Учениците од Дреновци живеат во близината на Небрегово, селото во кое е роден кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески, и често
ја посетуваат неговата спомен-куќа. Тие добро знаат за раѓањето на зборот, но од мали нозе го спознаваат и раѓањето на пченицата, пченката, компирот, тутунот и гравот. Дивата ридско-планинска природа ги учи на храброст, издржливост и отпор, а нивните наставнички ги воспитуваат да бидат добри, вредни и културни

„КОЛИБРИ“ И УЧЕНИЦИТЕ ОД ДРЕНОВЦИ ЗАЕДНО ГО ОДБЕЛЕЖИЈА ДЕНОТ НА МАЈЧИНИОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Уморот од краткотрајното патување по исклучително лошиот пат од Прилеп, преку Мажучиште, Мраморани, Забрачни и Дупјачани го избришаа четиринаесетте насмевки на учениците од прво до петто одделение во подрачното училиште „Пере Тошев“ во с. Дреновци, Општина Долнени, оддалечено дваесет километри од Прилеп.
Тие заедно со наставничките Аида Јорданоска, Maре Илиевска и Марија Јаневска нѐ пречекаа со радост за заеднички да го одбележиме 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

ПЕСНИ ЗА ДОБРЕДОЈДЕ

Се потсетивме на оној стих на македонскиот поет Гане Тодорвски, кој македонскиот јазик го именува како „воздишка низ која првпат сме заплакале“. Учениците беспрекорно рецитираа поезија од неколку македонски автори за деца, испеаја и неколку песни, а нивното претставување го заокружија со македонската народна песна „Лилјано, моме убаво“, која прекрасно ја испеаја заедно со нивната музички талентирана учителка Аида Јорданоска.
Нашата редакција беше гостин на овој распеан час, а бидејќи секој знае дека на гости не се оди со празни раце, учениците добија книги од македонски автори, кои писателката Бистрица Миркуловска му ги остави на нашиот колега, поетот Филип Димкоски за тој да продолжи да ги подарува и да го шири македонскиот пишан збор. Децата се израдуваа и почнаа да ги листаат книгите, а додека ги разгледуваа, се заблажија и со вкусни крем-бананчиња што Димкоски им ги донесе од фабриката „Европа“ во Скопје.

ЧЕСТИ ПОСЕТИ НА РОДНАТА КУЌА НА КОНЕСКИ ВО НЕБРЕГОВО

Учениците од Дреновци живеат во близината на Небрегово, селото во кое е роден кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески, и често ја посетуваат неговата спомен-куќа. Тие добро знаат за раѓањето на зборот, но од мали но зе го спознаваат и раѓањето на пченицата, пченката, компирот, тутунот и гравот. Дивата ридско-планинска природа ги учи на храброст, издржливост и отпор, а нивните наставнички ги воспитуваат да бидат добри, вредни и културни.
– Вчера мајка ми садеше лук и кромид во градината, а јас ѝ помогнав – рече Ива. Дамјан ни раскажа дека налето сонот го прекинува во еден часот по полноќ и заедно со неговите родители оди на тутуновите ниви. Таму заеднички берат до седум часот, кога се враќаат дома и почнуваат со нижење. Дури по кратката пладневна дремка, Дамјан има време за игра со другарчињата. Александар и Теодора исто така раскажаа за својата вклученост во земјоделската работа помагајќи им на родителите, а нивниот гостин Филип им раскажа дека и тој има своја градина, па си разменија интересни искуства и споделија кому кој зеленчук му е омилен, по што следуваа песните за градинарот, за лубеницата, за доматот од книгата „Овошје и зеленчук“ на Димкоски.

ВРЕДНИ ДЕЦА + ПОСВЕТЕНИ НАСТАВНИЦИ = УСПЕХ

Тоа што имаат многу обврски не ги спречува овие ученици да учат по сите предмети, да се трудат колку што можат и да бидат вклучени во сите училишни и вонучилишни активности. Иако во тешки услови, тие благодарение на наставничките постигнуваат високи резултати. Минатата година беа посетени и од гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, која со донација помогна за подобрување на условите за работа во училиштето, а учениците ѝ возвратија со посета на НБРМ во Скопје, која беше полна со убави зборови и прегратки. Наставничката Аида ни раскажа дека таквите активности се од особено значење за учениците.

– Постојано се трудиме во рамките на нашите можности, покрај тешките услови за работа, да организираме што повеќе активности и за подобро совладување на предвидениот материјал, но и за социјализација на децата, како и за доближување на нашата работа до нивните родители. Често организираме активности каде што заеднички се дружат и децата и родителите и наставниците – вели Јорданоска.

Тие организираат и традиционално „барање на Дедо Мраз“ низ градските улици на Прилеп, посета на ресторан, се запознаваат со институциите, учат за светот околу себе…

„КОЛИБРИ“ ЌЕ СЕ ЧИТА И ВО ДРЕНОВЦИ

На оваа средба Филип Димкоски им го објасни значењето на овој ден, ги запозна накратко со историјата на неговото одбележување, им го претстави првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, како и „Колибри“, додатокот што веќе 67 години е сопатник во детското растење. Тој им објасни дека нашиот весник и додатокот за деца можат да ги читаат и во печатено и во електронско издание и да се запознаат со многу новости и дека нашиот весник е верен чувар на македонскиот јазик. Им ги претстави и неговите книги и им прочита неколку нови и необјавени песни за деца.
За крај следуваше песната на Димкоски насловена „Треба да пораснат“, која заеднички ја рецитира со сите деца и традиционално со неа ги затвора своите средби во училиштата низ Македонија и Балканот. Заеднички си ветија дека уште повеќе ќе учат правилно да пишуваат, течно да читаат и убаво да го зборуваат мајчиниот македонски јазик.

Ф.Д.


Селска идила на падините на Бабуна

Дреновци се наоѓа под јужните огранки на планината Бабуна, во источниот дел од територијата на Општина Долнени. Околни села се: Небрегово, Дупјачани и Десово. Селото е ридско и е сместено на надморска височина од 770 метри. Неговиот атар зафаќа површина од 12,4 квадратни километри. Од Прилеп е оддалечено 22 километри. Според последниот попис, во него живеат 235 жители.
Подрачното основно училиште „Пере Тошев“ во селото Дреновци е составен дел на истоименото училиште во селото Десово. Гордо го носи името на македонскиот револуционер Пере Тошев. Објектот на училиштето се наоѓа во средишниот дел од селото, во непосредна близина на црквата „Св. Теодор Тирон“. Во училиштето се изведува настава од прво до петто одделение на македонски наставен јазик.