Фото: „Нова Македонија“

Во тек е јавниот повик од програмата ИПАРД-мерка 1, со која земјоделците ќе имаат можност да добијат финансиска помош до 75 проценти за набавка на основни средства, како и земјоделска механизација. Целта на повикот е да се зголеми конкурентноста на македонското земјоделство за да се постигнат стандардите на ЕУ од тој домен

Програмата ИПАРД го става производството на домашна храна во фокусот

Со програмата ИПАРД-мерка 1, земјоделците имаат можност да инвестираат во материјали за основни средства за земјоделски стопанства, да набават земјоделска механизација и помошна земјоделска опрема, како и опрема за добивање енергија од обновливи извори за сопствено производство.

Застареност на земјоделската механизација: Ниту има квалитетна обработка на земјата ниту ефикасна жетва

Според процените од земјоделските експерти, бројот на земјоделските машини во Македонија се проценува дека е околу 50.000 трактори и 3.000 комбајни. Но, според истите соговорници, механизацијата што се користи во нашата земја е стара триесетина и повеќе години, а за голем дел од механизацијата нема и соодветна документација за сопственост ниту документација за регистрирање и исправност, за пред надлежните служби.
Интересна е информацијата од земјоделците што ја истакнуваат во разговорите дека поради застареноста на нивната земјоделска механизација одамна нема квалитетна обработка на земјоделските површини, кои и онака се драстично намалени како обработливи. Исто така тие истакнуваат и дека апроксимативно 20 отсто од жетвата не се искористува, поради некаков вид „растур“ на земјоделската култура што се собира при жнеење.

Време е маслодајните земјоделски култури да се вратат на голема врата, но системите за наводнување треба да се доведат во висока кондиција

Според експертите во земјоделството, инспирирани од сѐ поголемиот дефицит на храна во светот, па и растот на цените на основните производи, вклучувајќи го и маслото за јадење, токму маслодајните култури се оние на кои треба да им се обрне посебно внимание. Македонските земјоделци уште се сеќаваат кога сончогледот и маслодајната репка заземале значаен дел во земјоделското производство и по квантитет и по квалитет, при што подвлекуваат дека нашата држава со моменталната состојба сѐ уште е многу далеку за повторно да го врати приматот што некогаш го имала во производството на маслодајна репка. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), најголемиот рекорд на засеани површини под сончоглед имало во 1989 година, кога под оваа култура биле 46.000 хектари. Но земјоделците низ годините се откажаа од сончогледот, бидејќи немаа вода за наводнување, односно се соочува со рестрикции и со уништени системи за наводнување. Но високата цена на маслото во изминатиот период и добрите субвенции повторно го враќаат производството на сончоглед и маслодајна репка на земјоделските површини.
– Оптималниот рок за сеидба е од средината на март до средината на април, кога температурата на почвата ќе достигне барем 8 Целзиусови степени. Многу раната сеидба влијае на слабо поникнување на растенијата, а доцната сеидба влијае на намалување на приносот. За препорачаната густина од 5 до 6,5 растенија по квадратен метар или 45.000-50.000 растенија на хектар, доволни се 8-10 килограми семе. За добар раст на сончогледот, потребно му е многу сонце. Затоа се сее широкоредно од 70 сантиметри, а во ред од 25-28 сантиметри, на длабочина од 3-5 сантиметри – вели м-р Цветан Јовановски.
Универзитетскиот професор од Земјоделскиот факултет при УГД-Штип Љупчо Михајлов вели дека причини за враќањето на маслодајните култури се исто така и зголеменото субвенционирање и тенденциите за усовршување на агротехниката.
– Добро е тоа што се најде слух од страна на државата да се зголемат субвенциите. За сончогледот, важно е да се сади во март, за да го развие кореновиот систем на поголема длабочина. Понатаму и да настанат пролетни суши, да не страда за вода, но и да обезбеди моќност на растението – изјави проф. Љупчо Михајлов.
Проф. Михајлов советува дека во Овчеполието е ризично да се сади сончоглед, но земјоделците би требало да посветат поголемо внимание и на културите лен и маслодајна репка, кои успешно може да се одгледуваат на нашите полиња.

„Денар“ потсетува на земјоделски култури што некогаш биле значајни за економијата

Според анализа на порталот „Денар“, некогашното македонско земјоделство беше богато со различни земјоделски култури, со висок квалитет, кои, за жал, до денес речиси исчезнале. Во освртот на „Денар“ се потсетува дека памукот, ленот, сусамот, афионот и хмељот биле значајни за економијата, но дека „модерните услови и новите барања на пазарот ги довеле истите култури до работ на исчезнување“. Во тој контекст, порталот го отвора прашањето „кои од споменатите земјоделски култури можат да се вратат, а кои се во опасност да исчезнат засекогаш“. Во продолжение „Денар“ потсетува на културите чие повторно садење може да предизвика ренесанса во земјоделството.

