Foreign Affairs Council Brussels
Фото: ЕПА

Состојбата во Украина на третата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, најновиот развој на настани на Блискиот Исток и ескалацијата на конфликтот во Демократска Република Конго, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи (ФАЦ) на ЕУ во Брисел.

Состанокот на шефовите на дипломатии на земјите членки на Европската Унија, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, според најавите, ќе започне со едноминутно молчење со што ќе им се оддаде почит на загинатите при руската агресија врз Украина.

На стартот на работниот дел на заседанието министрите ќе имаат неформална размена на мислења со нивниот украински колега Андриј Сибиха преку видео конференциска врска за најновите политички случувања и ситуацијата на теренот во Украина, како и за најитните приоритети на земјата.

По ова ќе следи дискусија меѓу европските министри за следните чекори поврзани со Украина по неодамнешните состаноци и мировни иницијативи, вклучително и за резултатите од средбите на Минхенската безбедносна конференција, на европските лидери во Париз, како и на претставниците на САД и Русија во Ријад.

Предвидено е министрите за разговараат и за новата иницијатива на Калас за засилена воена поддршка на ЕУ за Киев во 2025 година, како и за потребата од зголемување на трошоци за одбрана и нејзино одржливо финансирање, со цел да се обезбеди долгорочна безбедност на Украина и на Европската Унија.

Во рамки на оваа точка се очекува шефовите на дипломатиите да го усвојат 16-тиот пакет санкции поврзани со активностите на Русија за дестабилизирање на Украина, како и да расправаат за начините за подобро справување со т.н. руска „флота во сенка“. Покрај ова, предвидено е ФАЦ да донесе одлука за продолжување на важноста на режимот на санкции за Белорусија.

ЕУ постојано ја потврдува својата непоколебливата посветеност за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ, онолку долго и онолку интензивно, колку што е потребно, како и поддршката за сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и на меѓународното право. За таа цел, Унија најавува дека заедно со своите земји членки ќе продолжи со интензивните напори за „учество во дискусиите кои влијаат врз безбедноста на Европа“.

Во продолжение министрите ќе расправаат за актуелните состојби на Блискиот Исток, пред се ситуацијата во Сирија и во Либан, за израелско-палестинските односи, како и за работата на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

Во рамките на оваа точка членовите на Советот ќе разменат мислења за поддршката на ЕУ за Сирија и се очекува да усвојат одлуки и политичка декларација за олеснување на санкциите на Унијата во одредени сектори, со цел поддршка на „инклузивната транзиција на Сирија и нејзино економско закрепнување, идна обнова и стабилизација“. Се очекува, исто така, тие да се осврнат и на претстојната конференција на тема „Поддршка на иднината на Сирија и регионот“ што на 17 март ќе се одржи во Брисел.

Министрите ќе разговараат и за најновите случувања во Израел и Газа, поврзани со имплементацијата на договорот за прекин на огнот, како и за поддршката на ЕУ за палестинската автономна управа и оживување на политичкиот процес.

ЕУ го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа и постојано ја нагласува својата посветеност на постигнување праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решението за две држави – Израел и Палестина, што ќе егзистираат една покрај друга во мир и безбедност.

Во однос на Либан, ќе се разговара за заживување на односите на ЕУ со оваа земја и за поддршка на Либанските вооружени сили по договорот за прекин на огнот од 27 ноември меѓу Израел и Либан, изборот на шеф на државата и формирањето нова влада.

Во рамки на Советот ќе се дискутира и за ескалацијата на конфликтот во источниот дел на ДР Конго и неговото влијание врз земјата и поширокиот регион. Се очекува министрите за разговараат за позицијата на ЕУ и нејзината можна конкретна реакција на ескалацијата на конфликтот во оваа африканска земја по стартот на офанзивата на бунтовничкото движење М23 со поддршка на Руанда. Во тој контекст ќе се дискутира и за влошената хуманитарна состојба во земјата и за ризикот од регионализација на конфликтот.

За време на работниот ручек предвидено е министрите да расправаат за Иран, со акцент на воената поддршка на Техеран за Русија, неоснованите притворања на граѓани на ЕУ во земјата, за нејзините хибридни операции во ЕУ и дестабилизирачката улога во регионот на Блискиот Исток, како и за иранските капацитети за нуклеарна технологија.

Покрај, овие теми на заседанието на Советот за надворешни работи ќе се разговара и за тековни прашања, пред се оние поврзани со безбедноста и одбраната и за случувањата во Грузија.

По завршување на заседанието на ФАЦ ќе се одржи состанок на Советот за асоцијација ЕУ-Израел.

Во пресрет на денешниот Совет за надворешни работи, високата претставничка Калас синоќа приреди работна вечера за министрите и за генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини. Во дискусијата за време на вечерата посветена на хуманитарната ситуација на Блискиот Исток преку видео конференциска врска учествуваше и в.д. специјалната координаторка на ОН за блискоисточниот мировен процес на Блискиот Исток и висока претставничка за хуманитарна помош и обнова на Газа, Сигрид Каг.