Во првиот дел се зборуваше за промоцијата на ракометот, регрутирање и за услови за создавање играчи, потоа во вториот дел се дискутираше дали да се земаат „странци или домашен производ, брз успех или создавање играчи“ и за „начините на финансирање: државни или општински средства“, а во третиот дел за „стратегија, визија и форми на финансирање за развој на ракометот“

ВЧЕРА ВО СКОПЈЕ

Во организација на „Само ракомет“, вчера во Скопје се одржа првата панел-дискусија насловена „Ракометот спорт број 1“. Во првиот дел се зборуваше за промоцијата на ракометот, регрутирање и за услови за создавање играчи, потоа во вториот дел се дискутираше дали да се земаат „странци или домашен производ, брз успех или создавање играчи“ и за „начините на финансирање: државни или општински средства“, а во третиот дел за „стратегија, визија и форми на финансирање за развој на ракометот“.
– Ракометот е тој што нѐ претставуваше од спортот во светот, ако се осврнеме што се случуваше последниве 20 дена. Гледајќи ги фактите ќе видиме дека беше многу застапен. Но во Скопје не е во првите три спорта во комбинација, според тоа какви ни се условите и колку деца до 12 години се занимаваат. Како да го доближиме ракометот до децата? Секако ова ново време не трпи да нема спортски маркетинг-центар, промоција за децата во клубовите за да слушнат за тој спорт. Немаме доволно медиумска покриеност – рече, меѓу другото, Горан Ѓоргоноски, основач на проектот „Ракомет за секое дете“.
Тренерот на младите категории во школата „Ракомет за секое дете“, Злате Стојковски, рече дека секако дека треба да се надградува талентот на секое дете, односно да има промени на подобро.
– Треба секогаш да функционира тој триаголник наставник-дете-тренер. На децата треба да им се објасни важноста на ракометот, зошто тие тренираат. Треба да бидат задоволни децата и нивните родители. Затоа секогаш треба промени на подобро на овој план, почнувајќи од топли сали, секако – изјави Стојковски.
Стевче Стефановски, координатор на младите категории во Еурофарм Пелистер, рече дека првиот услов е да се привлечат што повеќе деца.
– Првиот услов е да се привлечат што повеќе деца, но не само во Битола туку и во околината. Ми требаат шест термини дневно, а не четири-пет неделно по школите. Ракометот кај нас заслужува приоритет и треба да има поддршка од државата. Потребно е во зима да има еден камп организиран од федерацијата, да постои и Б-репрезентација, преку која играчот полесно како готов производ ќе премине во А-селекцијата – рече, меѓу другото, Стефановски.
Воведно обраќање на панел-дискусијата имаа новинарите Перо Момировски и Виктор Христоски.
– Владата го поддржува спортот. Буџетот е зголемен речиси трипати. Во мене ќе имате поборник во спортот, секогаш. Издвојуваме пари оти спортот е здравје, за да градиме здрава нација. Сметам дека Министерството за образование треба да биде повеќе вклучено, како и градоначалниците. Прво, децата треба да спортуваат, потоа да се обезбедат средства за наставници што ќе привлечат што повеќе деца да тренираат и трето, тие деца да напредуваат понатаму – рече, меѓу другото, Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.
Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека ракометот е спорт број еден во Македонија.
– Ракометот е спорт број еден во Македонија. Сега правиме стратегија во повеќе спортови, да финансираме по два-три клуба, кои би придонеле да ги соберат кадетите и јуниорите, кои би стекнале искуство и би напредувале во тие клубови. Во тек се реновирања на повеќе спортски сали, а во план е изградба и на нови спортски сали – рече, меѓу другото, министерот за спорт Борко Ристовски. Г.И.