Кујунџиски со соучениците од четврто одделение и со учителот во Пехчево

Од творештвото на писателот Александар Кујунџиски

Додека учев во четврто одделение, едно утро, на првиот час нашиот учител влезе во училницата со писмо во раката. Откако го поздравивме со станување од столчињата и со громогласно „Добро утро“, тој го остави дневникот на масата и го крена писмото.
– Кој е број 13 во дневникот? – праша, божем не знаеше или не можел претходно и самиот да го провери тоа.

До моето непознато другарче од четврто одделение

Иако в миг се сетив дека се споменува токму мојот број, не кренав веднаш два прста.
– Јас! – одговорив по кратко соземање од ненадејното прашање.
– Стигна писмо до тебе – почна да објаснува учителот и, гледајќи во предната страна од пликот, ги прочита (односно ги преведе на македонски јазик) – како што подоцна видов – не сосема читливо и јасно напишаните зборови: „До моето непознато другарче од четврто одделение при основното училиште „Ванчо Китанов“ во Пехчево, под реден број 13…“
Откако станав и зачекорив кон таинственото писмо наменето за мене, тој дополни:
– Од четврто одделение од основното училиште во Симитли, Бугарија, гратче од другата страна на границата помеѓу Македонија и нашата источна соседна држава. По воздушна линија – многу блиску до Пехчево. Онде, зад планината. И таа ученичка во дневникот го има истиот среќен број 13 – се насмевна учителот.
Не си спомнувам дали веќе го имав земено и го држев в рака писмото адресирано до мене, кога учителот уште повеќе ме збуни со своите новоизговорени зборови.
– Се вика Рајна, пишува на задната страна од пликот, а сѐ друго ќе прочиташ самиот.
Веднаш потоа, некако спонтано, а можеби и не (со поттик на учителот, кој прв почнал) – цело одделение почна да ми ракоплеска.
– И, да ѝ одговориш! – чув глас, кој наедно ми се причини и како некаков одзив од далечина.
Во тие мигови бев силно возбуден и зацрвенет како најцрвено јаболко.
Најнепријатно ми беше тоа што „непознатото другарче“ беше девојче. Претчувствував дека другарите ќе ме задеваат поради тоа.
Така и беше. Но, наспроти тоа, јас уште следниот ден ѝ одговорив на Рајна. Во ист стил со содржината на нејзиното писмо. Како се викам, имам ли брат, сестра, каков ученик сум и слични нешта, вообичаени при првично запознавање.
А веќе следното писмо што го примив од Рајна беше адресирано до мене, со полно име и презиме.

Неиспратено писмо

Во второто писмо што некаде во февруари го примив од мојата соученичка Рајна од училиштето во гратчето Симитли, зад границата на нашата држава со Бугарија, добив и подарок.
Мартинка! Црвено-бело врзопче, кое на 1 март се врзува на раката и се носи сѐ додека не се види процутено дрво. Тогаш се закачува на гранче и се замислува некоја желба за остварување на нешто најпосакувано.
Тоа, всушност, беше објаснувањето што ми беше напишано во писмото, за кое претходно не знаев ништо. Таков обичај немаше кај нас.
Да бидам искрен, не постапив според упатствата. Зарем да дозволам уште повеќе да ми се потсмеваат другарите?!
Мартинката воопшто не ја обмотав околу раката, ниту ја заврзав за гранка од дрен (кај нас тие први цутеа), туку, според некои домашни инструкции, ја ставив под камен, некаде покрај реката. Не се сеќавам ниту дали тогаш си замислив некоја желба.
Во годините што следуваа, кои течеа како надојдените води на Брегалница, ние, некогашните четвртоодделенци, веќе зачекоривме кон вишите одделенија, се надоврзува и едно мое искачување на планината Влаина, од чиј највисок врв Кадиица, како на дланка се забележуваше населено место од другата страна на границата, за кое си помислив дека е нејзиното гратче. Најбелата зграда, си помислив, е нејзиното училиште. А најубавото девојче што чекори гордо е Рајна, која ита да го испрати задоцнетото писмо, адресирано до мене лично.

(Од книгата „Слики од детството“)


За авторот

Александар Кујунџиски е роден во 1946 година, во Пехчево. Работел како новинар во Информативната редакција на Радио Скопје, како и во Редакцијата за забавно-хумористична програма и во Редакцијата на емисии за деца. Од 1984 до 1990 година бил уредник на списанието „Ловец“, а сега е самостоен уметник писател.
Како автор создава дела за деца и млади, но и за возрасни, и е еден од најплодните писатели. Пишува поезија и проза, драмски творби, раскази, сказни, бајки, брзозборки, пиеси, текстови за песнички, како и хумористично-сатирични текстови. Објавил два мини-романа за деца: „Мотошишарка“ и „Кој сака да биде космонаут“, а ги напишал и книгите за најмладите читатели: „Природо, љубов моја“, „Солитерски сказни“, „Театарче клопатарче“, „Нека патува добрината“, „Кралот Ал со крпен шал“, „Зборчиња-изворчиња“, „Слики од детството“, а „Сакам книга“ досега е преведена на 11 јазици.
Добитник е на голем број награди, а во 2014 година ја освои наградата на ДПМ за најдобра книга за деца, додека во 2016 година ја доби и наградата „13 Ноември“ за целокупното творештво за деца и млади.