· Памукот – белото злато што исчезна
Памукот беше значајна култура во Македонија, особено во Тиквешијата и во Гевгелиското Поле. Во втората половина на 20 век оваа билка беше една од најзастапените во јужните делови на земјата. Но со распадот на поранешната држава и промената на политиките за субвенции, одгледувањето памук речиси целосно исчезна.
– Мојот дедо живееше од памукот. Во 1970-тите години целото село береше памук, се извезуваше дури и во странство. Денес младите немаат интерес, а и нема кој да ја откупи таа стока – вели Горанчо, поранешен земјоделец од Богданци.

· Ленот – заборавеното текстилно богатство
Ленот некогаш беше значајна суровина за текстилната индустрија. Денес речиси не постои како култура во Македонија. Главна причина се увозот на поевтини материјали и слабата поддршка од државата.
– Пробав да го одгледувам ленот повторно пред неколку години, но излезе дека нема кој да го преработи. Немаме мелница за лен, нема индустрија што го бара, па немаше економска логика да продолжам – вели Благоја Симеонов, земјоделец од Битолско.

· Сусамот – културата што тивко исчезнува
Сусамот сè уште се одгледува во одредени делови на Македонија, но во значително помали количества. Причината? Тешкотијата во одгледувањето и зголемениот увоз на сусам од други земји, како Турција и Египет.
– Имав план да ги зголемам насадите со сусам, но кога видов колку е ниска цената на пазарот, се откажав. Нема логика да се мачиш ако увозниот сусам е поевтин – вели Стојан, земјоделец од Валандово.

· Афионот – од стратегиска култура до табу-тема
Афионот во минатото беше култура што имаше важно место во македонското земјоделство. Се користеше во фармацевтската индустрија, а македонскиот афион важеше за еден од најквалитетните. Меѓутоа, поради строгите регулативи и ограничувањата поврзани со производството на опијати, оваа култура речиси исчезна.
– Некогаш во Прилепско и во Крушевско се одгледуваше квалитетен афион. Сега, ако некој се обиде, веднаш ќе наиде на бирократски пречки – велат агрономите.

· Хмељот – култура во ризик
Хмељот, клучна состојка за производството на пиво, некогаш се одгледуваше во големи количества. Но, со промените на пазарот, големите пиварници почнаа да увезуваат хмељ од Германија и од Чешка, што доведе до намалување на домашното производство.
– Сè помалку луѓе се занимаваат со тоа. Одгледувањето хмељ бара многу работа и инвестиции – објаснува Трајче, кој сè уште има мали насади со хмељ во Кумановско.

· Кои култури се во најголем ризик?
Доколку не се преземат конкретни мерки, сусамот и хмељот се следните култури што би можеле целосно да исчезнат. Одгледувачите бараат државна поддршка и стимулации за нивно зачувување, но без конкретни решенија, земјоделците најчесто избираат да се пренасочат кон поконкурентни култури. Македонија некогаш беше земја со богата аграрна традиција, но денес таа традиција полека исчезнува. Е.Р.


Тутунопроизводство

Во тек преговорите помеѓу тутунарите и откупувачите за цената на откуп на тутунот

Во тек се преговори помеѓу тутунарите и откупувачите како и по која цена ќе се откупува тутунот. Досега се откупени 24.163.000 килограми на тутун по просечна цена од речиси 400 денари. Според Сојузот на тутунари, има уште 40 тони неоткупен тутун, но сега откупувачите започнале да купуваат само сув тутун. Според соговорниците, понудените цени му се познати на Сојузот на тутунски здруженија, но законски не смеел да ги открива до четврток, кога јавно ќе ги соопшти понудените откупни цени.
Од разговорот со нив, тие истакнуваат дека имаат и предлози за повеќе законски измени со кои ќе се забрани увоз на ароматичен суров тутун, како и враќање на ингеренциите на Сојузот за договарање на цените. Во преостанатите пакет-барања се и измена на член од Законот за полагање за добивање лиценци не само на носителите на стопанството, односно на договорот, туку и на потесното семејство. Исто така, тутунарите бараат и враќање на откупот во класи, а не како годинава сѐ во една класа, но и тоа не се знае дали ќе се постигне. Е.Р.


Лозарство

На лозарите им се исплатени околу пет милиони евра субвенции

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во јавноста информира дека на лозарите им се исплатени околу пет милиони евра субвенции.
– Исплатени се околу пет милиони евра субвенции за повеќе од 12 илјади лозари и мислам дека таа тенденција и во следната година ќе продолжи исто како и во сите други земјоделски гранки. Тутунарите имаат рекордна цена итн., тоа ни е главен фокус и ќе продолжи да ни биде главен фокус и годинава – изјави премиерот Мицкоски. Е.Р.