.
Во 2019 година Горан и неговиот брат Кристијан го наследиле земјоделското стопанство и ја продолжиле оваа филозофија, воведувајќи модерни пристапи во одгледувањето и преработката и заедно со десетина колеги ја основале Првата органска задруга во Македонија, преку која се обединуваат како производители и го создаваат брендот „Б органик“ (B Organic).
– Нашите производи, како органски бадем и јапонски јаболка, се присутни на домашниот пазар, но и во извоз, што е наш главен фокус во последните години. Верувам дека секој млад човек може да најде просперитет во земјоделството доколку има пристап до информации и е изложен на добри примери. За жал, многумина остануваат во затворени кругови, без можност да се инспирираат од успешни модели. Токму затоа секогаш советувам да ги анализираме практиките од земјите со доста развиено земјоделство, како што се на пример Шпанија, Турција, Италија и Калифорнија за бадемот, и да ги примениме на локално ниво – порачува производителот и агроном Горан Балески.

Фото: Приватна архива

Органското производство нуди одлична перспектива за македонските земјоделци

Органското производство во Македонија е во стагнација. Според „Макстат“, во 2023 година со органско производство се занимавале вкупно 888 производители, при што сите гранки бележат мал пад, освен овошките и бројот на пчелните семејства, кои бележат раст од по 16,5 отсто. Но во светски рамки последниве години се забележува историски раст. Според податоците на институтот за органско земјоделство ФиБЛ (FiBL) и ИФОАМ (IFOAM), во најновото издание на „Ворлд оф органикс 2025“ (World of organics), бројот на производителите во органскиот сектор во ЕУ во 2023 година пораснал за 1,4 отсто во споредба со 2022 година, а за истата година продажбата на мало забележала раст од 3 отсто. Според Балески, ова се показатели што не смееме да ги игнорираме, бидејќи побарувачката расте, а нивна задача како производители е да одговорат на неа.
– Во моментов се соочуваме со предизвикот на недоволно производство. Побарувачката за органски бадем значително ја надминува понудата. Дури и ако ги собереме сите производители на бадеми во државата, вклучувајќи ги и конвенционалните земјоделци, со вкупна површина од 550 хектари, сè уште би биле мали играчи на европскиот пазар. Сепак, она што нè издвојува е додадената вредност – сертифициран органски производ и висококвалитетни преработки. Благодарение на тоа успеваме да се позиционираме на пазарот каде што потрошувачите ги ценат автентичноста, одржливото производство и врвниот квалитет. Затоа сметаме дека органското производство нуди одлична перспектива за секој производител – констатира Балески.

Фото: Приватна архива

Недостиг од млад кадар во земјоделството

Органското земјоделство е предизвик што бара континуирано учење и адаптација. Тоа е динамичен процес, кој бара иновативен пристап, а тоа е она што особено го привлекува нашиот соговорник Балески, кој вели дека најдобар индикатор за состојбата во земјоделството, но и во сите други сектори, е присуството на младите.
– За жал, не можеме да се пофалиме со значително присуство на млади во земјоделскиот сектор. Просечната возраст на земјоделците е многу висока, а трендовите не покажуваат позитивна промена, туку, напротив, секоја година бројот на млади земјоделци опаѓа. Сепак, ситуацијата со органското производство во Валандовскиот Регион е поинаква. Во последните неколку години активно работиме на промоција и развој на органското производство на бадем, калина, јапонски јаболка и маслинка. Веруваме дека споделувањето знаења и искуства е клучно за зголемување на бројот на производители, па така и на млади производители, и затоа несебично ги пренесуваме нашите знаења со цел да им помогнеме на оние што сакаат да започнат, но не знаат како да ги надминат предизвиците со кои ние веќе сме се соочиле – појаснува Балески.

Едукација и подобри земјоделски политики

Минатата година, во рамките на проект поддржан од ИМЕ (IME) – „Зголемување на пазарната вработливост“, заедно со производителот на „кувет“, сок од калинки, организирани се обуки и теренски посети со агроном-експертот Сердар Кајнар од Адана, Турција, специјализиран за производство на калинка и маслинка. Овој проект, според Балески, е од исклучително значење бидејќи им овозможил пристап до знаења што инаку би ги стекнувале со децении.
– Научивме нови методи на кроење, садење, наводнување, заштита и многу други техники што значително го подобрија нашето производство. Најважно, бевме подготвени да ги прифатиме грешките што ги правевме и да ги имплементираме новостекнатите знаења, а резултатот беше видлив уште во првата реколта – вели тој.
Продолжувајќи со овој успешен пристап, неделава е организирана уште една обука, овој пат со експертот од Шпанија за органско производство на бадеми, Јуан Пабло Белидо. Оваа активност, исто така поддржана од ИМЕ – „Зголемување на пазарната вработливост“, се одржа во Валандово и привлече голем интерес од страна на бадемарите во регионот.
– Фокусот на обуката беше зимското кроење, кое е клучно за регенерација на овошките и одржување на нивната родност. Она што особено нѐ радува е тоа што многу колеги ги препознаа своите грешки и веднаш започнаа со примена на научените техники. Господин Јуан ќе продолжи да работи со нас и во текот на годината – неговата следна посета е планирана за мај, кога ќе нè обучува за пролетните техники на резидба и заштита, а во ноември ќе се фокусираме на постбербени активности.

Успешни земјоделски модели во Словенија

Во јануари 2024 година, Горан Балески како млад делегат од Мрежата на земјоделски задруги, заедно со уште шест колеги млади земјоделци од различни организации, беше во студиска посета на Словенија, при која остварија средби во Министерството за земјоделство, платежната агенција, Сојузот на рурална младина на Словенија, како и неколку млади земјоделци и организации што работат на нивна поддршка.
– Искуството беше извонредно и многу инспиративно. Се запознавме со моделите за поддршка на младите во земјоделскиот сектор, како и програмите за финансирање и развој на нивните стопанства. Најголем впечаток ми остави системот за финансирање односно кредитирање, кој се нуди – вели Балески.
Овој вид поддршка, според него, овозможува младите земјоделци во Словенија да се развиваат стабилно и брзо, без страв од финансиски ризици. Дополнително, Сојузот на рурална младина во Словенија е многу активна организација, која лобира за подобри услови за младите земјоделци, пристап до финансии, едукација и иновации. Оваа организација претставува мост меѓу младите фармери и институциите, што ја прави клучен фактор во креирањето на земјоделските политики.
Според Балески, средствата од мерките 112 и 113 за поддршка на младите земјоделци се недоволни, а минатата година не е објавен повик за овие мерки, што значи нема нивен континуитет.

Поголем буџет за мотив на младите земјоделци

Излезот од моменталната неповолна ситуација Горан Балески го гледа во зголемување на буџетот за мерките, забрзани процедури за аплицирање, понуда на поволни кредити, развој на програми за целосно грант-финансирање, партиципативен пристап при креирање на мерките, развој на програми за целосно грант-финансирање, како и моделирање според успешни примери од други земји.
– Ако сакаме вистинска трансформација, мораме да ја гледаме земјоделската политика како инвестиција во иднината, а не како еднократна финансиска поддршка. Само така ќе успееме да ги задржиме младите во руралните средини и да ги мотивираме да изградат одржливи земјоделски стопанства – порачува агрономот и земјоделски производител Горан Балески.