Девет сезони, почнувајќи од 1965 до 1974 година, Мечкаров беше столб во одбраната на Вардар. Тој ќе остане запаметен по својата борбена и бескомпромисна игра. Одигра 233 првенствени средби во осум прволигашки и една второлигашка сезона
Атанас Мечкаров (1)
Кога ќе се спомене името Атанас Мечкаров-Мечка, кај симпатизерите на Вардар веднаш се враќаат спомените на минатото. Тогаш се буди асоцијацијата на еден од најборбените и најбескомпромисни фудбалери што ги бранеле боите на македонскиот фудбалски бренд.
Со сето она што го покажа бранејќи ги во девет сезони боите на Вардар, без сомнение Мечкаров спаѓа во редот на најблескавите sвезди на миленикот на фудбалската публика и се вгради во неговата историја. Впрочем и одиграните дури 233 првенствени натпревари во деветте сезони, од кои осум беа во прволигашка, а една во второлигашката конкуренција, најубаво зборуваат за каков фудбалер стануваше збор. Нема сомнение оти вардаровата армија на навивачи него го зема за пример каков треба да биде еден фудбалер што ги брани боите на клуб со сите национални обележја. Тоа е неизбежна вистина, зашто во периодот од 1965 до 1974 година тој беше вистински столб во одбраната на Вардар, кој импресионира со својата пожртвуваност и борбеност. Затоа и денеска кога некој сака да опише каков треба да биде играч што настапува за клуб што е миленик на публиката, Мечкаров е вистински пример за тоа. Почитта кон тие благодарни играчи, без оглед на тоа колку години поминале откако настапувале за клубот и одамна ја завршиле кариерата, секогаш кај навивачите буди убави сеќавања. Таков е случајот со Мечкаров, кој заедно со Славко Дацевски, долгогодишниот капитен на Вардар, а подоцна и со Илија Најдоски, се сметаат за најдобрата стоперска тројка во историјата на Вардар.
Аналитичарите, но не само тие, туку сите што внимателно ги следат случувањата во фудбалот, забележаа оти гореспоменатата тројка беше навистина највпечатлива во извршувањето на одбранбените задачи во играта. Секој од нив, се разбира во своето време, беше главен командант во одбраната, Дацевски беше во оној период кога Вардар сериозно зачекоруваше на прволигашката сцена во 50-тите и почетокот на 60-тите години на минатиот век, по него на сцена стапи Мечкаров, кој почнувајќи од 1965 година девет сезони беше алфа и омега во одбраната, за конечно во годините кога Вардар стигна до титулата првак на Југославија во 1987 година на почесното стоперско место во одбраната да застане Илија Најдоски.
Овој пат, користејќи некои статистички податоци ќе се задржам и ќе го претставам Атанас Мечкаров-Мечка, кој навистина со сите свои фудбалски карактеристики, особено со својата борбеност и бескомпромисност, се вгради во вардаровата фудбалска историја. За Мечкаров и денес во круговите на повозрасните фудбалски љубители, кои имаа можност на дело да го гледаат, се зборува не само како за врвен одбранбен играч туку како комплетен играч со чија помош вардаровиот тим, особено одбраната, беспрекорно функционираше. Популарниот Мечкаров навистина остави голема трага зад себе и ќе се памети како еден од најголемите вардарови асови. Интересно е оти тој стана многу популарен и кај пошироката југословенска јавност, па секогаш каде и да гостуваше Вардар, домашните навивачи прашуваа кој е Мечкаров. Можеби поради својата бескомпромисност, а и карактеристичното презиме, тој како да влеваше страв кај противничките фудбалери. Интересно е оти на списокот на популарноста, не само во тоа време туку и денес, во врвот се наоѓаат најчесто напаѓачите, но во случајот со Мечкаров не беше така. Иако не беше напаѓач, тој секаде, каде и да гостуваше Вардар, беше пречекуван како фудбалер од кого може да зависат многу нешта во текот на играта. Затоа не е чудно што неговата популарност во годините кога играше за Вардар беше толку голема.
Почетоците во анонимен клуб
Но да видиме каков беше патот и низ што требаше да помине Мечкаров за да избори пристојно место под „фудбалското сонце“. За разлика од многу деца што пред него, а и по него, беа форсирани од некого (најчесто родителите), со Мечка не беше таква ситуацијата. Тој мораше сам да ја гради кариерата, без ничија помош. Нему најмногу му помогнаа големиот ентузијазам и желбата за докажување.
Во Скопје во средината на минатиот век егзистираа повеќе фудбалски екипи, од кои според резултатите во преден план беа Вардар и Работнички, за подоцна да го привлечат вниманието и други клубови што беа формирани во градските населби и помоќните фабрики. Од сите нив во случајов би го одделил Металец, во чиј состав имаше неколку извонредни поединци. Тука беа Ѓуро Ефтимовски и Бане Ивановски, на кои подоцна им се придружи и нашата фудбалска легенда Атанас Мечкаров, кој отиде најдалеку и стана фудбалер што изгради убава кариера.
