Фото: Пиксабеј

Просечната должина на еден ден се продолжува за околу 1,8 милисекунда секој век во последните 27.000 години, покажа новото астрономско истражување

Деновите на нашата планета стануваат подолги поради забавувањето на движењето на Земјата околу Сонцето, но ние тешко можеме да го почувствуваме или да го забележиме ова продолжување на времето во текот на нашиот живот. Просечниот ден се продолжува за околу 1,8 милисекунда секој век во последните 27.000 години, покажа новото истражување, објави „Индипендент“.
Новото астрономско истражување, спроведено од пензионираниот астроном во Кралската опсерваторија во Гринич, Лесли Морисон, покажа дека деновите на нашата планета се продолжуваат малку побавно отколку што се мислеше.
– Овие процени се приближни затоа што геолошките сили што ја поттикнуваат ротацијата на Земјата нема нужно да бидат константни во толку долг период. Ледените доби и слични феномени можат да ги нарушат сегашните и некои идни процени – истакна д-р Морисон.
Поради забавувањето на движењето на Земјата околу Сонцето, денот ќе стане подолг за само една минута за 6,7 милиони години.
Претходно, научниците проценуваа дека денот се продолжува за 2,3 милисекунди секој век, врз основа на влијанието на Месечината врз орбитата на Земјата, но новото истражување покажа дека тоа всушност е 1,8 милисекунда. Фактори што влијаат на движењето на нашата планета се Месечината, промените во обликот на Земјата поради намалувањето на поларните капи, електромагнетните интеракции помеѓу обвивката и јадрото и промените во нивото на морето.
Забавувањето на движењето на Земјата е причината зошто многу прецизните часовници мора да се приспособуваат на секои неколку години за да останат синхронизирани.