– Мора да кажам, сѐ се случи некако спонтано, без и самиот да бидам свесен оти запливувам во фудбалските води. Имено, со училиштето бевме на излет во Сарај. Таму игравме меѓу себе, па јас, кој имав „фудбалско искуство“, играјќи на улица и во училишните дворови во Кисела Вода, доминирав на теренот. Тоа го забележал тренерот на тогашната екипа на ГАСП (Градското сообраќајно претпријатие), која се натпреваруваше во Градската лига. Тој на крајот ми пријде и ме праша дали сакам да станам член на нивниот клуб. Јас реков зошто да не, сметајќи оти ќе имам уште време да размислам. Меѓутоа, што се случи? Автобусот со кој требаше да се вратиме во Скопје се расипа, па тргнавме пешки кон дома. Тогаш, тренерот на ГАСП му се јави на еден член на Управата на клубот, очигледно авторитетен човек и го замоли да испрати автомобил да ги земе него и мене, велејќи му за мене оти сум иден талентиран фудбалер на нивниот клуб. Тоа и се случи, дојде кола и јас и тренерот заминавме за Скопје. Потоа, кога влеговме во градското подрачје, возачот, кој претходно веројатно имаше добиено инструкции, нѐ довезе пред Фотоцентар. Тука набрзина ме сликаа, а потоа отидовме во Фудбалскиот потсојуз на Скопје, каде што веднаш ми беше направена регистрација и издадена натпреварувачка книшка. Така, веќе на првиот следен натпревар можев да настапам за ФК ГАСП. Време за чекање немав, сакав да ги оправдам очекувањата, заиграв добро и на пет-шест натпревари постигнав 18 гола. Тогаш почна да се зборува за мене и веќе некои клубови веднаш сакаа да ме доведат во нивната средина. Така, по кратко време се најдов во Металец, клуб што беше финансиран од МЗТ Скопје. Тука практично почна мојот вистински фудбалски живот – вели тој.
Изненадување за маалските деца
Откако заигра за Металец стана популарен и во маалската средина. За Мечкаров почна сѐ почесто да се зборува, а децата од маалото, кои дотогаш го избегнуваа и не се дружеа многу со него, почнаа да го гледаат со други очи.
– Откако сфатија дека нешто позитивно се случува во мојот живот, го сменија однесувањето и по оние почетни игнорирања почнаа да се дружат со мене. Јас бев изненаден од овој пресврт, но сѐ ми беше јасно. Во почетокот тие не другаруваа со мене зашто јас тешко зборував македонски, бидејќи со семејството, кое потекнуваше од егејскиот крај, поточно од селото Нерет, Леринско, се вративме од Унгарија, каде што се иселивме за време на Граѓанската војна во Грција. Но, со време сѐ дојде на свое место и се почувствував многу посигурно и позадоволно, зашто конечно бев прифатен од средината во која требаше да го продолжам животот со моето семејство – рече тој.
Во периодот кога почнал со редовни тренинзи тоа се одразило и на учењето, па така, таткото на Атанас, незадоволен од неговиот успех во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, го повлекол од неа и го дал на занает. Подоцна, откако за Мечка почнало да се зборува како за перспективен фудбалер, бил вработен во Цементарница, па, така, полека почнале да се местат коцките.
Мечкаров, заедно со староседелците во клубот Ѓуро Ефтимовски и Бане Ивановски, кој беше и голгетер, добро се снајде во Металец и веќе стана јасно оти станува збор за фудбалер што го очекува убава иднина. Тоа му овозможи и да се вработи во МЗТ, зашто познатата фабрика беше главен спонзор на Металец.
Потоа дојдоа уште попријатни мигови во кариерата на Мечкаров. За кратко време тој стана интересен и за Вардар, во кој главен беше Хуго Рушевљанин, познат новинар, а и фудбалски авторитет. Тој се распрашувал за Мечкаров, кого сакал да го види и во Вардар. Таа информација Мечкаров ја добил од Паскал Сетинов, кој целиот живот го помина во администрацијата на клубот, најчесто како благајник. Паскал беше неоткинлив дел од Вардар, па неговиот збор имаше тежина и се слушаше.
– Така, по една средба со Паскал, разбрав оти Вардар, поточно Рушевљанин е заинтересиран за мене. Тој во мене препознал играч што може да му биде многу корисен во одбраната. Јас, искрено, не очекував ваква шанса, но кога веќе ми се понуди, сакав да ја искористам и го напуштив школувањето на Вишата техничка школа во Битола, каде што во меѓувреме се запишав. Се вратив во Скопје и веднаш потпишав договор на четири години без динар да земам од Вардар. Бев задоволен што дојдов во македонскиот фудбалски бренд во кој ќе можев да ја градам мојата фудбалска кариера. А, за пари, помислив сигурно ќе дојдат подоцна, прво да заиграм – вели Мечкаров.
Како се одвиваше понатаму фудбалскиот пат на Атанас Мечкаров, како и за некои доживувања за кои и денес раскажува, ќе читате идната недела.
Атанас Мечкаров
Роден: во 1940 година во селото Нерет (Леринско)
Кариера: ФК ГАСП, Металец, Вардар
Успеси: Одиграни 233 првенствени, со пријателските вкупно 435 натпревари за Вардар, осум сезони во Првата и една во Втората југословенска лига, највисок пласман шесто место во 1968 година, шампион на Втората лига во 1971 година, па преку дополнителни квалификации враќање на Вардар во Првата лига